Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Путин сват на политичка свадба во Австрија

vverve/BigStock.com

Путин сват на политичка свадба во Австрија

Рускиот претседател Владимир Путин беше гостин-сват на венчавката на актуелниот министер за надворешни работи  Карин Кнајсл (53) со еден австриски бизнисмен. Таа го поканила Путин да дојде на нејзината свадба, кога рускиот претседател престојувал во Австрија, на почетокот од годинава. Тој ја прифатил поканата и на венчавката во една винарија, во јужната австриска провинција Стириа (Штаерска) допатувал со помал мешовит хор Козаци, кој ги забавувал гостите. Според она што се знае и што австриските медиуми објавија, Путин кој повеќе години е разведен , но се тврди дека не живее сам, во еден момент танцувал со невестата.

Путин на младенците и на гостите им се обратил на германски јазик што тој течно го зборува уште од времето на комунизмот , Советскиот  Сојуз и поделена Европа, кога како висок функционер на разузнавачката агенција КГБ, бил стациониран во Дрезден, во тогашната Источна Германија.

Неговото присуство на венчавката на министерката која е член на коалиционата влада на Австрија, кандидирана од крајната десница, која сега е дел од кабинетот на премиерот Себастијан Курц, иако таа не е политичарка , туку професорка и во владата е како независна, предизвика бранување во домашната и европската јавност.

Австриската опозиција, сепак,  главно,  остана воздржана поради поканата и присуството на Путин на свадбата. Но, партијата на Зелените изрази остар протест, затоа што доаѓањето на Путин, иако како сват на свадба, било спротивно на позицијата на надворешната политика на ЕУ кон Русија (поради настаните во Украина и Сирија) , па високи партиски функционери побараа од Кнајсл да поднесе оставка. Весниците не веруваат во тоа и тврдат дека Путин, всушност, поканата ја има добиено преку сопругот на министерката, кој како и рускиот претседател е страствен џудист.

Венчавката што се одржа на 18 август, беше уредена во малото место Гамлиц, блиску до словенечката граница, во австрискиот дел на регионот кој Словенците го нарекуваат Штаерска, а Австријанците Стириа. Во времето на поранешна Југославија, соседските односи меѓу тогашната ЈУ федерација и Австрија , повремено, стануваа затегнати, поради силниот отпор на австриската крајна десница, која традиционално е многу бројна и активна во овој регион, да им се признаат малцинските права на Словенците кои живеат на австриска територија.

Проблемите се надминаа откако Словенија стана членка на ЕУ па меѓу двете земји повеќе нема граница. Некогашните малцински права, сега се дел од индивидуалните човекови права, како и насекаде меѓу земјите членки на Унијата, а остана секој да го нарекува регионот како што се нарекува на секој од јазиците. Тоа истото се однесува и за топонимијата која е двојазична.

(А.К.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе