Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

РПЦ му се заканува на Вселенскиот Патријарх

scaliger/BigStock.com

РПЦ му се заканува на Вселенскиот Патријарх

Руската православна црква (РПЦ) му се закани со одмазда на цариградскиот Вселенски Патријарх, доколку дозволи Украинската православна црква да ги раскине духовните врски  со Москва, а според тоа и да стави крај на руското религиозно управување во Украина- пренесуваат локалните и западните медиуми.

Рускиот митрополит Хиларион, кој важи за „шеф на дипломатијата„ на РПЦ, затоа што раководи со одделот за надворешни односи на црквата, изјавил дека доколку киевскиот патријарх Филарион биде признаен – „ние (Москва) ќе немаме друг избор , освен да ги прекинеме односите со Константинопол„.

Во изјавата Хиларион отворено го обвинил Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, дека дејствува „ подмолно и предавнички„.

РПЦ е дамнешен противник на Вселенската Патријаршија, сместена во еден дел од  некогашен Константинопол, денешен Истанбул , со која води борба за превласт и за тоа кој да ги предводи православните христијани во светот, но Вартоломеј од секогаш се означува како  прв меѓу еднаквите кај православните верски лидери, па според тоа, хиерарсиски е поставен и над рускиот патријарх Кирил.

Невообичаено остриот и груб напад врз Вартоломеј од еден митрополит, доаѓа затоа што во следните неколку месеци, Вселенскиот Патријарх  треба да одлучи по барањето на Украина, да ги раскине своите досегашни црковни врски со Русија и да формира своја, автокефална, независна црква. Повод за ваквата реакција, пак, е најден во одлуката на Вартоломеј да испрати во Киев двајца свои пратеници- епископи, што се смета како чекор кон прифаќањето на украинската автокефалност.

Во објаснувањето на Патријаршијата се вели дека двајцата епископи патуваат во Украина како дел од подготовките за доделувањето статус на незвисна на тамошната црква.

Рускиот патријарх Кирил , по тој повод, рекол дека одделувањето на украинската црква, од руската „ води кон една општоправославна катастрофа„. Митрополитот Хиларион ваквата изјава на Кирил ја доразработува, со натамошни навреди кон Вартоломеј.

„Кога некој дрско, отворено и цинично се меша во работите на една локална ( мисли на украинската) црква , тогаш тој (Вартоломеј) создава не само безнадежна ситуација , туку и му се заканува на другиот дел од светот со шизма„- изјавил Хиларион за московските медиуми.

РПЦ инсистира дека само таа може да има авторитет и да управува со православната црква во Украина.

Многу украински свештеници, меѓутоа, ја отфрлаат власта на Москва и на рускиот патријарх , особено откако земјата стана независна држава по распадот на поранешен СССР. Тие имаат создадено и своја, посебна украинска православна црква, предводена од киевскиот патријарх Филарион.   Тој дел од Украинците, особно се зголеми по силниот гнев во тамошната јавност , од  руската интервенција на Крим , анексијата на полуостровот и помагањето на бунтовниците во источна Украина, по настаните во пролета 2014 година. Сега тие бараат нивната црква да биде формално прифатена и автокефална. Проблемот на Украина е што сите свештеници, па и верници, не се единствени во тоа барање. Дел од нив, останаа и натаму лојални на РПЦ и на нејзината власт во Украина, особено во источните делови на земјата,  во  сепаратистичките провинции Луганск и Донецк.

Религиозни експерти и познавачи на состојбите во православниот свет проценуваат дека каква и да биде одлуката на Вселенската патријаршија и на Вартоломеј, поделеноста и разликите во Украина, како и меѓу РПЦ и Патријаршијата, ќе останат , но дека евентуалното давање автокефалност на Киев ќе претставува силен удар врз РПЦ и нејзиниот духовно-црковен авторитет кај православните христијани.

Митрополитот Хиларион  е познат по тоа  што секаде и во секоја прилика силно ја промовира  политиката на РПЦ црква- предводничка во борбата на Москва за превласт со Вселенската Патријаршија, па тоа го прави на Балканот. Тој (  и РПЦ) се спротивставија на тоа Бугарската православна црква (БПЦ) да и стане црква- мајка на Македонската православна црква во нејзината долгогодишна борба за признавање на автокефалноста. Во интервју за еден српски весник, издание на тамошната црква, Хиларион ја отфрли можноста БПЦ да се меша во овој  црковен спор на Белград и Скопје, порачувајќи им и на бугарската и на македонската црква дека „само Српската православна црква е надлежна околу статусот на црквата во Македонија„  која рускиот митрополит ја нарекува „таканаречената МПЦ„.

(Р.Ц.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе