Пакистан барал од Индија да си го смени името
Пакистан барал од Индија да си го промени името, пред 70 години, кога на крајот од британското колонијално владеење на Индискиот потконтинент, беа создадени две нови држави- Индија и Пакистан, откриваат индиските медиуми , пренесувајќи ја веста на светските агенции за постигнатиот историски договор меѓу Скопје и Атина, околу името на Република Македонија, за што двете соседни земји беа во спор 27 години.
Медиумите во Индија го објаснуваат грчко-македонскиот спор како „еден од најинтригантските спорови за име на држава во светот„ за кој велат дека завршил со компромис, на тој начин што владата во Скопје се согласила на името Република Македонија да го додаде зборот „северна„.
Во индискиот случај, спорот траел пократко, имал поинаква основа , се случувал во сосема различни услови и во друго време, но основата на несогласувањето е слична-а тоа е стравот на едната страна, дека другата, преку името на државата има претензија врз целата територија на поранешната британска, индиска империја. Во 1947 година, водството на штотуку создадената пакистанска, муслиманска држава, затоа и официјално се спротивставило хиндуистичката држава на Индискит потконтинент, да се нарекува Индија.
Пакистан барал, наместо користењето на зборот Индија, втората нова држава, излезена од дотогашната британска империја, да се нарекува Хиндустан. Според Пакистанците, името Индија „ наведува на погрешен заклучок, историски е неточно и е создадено за да предизвикува конфузија„.
Денешните индиски политички аналитичари, анализирајќи го тоа време, не се согласуваат околу мотивите на пакистанската Муслиманска лига и на нејзиниот тогашен лидер Мухамед Али Џинах. Едни сметаат дека спротивставувањето на користењето на името Индија, било последица на позицијата на Џинах дека некогашната британска колонија, по заминувањето на Британците, треба да се организира во лабава федерација, или уште повеќе во конфедерација, наместо да биде поделена на две држави- муслимански Пакистан и на хиндуистички Хиндустан.
Други, пак, проценуваат дека спротивставувањето на Пакистанците било резултат на нивното уверување дека името Индија предизвикувало спорни ситуации и спорење и во рамките на самата Индиска унија.
Зборот Индија, за кои денешните аналитичари велат дека има грчки корени, го определиле Британците, како име за нивната империја на Индискиот потконтинент. Тоа бил и главниот аргумент на неговите противници, кои инсистирале дека зборот Индија има колонијално потекло, па дека тоа име, ставено во услови на новото време и како име на новосоздадената држава , може да наведува дека само таа е наследник на британската империја на потконтинентот. Посебно затоа што термините како индиска армија, или местото во Обединетите нации, како и низа други термини, новосоздадената Индиска унија ги презела од Британците кои ги користеле додека управувале со таа територија, што едноставно и кратко ја нарекувале Британска Индија.
Спорот околу името меѓу пакистанската Муслиманска лига, предводена од Џинах и од индискиот Национален Конгрес, што го предводел Џавархалал Нехру, се решавал низ бројни преговори, на кои како посредник учествувал британскиот лорд Маунтбатен, последнит вице-крал на Индија и во тоа време почесен генерален гувернер на Индија (до изборот на првиот индиски претседател). Кризата во регионот, што ја предизвикал спорот за името, завршил со компромис, така што на името Индија му била додадена и формулацијата Бхарат (Bharat) кое подоцна било внесено и во Уставот на земјата, на хинди јазикот и на англиски.
Медиумите, потсетувајќи на тоа време, сега објаснуваат дека од тогаш Индија не се соочувала со вистински предизвици, кога станува збор нејзиното име. Некои телевизиски канали кои емитуваат вести на хинди јазикот и сега го користат името Бхарат, наместо Индија. Во некои делови од државата , пред 70 години, но и сега , постојано бараат државата да си смени името, односно да го користи само името Бхарат.
Кај Пакистан немало и нема вакви состојби. Зборот „Пакистан„ се има појавено само неколку децении пред да се создаде државата со тоа име, а тоа, пак, не се врзува за никаква етничка група, или заедница под такво име.
(С.С.Г.)