Бразил со екс-војник како претседател
Десничарскиот кандидат на изборите, Жаир Болсонаро стана нов претседател на Бразил, со што се прекинува досегашното, безмалку 15 годишно управување на левичарската Работничка партија. Во вториот круг од изборите, Болсонаро освои 55 отсто од гласовите. Неговиот противкандидат, левичарот Фернандо Хадад кој потекнува од семејство на либански доселеници, доби 45 отсто.
Болсонаро (63) е поранешен офицер на бразилската армија и екс пратеник на Конгресот (Парламентот) . Тој ветува забрзано закрепнување на домашната економија и засилено отворање на земјата за странскиот капитал, но и остра пресметка со криминалот во бразилските градови и низ руралните подрачја, што предизвикува страв кај населението и незадоволство од неспособноста на досегашната власт да се справи со насилството на криминалните банди. Во кампањата тој вети и зајакнување на автономијата на полицијата, во нејзината пресметка со вооружените криминалци, како и олеснување на контролата во вооружувањето, за да им се овозможи на Бразилците и самите да се бранат, ако за тоа им се укаже потреба.
Победата на десницата и на нивниот кандидат беше очекувана, откако и предизборните анкети покажаа дека Бразилците се веќе заситени од долгото управување на левичарсклата Работничка партија, колку и таа да се стекна со популарност и поддршка, особено на почетокот од нејзиното управување со земјата, поради серијата популарни и не ретко популистички социјални мерки. Според домашните аналитичари, за падот на нивната популарност, сепак, не влијаеше толку економската стагнација и кризата со која Бразил се соочува, колку корупцијата во државата, која ги има зафатено сите пори во општеството, вклучувајќи ја политиката и бизнисот.
Двајцата претседатели од редовите на левицата, Инасио Лула да Силва кои беше претседател во два едноподруго мандати, како и неговиот наследник , политичкото „чедо“ на Лула, претседателката Дилма Русеф, ја завршија неславно својата политичка кариера. Лула е во затвор за поткуп и перење пари, додека Русеф, откако го освои и вториот мандат, едно по друго, слично како и Лула, мораше да се повлече од функцијата, по спроведената постапка за импичмент. Таа се обидувеше да му помогне на Лула и да го рехабилитира од обвинувањата за корупција, па го постави едно време за шеф на својот претседателски кабинет, но кога се разбра дека на тој начин, Русеф сака да му помогне тој да се кандидира за претседател и за овие, штотуку завршени избори, Лула замина од претседателската палата. Дури и како осуденик Лула се пријави за кандидат на левицата, но кога кандидатурата му беше одбиена, го предложи Хадад за кандидат на изборите од Работничката партија.
Бразислките медиуми пишуваа за се уште силната подршка што ја има Лула , посебно кај посиромашните слоеви од бразилското општество, но се покажа дека упорното инсистирање за неговото враќање на политичката сцена, иако веќе како затвореник, ја „дотепа“ и онака растресената и веќе истоштена бразилска левица, погодена од бројните корупциски скандали во последните пет години.
Бразилската демократска и либерална јавност, сега, стравува од победата на еден „тврд“ десничар, па уште и поранешен војник, особено што тој одбива да го осуди и да се огради од времето на воената диктатура во земјата, која траеше 21 година, од 1964 до 1985 година. Се стравува од неговите конзервативни погледи и од можноста за ограничување на човековите права, граѓанските слободи и слободата на говорот, па иако уште ја нема преземено функцијата, во дел од бразилската и јужноамериканската јавност, Жаир Болсонаро веќе се оквалификува како латиноамерикански Трамп. За умерените аналитичари, меѓутоа, првиот и најважен тест за новиот претседател ќе биде неговата пресметка со корупцијата. „Доколку во пократок рок успее да ја заузда и ограничи, ќе може да смета на поголема подршка во јавноста“- сметаат овие аналитичари.
(Б.Д.)