Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Тони Блер – Порастот на популизмот е закана за Европа

Roman Yanushevsky/BigStock.com

Тони Блер – Порастот на популизмот е закана за Европа

Порастот на популизмот во Европа и во ЕУ, претставува закана за континетот и ризик тој да се врати во триесетите години на 20 век, кога на европско тло беа создадени фашизмот во Италија и нацизмот во Германија- рекол поранешниот британски премиер Тони Блер, во предавање одржано во угледниот лондонски институт „Чатам Хауз„.

Ваквото предупредување на Блер доаѓа по успехот на популистите на последните италијански парламентарни избори, на кои најмногу гласови освоија популистичките „Пет ѕвезди„ и десничарската партија Лига ( поранешна Лига Норд) , но и по успехот на изборите во Германија на тамошната крајно десничарска партија , која за прв пат по крајот на Втората Светска војна влезе во Бундестагот  , потоа  во Австрија, па со успехот на крајната десница во Холандија, нејзиниот подем во некои скандинавски земји, како и на високиот процент гласови што го добива лидерот на француската крајна десница Марин Ле Пен. Пораст на националистичкото десничарење се забележува и во земјите од некогашна комунистичка Европа, пред се во Унгарија и Полска, а заедничко на сите нив, на Западот и на Истокот,  им е користењето на популизмот, како магнет за привлекување на гласачите , национализмот, кокетирањето со расизмот и омразата и продавањето на ксенофобијата како некаков „чудотворен лек„ за проблемите во тамошните општества.

Блер не ја елаборира ситуацијата во сите средини кои им подлегнаа на популизмот на локалните десничарски партии,  затоа што неговото предавање беше посветено на состојбите во Велика Британија, која две години по референдумот за ЕУ и тесната победа на оние кои беа за Брегзит, остана заглавена и политички блокирана со процесот за излегувањето од Унијата и со правањето договор со Брисел, при што во втор план останаа сите други прашања. Но неговото предупредување од загрижувачкиот пораст на популизмот ( и десничарењето) низ европскиот континент, се однесува и на британските состојби, пред и по референдумот од јуни 2016 година.

Во Британија, навистина, нема десничарски партии од типот на оние кои со своето однесување и програми и се закануваат на европската стабилност, ако во тоа друштво не се стави сега веќе маргинализираната десничарска  Партија на независност на Обединетото кралство (УКИП) што времето околу референдумот ја водеше , се уште актуелниот, европратеник Најџел Фараж. Барем нема такви партии во власта или блиску до неа, ниту пак, било која таква партија се наоѓа во британскиот Парламент, или во шкотскиот Парламент и собранијата на Велс и Северна Ирска. Сепак, десницата и десничарењето, сместено во редовите на Конзервативната партија, заедно со УКИП и силната подршка на антиевропските , тиражни, лондонски таблоиди, создадоа клима на омраза кон странците, посебно кон мигрантите од источните земји , сега членки на ЕУ, обележувајќи ги (сосема неоправдано) како злото во британското општество и како основа за распалување на екстремен евроскептицизам. Тоа најсилно беше регистрирано во Англија, во внатрешноста на најнаселениот дел од Обединетото Кралство, што натурализираните Британци и неутралните посматрачи го означија како „експлозија„ на англискиот национализам.

Две години подоцна , атмосферата е посмирена, иако најтврдите „брегзитери„ (промоторите за излез од ЕУ по секоја цена) како и ним блиските медиуми, посебно проториевските весници,  продолжуваат да се пресметуваат со ЕУ, со сите кои заговараат останување на Британија во Унијата, каде членува уште од 1973 година,  одржувајќи го силниот евроскептицизам во домашната јавност, во услови кога владата на актуелниот премиер Тереза Меј , на девет месеци пред напуштањето на ЕУ се уште неможе да обезбеди консензус во министерскиот и ториевскиот претнички состав во Долниот дом на Вестминстер, за договор со Брисел.

Едната , тврда, опција е Британија да си оди од Унијата без било каков договор. Тоа се погласно се слуша од редовите на „брегзитерите„ што ја предводи шефот на британскиот Форин Офис , Борис Џонсон кои уште од почетокот инсистираат дека на земјата не и треба да се спогодува со ЕУ, дека е доволно моќна и авторитетна во меѓународната јавност, за да „плови„ самата , безмалку како да е во времето на империјална Британија. Другата опција, што во медиумите во Лондон се означува како „мека„ ја предводи министерот за финансии, Филип Хамонд кој заговара договор со Унијата и (се верува)  останување на Британците во единствениот пазар на ЕУ и во Царинската Унија, оправдувајќи го тоа со заканата за домашната економија, за инвестициите, а псебно за финанскиот сектор и лондонскиот Сити, доколку не се постигне договор, пред излегувањето од ЕУ, предвидено за крајот на март следната 2019 година. Премиерот Меј, не се определува категорично за некоја од овие опции, но десницата во нејзината партија ја обвинува дека е поблиска до Хамонд, па од време , на време и се заканува со внатре партиски пуч.

На последниот Самит на ЕУ во Брисел, посветен за миграцијата,  како закана за растот на популизмот во ЕУ и во Европа, на кој беше и Меј, претседателот на Европската кмисија Жан Клод Јункер,  изјави дека разговорите со Лондон за Брегзит не може да продолжат, додека Британците не ја определат својата конечна позиција. Главниот европски преговарач, Мишел Барние , пак, открива дека се уште има големи разлики со Британија околу Брегзит. На сето тоа,  „брегзитерите„ само обвинуваат дека Брисел „ги уценува Британците„.

Поранешниот британски премиер Блер, познат подржувач на европеизмот, на европското обединување и на ширењето на ЕУ, затоа сега и предлага на владата на Меј да го одложи определениот датум за  излегување од ЕУ, за подоцна и сугерира организирање втор референдум во Британија, за договорот што ќе го постигнат Лондон и Брисел. Тој и замера на Меј дека се претворила во „заробеник„  на Брегзит, а во истовреме го критикува лидерот на неговата Лабуристичка партија, левичарот Џереми Корбин дека не ја користи ситуцаијата што ја создаваат ториевците околу напуштањето на Унијата, за да се постави како предводник на битката за иднината на Британија.

„Никогаш не сум бил позагрижен за иднината на Британија, од сега, затоа што имаме влада чиј секој нејзнин потег е искалкулиран , не за тоа што тој значи за државата, туку за разните фракции во Конзервативната партија и за постигнувањето баланс меѓу нив„- рекол Блер во „Чатам Хауз„ и објаснил дека токму поради тоа бара нов референдум, на кој граѓаните овојпат ќе одлучуваат  за тоа која верзија од Брегзит ја сакаат, или пак , уште повеќе-  после се што се случува изминативе две години, дали сакаат нивната земја, сепак, да остане во Унијата.

Последните мерења на расположението на гласачите, покажуваат дека земјата и натаму е  длабоко поделена околу Брегзит и дека засега Британците ги немаат променето  позициите на кои беа и во јуни 2016 година. Блер, меѓутоа, продолжува да уверува дека Брегзит е штетен за Британија, не само за домашната економија и посебно за нејзиното население, туку и политички, затоа што ја остава  земјата настрана и изолирана од Европа и случувањата на континентот. Според поранешниот премиер, Лондон ќе ја загуби позицијата што сега ја има на најголемиот трговски пазар во светот (ЕУ) и на најголемата светска Унија. Во новите услови, САД ќе го загубат својот најголем сојузник во ЕУ, што со децении важеше за мост меѓу двете сојузнички страни на Атлантикот.

Брегзитерите уверуваат дека ништо после март 2019 нема да се промени на полошо, особено во односите со САД, но Блер тврди дека тоа се „нереални приказни„ и посочува на сегашните британско-американски односи. За  нив  вели дека се дури и позаладени од порано , потсетувајќи дека  новиот американски претседател Доналд Трамп , по влегувањето во Белата куќа, првиот телефонски разговор , како шеф на државата, не го направи со британскиот премиер, како што тоа досега беше обичај.

(Д.Л.)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе