Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Хашим Тачи на прва средба со Путин

vverve/BigStock.com

Хашим Тачи на прва средба со Путин

Косовскиот претседател Хашим Тачи се сретна во Париз со рускиот претседател Владимир Путин. Средбата траела неколку минути, била „од нога“, на маргините на париската мировна конференција, што француската влада ја организираше во рамките на одбележувањето на 100 годишнината од потпишаното примирје на Западниот фронт, со кое заврши Првата светска војна, но предизвика најразлични  реакции во балканската јавност и силно бранување во Србија.

Станува збор за прва средба што  било кој висок функционер на независно Косово, ја има досега со било кој политичар од Русија, а  излезе дека средбата  е на највисоко ниво- со претседателот Путин. За средбата јави само Тачи, известувајќи на својата страница на Фејсбук. Според косовскиот претседател, тоа било „ огромен напредок ( за Косово) што имало средба со Путин – во четири очи“.

Средбата и кусиот разговор се оценети како „ многу коректни“ . Во разговорот , како што  објаснува Тачи, косовскиот претседател рекол дека преговорите меѓу Приштина и Белград се можност за постигнување  мировен договор меѓу двете држави. Владимир Путин, пак, рекол дека тоа е деликатно прашање, но дека Русија ќе ја подржи можноста за постигнување косовско-српски договор.

Општа е оценката дека ова е исклучително важен момент, пред се,  за властите во Приштина кои настојуваат Косово да биде прифатено во меѓународните организции, на тој начин што ќе се придобие и подршката на Москва. Тоа практично би значело- постигнатиот договор со Белград, Русија би го тргнала ветото што сега го има ставено, против примањето на Косово во ОН.

Официјален Белград, остана затечен со една ваква информација, особено кога со неа се појавија и неколку фотографии кои не покажуваат дека Тачи ( или некој друг) го натерал Путин, против неговата волја,  да застане и да разговара со претседателот на државата против чие меѓународни признавање се бори Србија, најлојалниот руски сојузник на Балканот. Од Москва немаше никакво објаснување, а немаше ниту омаловажување на средбата со Тачи, како што тоа веднаш почнаа да го прават во Белград.

Збунети и ( по малку) понижени , во Белград само  објаснија дека средбата била „ во коридорите“ на зградата каде се одржуваше конференцијата, дека Русија останува сојузник на Србија околу косовската ситуација и нејзиното разрешување, како и дека Косовците , помогнати од оние кои ги подржуваат, дошле во Париз со ( наводно) педесетина луге за да лобираат за прашањето на косовската меѓународна афирмација.

Српската страна , всушност , се уште налутена што претседателот Александар Вучиќ , според распоредот направен од францускиот протокол, за одбележувањето на стогодишнината од крајот на Првата светска војна, беше ставен настрана, во вториот ред, во истиот во кој седеше и косовскит претседател Тачи, додека тој седеше зад Емануел Макрон, Ангела Меркел и Владимир Путин , доживеа нов шок, со  средбата на косовскиот и рускиот претседател . Гневот околу распоредот на седењето, кој е по малку оправдан, затоа што тогашното Кралство Србија е учесник во војната на страната на сојузниците од Антантата, додека Косово е независно од пред десет години и е се уште надвор од ОН, во Белград беше засилен и од сознанието дека хрватскиот претседател Колинда Грабар- Китаревиќ и претседавачот со претседателството на БиХ, Бакија Изетбеговиќ, седеа во првиот ред, па некои белградски аналитичари ги натера да заклучат дека во Париз немало грешка во протоколот и дека Тачи не случајно седеше таму каде што седеше.

Овие аналитичари сметаат дека и протоколараната „грешка„ и средбата со Путин , се само пораки за Белград и за Вучиќ. Западот , едноставно, не сака Србија и нејзиниот претседател и натаму да седат на две столици и  да зборуваат за „неврзана„ политика, додека Русија, пак, му покажа на Белград дека кога станува збор за меѓународната политика, за Балканот и за Косово, Москва ќе се раководи, пред се, од своите интереси.

Нервозата во српската политичка јавност, 24 часови подоцана, се обиде да ја смири рускиот амбасадор во Белград , но не преку изјава, или соопштение, туку само како порака на Твитер, дека средбата Тачи- Путин била „коридорска„ и дека позицијата на Русија не се менува. Ваквата порака, меѓутоа, само го зголеми нерасположението- на меѓународни конференции, средбите дури и да се во коридорите, имаат  своја тежина и тие може да се одбегнат, доколку не се сака да дојде до нив. Во овој случај, очигледно е дека официјална Москва сакаше да го слушне и ставот и позицијата на Приштина.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе