Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Италијанските популисти против еврозоната

dennizn/BigStock.com

Италијанските популисти против еврозоната

Италијанските популисти, од редовите на Пет Ѕвезди и десничарската Лига, кои сега ја сочинуваат коалиционата влада на Италија, се судрија со Европската комисија откако Брисел, за прв пат досега, не прифати буџет на една земја членка и побара од Рим , да го преработи и да усклади според стандардите кои ги има поставено еврозоната. Реакцијата на Брисел доаѓа откако италијанската влада го измени буџетот, настојувајќи да го прилагоди на популистичките ветувања што овие две, некогаш маргинални партии на политичката сцена на земјата, им ги даваа на гласачите на последните парламентарни избори.

Без консултации и согласност  на Еврокомисијата, двајцата потпретседатели на владата кои доаѓаат од овие две партии, успеаја да добијат согласност и во италијанскиот Парламент за изменетиот буџет, според кој е предвидено зголемување на јавната потрошувачка во Италија за три пати над  нивото определено од претходната влада. Станува збор за пораст на италијанскиот јавен долг од 2,4 отсто, што според премиерот Џузепе Конте кој е вонпартиска личност, не е страшно, затоа што таквата ревизија и натаму е под дозволениот максимум за буџетски дефицит од 3 отсто.

Европската Комисија, меѓутоа, предупредува дека доколку Италијанците останат на таа своја намера, може да се предизвика нова должничка криза во Италија, која и онака е презадолжена и е на второ место по процентот на долговите во домашниот БНП, но да ја потресе и финансиската ситуација во целата еврозона. Брисел стравува дека би можело да се повтори грчкото сценарио и примерот на Грција, која дури годинава, по десет години, излезе од bailed , програмата за финансиско спасување , иако оваа земја и натаму останува со најголемо учество долгот на тамошниот БНП.

Италијанскиот министер за финансии Џовани Триа кој исто така не е дел од ниту една од партиите во коалицијата, верува дека приврзениците за измена на буџетот и за зголемување на јавните трошоци, ќе ја разберат тежината на ситуацијата во која се наоѓа Италија и дека ќе продолжат да го одржуваат дефицитот на 2 отсто. Триа дури верува дека владата ке го намали растот на дефицитот на 1,6 отсто. Но десничарскиот потпретседател на владата и популист Матео Силвини, изјави во Рим дека и покрај ваквото барање од Брисел, нема ништо да се измени и дека Рим останува на сегашната позиција.

Премиерот Конте настојува да ја смири атмосферата и објаснува дека владата само настојува да и стави „крај на сиромаштијата“ на која се изложени Италијанците со своите минимални приходи и со невработеноста изминатите десет години, па предлага и намалување на даноците и откажување од планот за продолжување на возраста за пензионирање. Според Конте, натамошното сервисирање на долгот кој изнесува дури 131 отсто од БНП , уште повеќе ќе ги погоди Италијанците. Сегашната италијанска економија е под нивото на кое се наоѓаше земјата во 2008 година. Популистите уште уверуваат дека зголеменото трошење може да го помогне растот на италијанската економија.

Брисел стравува од создавање на „алармантна ситуација“ доколку Рим не се повлече од сегашниот предлог, па за да го спречи тоа направи преседан- блокирајќи го предлог- буџетот на сегашната италијанска влада. Еврокомисијата има такво право и може да не го прифати буџетот на една земја- членка доколку оцени дека тој може да предизвика проблеми за целата зона, па дури и да воведе казна за владата на државата што нема да се придржува на барањето.

Според податоците на Унијата- прва по задолженоста останува Грција, со 180 отсто од БНП, па Италија со 130, Португалија со над 120 , Белгија над 100 отсто, потоа следуваат Шпанија, Кипар и Франција сите под 100 отсто од БНП, а меѓу првите десет се и Велика Британија со речиси 90 отсто , како и Австрија и Хрватска чие ниво на задолженист изнесува под 80 отсто од БНП на земјите.

Спротивставувањето на италијанските популисти на стандардите и барањата на ЕУ и на еврозоната, за одржување на буџетите на определеното ниво, не е неочекувано. Тоа се предвидуваше уште кога стана јасно дека италијанската влада ќе ја сочинуваат две тамошни популистички партии. Тоа во редовите на европските евроскпетици, одново ја покрена темата за „криза на Европа“ или за дури „распад на еврозоната“ доколку Италија би ја напуштила, но Конте ги отфрла сите вакви приказни- уверувајќи дека тоа не може да се случи. „Италија е еден од основачите на ЕУ и со првиот бран членки во еврозоната, па никако не може да се случи да се откаже и од Унијата и од еврото“.

(Д.И.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе