Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Брегзит во цајтнот

Jorisvo/BigStock.com

Брегзит во цајтнот

Лидерите на ЕУ ја предупредија Велика Британија дека времето за постигнување договор на Брисел и Лондон, околу Брегзит, забрзано истекува. На Самитот на Унијата во Салцбург е речено дека се уште нема никаков договор поврзан со британската одлука да ја напушти ЕУ, вклучувајќи го и решението за тоа како ќе се прават гранични и царински проверки на границата меѓу Република Ирска и Северна Ирска. Станува збор за гранична линија од над 500 километри и таа единствената што на копно ќе ги раздвојува ЕУ и Британија, откако Британците ќе си заминат.

Британија и формално ќе ја напушти Унијата на 29 март идната, 2019 година. Првично, сите договори околу „разводот„ по 45 гoдини членство во ЕУ (порано ЕЕЗ), требаше да се комплетираат до октомври годинава, но сега рокот е поместен до крајот на ноември. Двете страни меѓусебно си префрлаат за неуспехот и за развлечените преговори.

Официјален Лондон и натаму смета дека Брисел „сака да ја уценува Британија„ особено сега кога преговарачкиот процес е во „цајтнот„. Другата страна, меѓутоа,  и натаму е на ставот дека Британците кои самите одлучија да заминат, не може да се однесуваат егоистички. Односно, дека не може да сакаат да ги зачуваат благодетите што досега ги имаат користено – како заедничкиот пазар и отворениот пристап на него – што ќе рече она што ним им одговара – а да ги отфрлат принципите и стандардите на кои се темели ЕУ.

Владата на премиерот Тереза Меј, освен тоа, има внатрешни проблеми со „тврдите брегзитери„ во владиниот состав и во претеничките редови кои не сакаат никаков договор и силно притискаат да не се инсистира на „дил по секоја„ цена, уверувајќи ја домашната евроскептична јавност дека Британија е доволно голема и моќна за да сама и надвор од Унијата си обезбеди „исто така моќна позиција„ во меѓународната економска и политичка јавност. Гласачите , а тоа се повеќето возрасни луѓе и пензионери во Англија, традицинално евроскпетични , се уште веруваат во една таква приказна, иако не само странските експерти, туку и домашните, како и меѓунардните инвеститори сугерираат Лондон и Брисел, секако, да обезбедат договор околу Брегзит.

Дел од банките, сега стационирани во лондонскиот финансиски центар Сити, од каде практично, досега, се управуваше со европската економија, навестуваат преселба од Лондон на континентот, особено ако не се постигне договор. Изминатит денови „Панасоник„ и „БМВ„  најавија дека ќе ги повлечат своите главни штабови, во некоја од земјите на европскиот континент, а други дека исчекуваат да видат што ќе се случи до крајот на ноември.

Меј и нејзиниот министер за финансии Филип Хамонд, настојуваат да најдат компромисна солуција, што ќе ги задоволи оние од тврдото крило на Конзервативната партија, предводени од екс министерот за надворешни работи, Борис Џонсон, како и преговарачите на ЕУ, на чело со Мишел Барније. Засега Меј има малку успех, но во Салцбург, таа во своето десетминутно обраќање пред другите 27 европски лидери, има навестено дека Лондон сака договор и дека работи на него. Понудата на британскиот премиер за тоа како би се одвивала идната соработка меѓу Британија и ЕУ,  претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер ја има оквалификувано како „интересна„ без притоа да даде објаснување за што станува збор.

Британците , сакаат по секоја цена да го задржат статусот на Сити што тој досега го има изградено , но прашање е дали е тоа воопшто можно.  Лондон, продолжува да инсистира дека нема да остане дел од заедничкиот пазар и во царинската унија на ЕУ, затоа што доколку го направи тоа, ќе мора да се продржува и со политиката на отворена врата за мигрантите од земјите на Унијата, што Британија не го прифаќа и поради што се определи за Брегзит и развод , а од Брисел, но и од  сите земји членки се порачува дека не може на Британците да им се дозволи да ги толкуваат европските прописи, како што тоа ни им се допаѓа .  Во секој случај, преселбата на Сити, па макар и делумна,  од Лондон во Франкфурт , или во Париз, како што тоа го посакуваат Германија и Франција, ќе има последици не само врз британската економија и финансиите, поради можното ( и очекувано) бегство на инвеститорите, туку и врз обичните луѓе.

Во Салцбург двајца премиери, отворено им порачаа на Британците дека „се уште има време да го сменат мислењето„ околу напуштањето на ЕУ. Премиерот на Малта, Џозеф Мускат изјавил дека „најголемиот број од европските премиери се надеваат да се случи нешто невозможно„ и дека ќе има второ гласање околу Унијата и Британија. Чешкиот премиер Андреј Бабис, пак, има речено дека на еден втор референдум Британците би можеле да се предомислат околу Брегзит.

Премиерот Тереза Меј, меѓутоа, ги отфрли одново таквите изјави, порачувајќи дека „нема шанси да  продолжи членството на Британија во ЕУ„.

(Д.А.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе