Лекции за дестабилизација
Уште еден руски амбасадор низ балканскиот регион, се замеша во македонската одлука за членството на државата во НАТО и подоцна во ЕУ, подучувајќи не, што е добро, а што е лошо за Македонија. Последен во таа нова политика на Москва, директно да се меша во македонските внатрешни работи, е рускиот амбасадор во Тирана, Александар Карпушин. Според албанските медиуми, тој од градот Корча, блиску до албанско-македонско-грчкото тромеѓе , ни прати порака дека „Македонија не треба да брза со членството во НАТО“ , а во исто време дека Русија не се мешала во нашите внатрешни работи. Потоа, дека за НАТО , што официјално е главната причина што руски дипломати и тајни оперативци роварат по Македонија, но и за името (договорт од Преспа) – требало да одлучи народот. За оние што малку подолго паметат, ваквата лекција на амбасадорот е налик на лекциите од Москва, во времето на Советскиот Сојуз. А тие не беа, а не се ни сегашниве, советодавни, туку диктат, со закана- ако не послушаш, ние ќе правиме се што можеме, да ви создадеме проблеми- вам, ама и на другите околу вас и посебно на тие во регионот, што ве подржуваат. Со двојно зголемен персонал во Скопје, руската амбасада секако знае дека над 77 отсто од народот (граѓаните во земјата) на последното истражување пред референдумот од 30 септември, се определиле за членството во НАТО. Од друга страна, прашањето за договорт околу името, со соседна Грција, е последната работа, за која Москва треба да се интересира, зашто тоа е само НАШ избор кој со ништо не ја тангира Русија. Ако Карпушин, притоа, мисли на референдумот, како руски дипломат секако знае како е дојдено до исходот на кој алудира, со бојкотот на македонските националисти, по неуспехот да се испазарат за ослободување на нивниот осуден лидер. А за немешањето на Москва, во македонските работи, да не зборуваме- зашто изјавите што ги има дадено во Корча, самите го демантираат. Остана уште, амбасадорот да објасни – кога тоа ние треба да побараме дозвола од Русија за членство во Алијансата, потоа, зашто баш од неа, кога никогаш досега не сме биле во нејзината зона на стратешки интерес и , конечно, до кога да чекаме, зашто е очигледно дека нашиве сегашни амбиции- влез во НАТО, до средината на 2019 година- на Карпушин му изгледаат избрзани. Сигурно, нема да има одговор, но случано или не, лекцијата на овој дипломат, доаѓа по предупредувањето на познатиот американски аналитичар Јанош Бугајски, експерт за Балканот и познавач на руските (советските) состојби, за тоа дека Русија на Македонија гледа како на свое ново упориште на Балканот, покрај она во Србија. Тој смета дека ако Москва успее да ја блокира Македонија, за што интензивно работи, тогаш Европа ќе се соочи со повторна дестабилизацијана регионот и со ново зголемување на меѓунационалните тензии, во самата Македонија и околу неа.
Романците ги изненадија конзервативците
Два дена во Романија се одржуваше референдум за тоа дали забраната за геј-бракови да се најде во Уставот на земјата, или работите да останат како што се сега. Домашните конзервативци, подржани од романската православна црква и владеачките Социјалдемократи, беа за менување на Уставот, со внесување амандман во кој изричито ќе се дефинира дека брак може да биде само заедница на маж и на жена. Во Уставот сега стои категоријата „сопружници“. Референдумот,меѓутоа, не помина, затоа што само една петина од гласачкото тело од 19 милиони гласачи, одлучи да се определува за ова прашање. Другите не излегоа на гласање, па не се ниту знае што тие навистина мислат. Цензусот за успех, во Романија изнесува 30 отсто. Во случајов, сепак, нема ни победници, а ни поразени, зашто оваа земја е тврдо определена против геј заедницата, па таму е нелегално и постоењето на „граѓанско (цивилно) партнерство “ на лица од ист пол, додека за можноста таа да прерасне во „брак“- не се ниту зборува. Посматрачите во Букурешет , ваквиот исход од непотребниот советодавен референдум, го сметаат за изненадување. Тие забележуваат дека се очекувал „триумф на конзервативизмот“ а не ваков бојкот чиј исход сега може да се толкува на разни начини.
Националистичката реторика на Самарас
Поранешниот лидер на грчката опозициска Нова Демократија, Андонис Самарас кој сега е само пратеник, во обраќање пред бизнисмени во Кавала, го покажал своето добро познато, националистичко лице, дисквалификувајќи ја македонската нација, нејзиниот јазик и посебност, означувајќи ги како „непостоечка категорија„. Од него тоа и не е никакво изнедување, зашто пред 27 години тој (тогаш министер за надворешни работи во владата на Константин Мицотакис, таткото на сегашниот лидер на оваа партија Киријакос Мицотакис) се закануваше од Атина, дека „Грција никогаш нема да прифати и признае нова држава на својата северна граница“, мислејќи на Република Македонија , по распадот на Југославија. Сега тој се нафрли врз договорот од Преспа , омаловажувајќи ја македонската посебност во стилот на фашистите од Златна Зора и разните други грчки ултра националистички групи и организации и осудувајќи го актуелниот премиер Алексис Ципрас, како (наводно) најголемиот грчки предавник. „Вината„ на Ципрас била што тој бил „првиот грчки политичар што ги признал македонскиот идентитет, националност и јазик“. Тоа според Самарас ќе го покренел иредентизмот во Грција (мисли во северниот дел од државата, што сега се означува како Централна Македонија) па дури луѓето ќе морале да го учат и јазикот на „скопјаните“. Тој се заканува дека ако и помине договорот од Преспа, некоја друга грчка влада, ќе морало да го менува, или да се повлече од него, зашто меѓу другото тој ја доведувал Грција во понеповолна ситуација од Бугарија !? Самарас прави свои конструкции дека на својот пат кон ЕУ, Македонија ќе мора да преговара со ЕУ (па и со владата во Атина) и дека тогаш Атина „не ќе можела да диктира услови“ зашто би била ограничена од преспанскиот договор, додека Софија би можела да стави дури и вето. Целата оваа националистичка тирада на еден , еднаш отфрлен политичар, е сместена во грчката политичка атмосфера, за евро-изборите во мај и за грчките парламентарни избори, пред крајот на 2019 година. Но, колку и да е тоа рабта за внатрешни потреби, Самарас кого овдешните националисти го обожуваа, додека беше власт, зашто им одговараше да има замрзнување на преговорите за името, тој сега убаво им испрати „шлаканица“ на македонските националисти, т.н. егејски гласачи, овдешната руска партија и на нејзините работодавачи од Москва, покажувајќи ја уште еднаш суштината на „Преспа“- дека овој договор ги потврдува македонскиот идентитет и посебност, а не ги негира и брише. Националистот Самарас на тие како него, овде во Македонија им потврдува од Кавала, во Западна Тракија дека – Македонија останува Македонија – покажувајќи колку многу лаги, невистини, измислци и лажна пропаганда се употребуваат за да се сокрие вистината дека договорот Ципрас- Заев е навистина историски и за двете држави.
Претседателот на Интерпол е во затвор
Доскорешниот претседател на Интерпол Менг Хонгвеј се наоѓа во затвор, во Кина, обвинет за вмешаност во корупциска афера, чии детали не се откриваат. Во меѓувреме, од седиштето на Интерпол во Лион беше соопштено дека тој од Кина испратил писмо со оставка на функцијата. Негов наследник, до истекот на мандатот во 2020 година ќе биде досегашниот потпретседател, Јужнокореанецот Ким Јонг Јанг. Рсплет во ситуацијата околу Хонгвеј дојде откако кинеските власти соопштија дека тој е притворен, веднаш по пристигнувањето во Кина, во врска со случај поврзан со времето додека бил заменик министер во кинеската влада. Претходно, за него десетина денови не се знаеше ништо, а неговата сопруга, од Франција покрена тревога, тврдејќи дека откако отпатувал за Кина, од него нема никаков глас. Медиумите во Европа, тврдеа прво дека е киднапиран, а први за можност тој да е во затвор, зборуваа медиумите во Хонгконг кој обично важат за добро информирани за кинеските состојби.