Јоханес: Романија не може да ја предводи ЕУ
Романскиот претседател Клаус Јоханес изјави дека неговата земја не е подготвена да претседава со ЕУ од нова година . Од 1 јануари 2019 година, по однапред определениот распоред за шестемесечно претседавање, Романија е на ред да ја предводи Унијата до крајот на јуни следната година, но шефот на државата смета дека актуелната влада нема капацитет за таа улога и побара од неа да поднесе оставка. Политичките судирања меѓу владата и претседателот траат од самиот почеток на мандатот на владиниот кабинет што го предводат романските социјалдемократи. Но, ова досега е најжестокиот напад од Јоханес кој овојпат, јавно ја дисквалификува владата на премиерот Виорика Данчила, пред домашната и пред европската јавност. Ова е прв ваков случај во ЕУ – кога шефот на државата тврди дека владата на неговата земја, не може да ја преземе претседателската функција, затоа што не е во способност тоа да го прави. Јоханес тврди дека „ситуацијата е излезена од контрола“, дека актуелната влада е „ несреќа на романската демократија„ па дека затоа таа треба да биде смената, со друга. Опозицијата која е блиска со претседателот и политичките противници на власта, тврдат дека премиерот Данчила е малку позната во домашната политика и дека, практично, е исклучена од донесувањето на владините одлуки и управувањето. Се тврди дека со владата, од сенка, раководи поранешниот премиер и лидер на социјаледемократите Ливиу Драгнеа кој самиот не може да биде премиер, затоа што е осуден за малверзации на изборите во 2016 година. Од јануари годинава, тој мораше да се повлече од функцијата и на големо изненадување премиер стана Данчила. Пред да се направи таа смена, Романија беше критикувана од ЕУ и од САД поради владината реформа на превосудниот систем, затоа што се тврди дека со неа се ограничува слободата и независноста на судовите и се отапува борбата со корупцијата. Засега не се знае како на сугестијата од Клаус Јоханес ќе реагира Брисел, но од таму, обично, не се мешаат во меѓупартиските пресметки на земјите-членки.
Словенија ќе ја зголеми минималната плата на 736 евра
Владата во Љубљана изготви предлог-закон со кој во наредните три години, постепено, до крајот на 2021 година, минималната плата во Словенија ќе се зголемува до 736 евра. Предлого за ваквиот закон, потекнува од партијата Левица која не е дел од лево-центристичката владина коалиција, но се определи да ја подржува владата во нејзината социјална програма. Предлогот веќе го подржаа вкупно 52 пратеници во словенечкиот Парламент, па се очекува дека законот, кога ќе биде ставен на гласање, лесно ќе биде усвоен. Во меѓувреме, владата најави од Нова година, благо зголемување на загарантираната плата, од осум отсто, но таквата најава веднаш беше пречекана со спротивставување од работодавачите и домашниот бизнис. Според нивното мислење, тоа ќе предизвика влошување на словенечката конкурентска способност и дека се ризикува пад на профитот на фирмите. Оваа година, минималната плата во Словенија е определена на 638 евра и таа е највисока од сите држави кои излегоа од поранешна Југославија.
Русија го блокирала Џи-Пи-Ес сигналот во Финска
Финскиот премиер Јуха Сипала соопшти дека Џи-Пи- Ес сигналот во северна Финска бил блокиран и пореметуванан во време на неодамнешните вежби на единиците на НАТО во Скандинавија. Сипала рекол дека сигналот бил намерно попречуван и изразил сомневање дека станува збор за „руска работа“. Финска не е членка на Алијансата, но овј пат нејзните воени сили се вклучија во вежбата. Норвешка исто така се пожали дека имала проблеми со Џи-Пи-Ес сигналот, во текот на вежбовните активности, блиску до северозападната граница со Русија. Претставник на норвешкото цивилно воздухопловство изјавил за тамошните медиуми дека е сигурно оти блокирањето на сигналот за Џи-Пи-Ес е поврзан со воената вежба на НАТО. Москва во меѓувреме ги отфрли обвинувањата, но Хелсинки и Осло веруваат дека зад проблемите со сигналот стои Русија за која велат дека „има капацитети за да го прави тоа“.
НЛО забележан покрај брегот на Ирска?
Ирското цивилно воздухопловство покрена официјална истрага за изразеното сомневање дека покрај југо-западниот брег на Ирска бил регистриран „неидентификуван летечки објект“ . Случајот бил пријавен на 9 ноември, нешто пред 7 часот наутро, од пилот на британската авио компанија „Бритиш Ервејз“. Тој ја известил контролата на летањето на ирскиот аеродром Шенон дека на небото има „нешто крајно необично“ и се интересирал дали во моментот, во тој реон се одржуваат воени вежби. Кога му било речено дека нема такви активности, пилотот се посомневал дека станува збор за НЛО. „Силна светлина има на небото и еден објект приоѓа од левата страна на авионот“- рекол пилотот кој потоа објаснил дека „наеднаш, со голема брзина, тој се изгубил кон север“. Британскиот авион летал од Монтреал, во Канада, за Лондон. Појавата била регистрирана и од пилот на авиокомпанијата „Вирџин“ кој контролната кула на земјата ја прашувал- дали регистрирале некаков метеор, или пак предмет кој од вселената влегол во атмосферата.