Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Нетанијаху: Не се плашиме од руските ракети

BigStock/Roman Yanushevsky

Нетанијаху: Не се плашиме од руските ракети

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанијаху изјавил дека ќе се продолжи со нападите врз цели на сириската територија и покрај одлуката на Москва да и испорача на Сирија, усовршен ракетен систем за против-воздушна одбрана. Според израелските медиуми, тој рекол дека Израел не се плаши од руските ракети и дека тие нема да го спречат во борбата против оние кои сакаат да ја уништат државата. „За нас е опасно , Иран воено да се зацврсне во Сирија, преку која потоа, ќе му испорачува оружје на својот сојузник во Либан, екстремистичката организација Хезболах“- рекол Нетанијаху, додавајќи дека се војува против Иран и неговите сојузници , затоа што тие сакаат Израел да не постои. Иран и Хезболах се силни подржувачи на сирискиот претседател Башир ал Асад во седумгодишната граѓанска војна, заедно со Русија и руската армија кои успеаја да го спасат тој и натаму да остане на власт во Дамаск. Во досегашниот тек на војувањата во Сирија, израелските авиони имаат извршено стотици борбени летови врз цели, за кои Израелците тврдат дека се позиции на Иран и на Хезболах, но и врз цели на сириската армија. Во еден од таквите напади, беше соборен руски авион, опремен со техника за надгледување и шпионирање, во кој загинаа 15 руски војници и воен персонал. За инцидентот Москва го обвини Израел, за кого има речено дека е „индиректно виновен„ за соборувањето, иако авионот беше погоден од ракета што ја имаат лансирано сириските ракетни единици. Тие, всушност,  стрелале кон израелските борбени авиони кои, пак,  во тој момент се нашле на истата воздушна патека со рускиот авион. Руските власти ги обиниле Израелците дека тоа го сториле намерно, настојувајќи да го искористат рускиот авион како своевиден штит за помалите, борбени израелски авиони. Тешкиот инцидент предизвика криза во односите меѓу Москва и Ерусалим, а од тогаш, Израел ги има прекинато воздушните напади врз сириската територија. Најавата на Нетанијаху дека ќе се продолжи со нападите, иако сириската армија сега има нова руска ракетна одбрана, доаѓа по посетата на рускиот заменик премиер Максим Акимов на Израел, во обид да се изгладат работите, колку е тоа можно, но и за да се спречат слични инциденти. „ Нашата намера да продлжиме со нападите во Сирија му ја соопштив и на рускиот заменик премиер“- им изјавил израелскиот премиер на новинарите.

Тејлор Свифт се определи за демократите во САД

Американската пејачка ѕвезда Тејлор Свифт, предизвика бура во тамошната политичка јавност, откако  соопшти дека се определила за Демократската партија и за нејзините кандидати за сенатор и конгресмен, во сојузната држава Тенеси , за претстојните делумни избори за Конгресот. Свифт е по потекло од Тенеси и таму оди да гласа. Медиумите во САД забележуваат дека ова е прв пат, 28 годишната пејачка да се вклучи во домашната политика и откриваат дека таквиот нејзин чекор го „налутил претседателот Трамп“. Во текот на доделувањето на американските музички награди, Свифт одржала кус говор во кој ги повикала присутните во салата и тв гледачите, за време на изборите да не седат дома, туку да излезат да гласаат. „Излезете и гласајте, тоа е она што треба да го направите“- порачала Свифт. На својата страница на Инстаграм таа го објаснила својот потег, со целосното неслагање со кандидатурата за сенатор на една жена- републиканец, омилен кандидат на претседателот Доналд Трамп, затоа што со своето досегашно политичко дејствување таа секогаш била против жените и нивните права. „Таа не може да биде сенатор од Тенеси, зашто гласаше против изедначувањето на жените со мажите околу платите, а потоа беше и против законот за заштита на жените од насилството во семејството, од силување и од следење. Секогаш гласав за женските кандидати, но оваа жена никако не можам да ја подржам “- рекла Свифт на Инстаграм, каде инаку има 112 милиони подржувачи. Трамп кој порано има изјавено дека пејачката го воодушевува и дека ја обожува, сега на својот Твитер само забележал- сега нејзината музика ја сакам 25 проценти помалку. Но, за разлика од претседателот, Свифт има примено голем број честитки и нови подржувачи од познати личности во музичкиот свет, како и од пејачката Кејти Пери. Покрај Тејлор Свифт својата политичка определеност ја соопшти и Мајкл Блумберг, милијардер од Њујорк. Тој објави дека станал член на Демократската партија на САД. Како градоначалник на Њујорк тој беше републиканец, подоцна се прогласи за независен, а сега целосно ја промени политичката страна. Блумберг и како републиканец, важеше за либерален политичар, секогаш поблиску до позициите на демократите, отколку на републиканците.

ЕУ: Пељешачкиот мост ќе продолжи да се гради

ЕУ и Европската комисија соопштиле дека ја подржуваат изградбата на Пељешачкиот мост во Хрватска , во што  Брисел е вклучен со пари од фондовите на Унијата, па  започнатите работи нема да запрат и покрај засилените несогласувања меѓу Сараево и Загреб околу целиот проект. „ Мостот како проект е одобрен и тој ќе се реализира како што е планирано. Станува збор за гранично прашање (на две соседни држави) за што ние не сме надлежни, но Брисел е упатен во целата ситуација. Ги имаме сите  информации за мосотот и тој ќе продолжи да се гради“- изјавил за хрватските медиуми, претставник на ЕУ. Властите во Сараево најавија тужба против Хрватска  за (наводно) прекршување на поморското право, со правото на БиХ за излез на море. Босна и Херцеговина претходно бара договор со Загреб околу утврдувањето на поморската граница. Тензиите меѓу Сараево и Загреб се зголемија откако новозибраниот член на Претседателството на БиХ , од редот на локалните Хрвати, Жељко Комшиќ, ја подржа намерата за тужба на Хрватска околу мостот и за блокирање на веќе започнатите градежни работи. Зад идејата за тужба против Загреб,  стојат муслиманите ( Бошњаците) во БиХ на кои сега им се приклучува и вториот член од тричленото Претседателство на државата. Третиот член, од после изборите,  е Србинот Милорад Додик, а тој (барем досега)  не беше на страната на муслиманите и беше постојано во расправија со досегашниот муслимански претставник во Претседателството, Бакија Изетбеговиќ  . Човиќ уште на стартот од својт мандат, влезе во конфликт со Хрватска, обвинувајќи го Загреб дека со брзањето со мостот „бега и од спогодбата меѓу поранешните претседатели Фрањо Туѓман и Алија Изетбеговиќ за морската граница“. Во времето на Југославија, БиХ имаше добиено свој излез на Јадранско Море, прекинувајќи ја во еден појас, хрватската територија. По распадот на поранешната сојузна држава, двете некогашни  републики, како независни држави се имаат спогодени околу таа територија – да и остане и натаму на БиХ а хрватските државјани, да транзитираат кон југот на својата држава, практично, минувајќи преку странска територија. Со изградбата на мост меѓу полуостровот Пељешец и копното, трајно ќе се надмине таквата ситуација, а Хрватска ќе биде директно поврзана со дубровничкиот регион. Идејата за мост е од постар датум, но со влегувањето на Хрватска во ЕУ, таа ја има целосната подршка на Унијата за овој проект. Градежните работи се започнати на крајот од јули годинава, а според планот мостот треба да биде завршен во 2022 година.

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе