Орбан е организаторот – кој е нарачателот?
Во вторникот на 13 ноември, поранешниот премиер на Македонија Никола Груевски, кој 10.5 години владееше со државата, а уште половина година, правеше се што можеше да смисли, па дури подготвуваше и пуч, само за да остане и натаму на власт, соопшти дека побегнал од земјата. Во куса порака од неговиот Фејсбук профил откри дека се сокрил во Будимпешта и дека веќе побарал политички азил. Како што се вели во пораката, тој и натаму бил многу посветен на македонската кауза (?) но и многу исплашен од бројните закани што ги примал, па спасот го побарал во бегството. Големиот лажен патриот, политичар кој прво ја грабна партијата (ВМРО-ДПМНЕ) од своите претходници, а потоа од неа направи монструм што ја грабна државата, претворајќи ја во семејна компанија, одбра да се сокрие во Унгарија, кај неговиот пријател и истомисленик, кога е во прашање авторитарното владеење, тамошниот премиер Виктор Орбан. Побегна од Македонија како обичен осуденик кој наместо во затвор, за докажано сторено кривично дело, одбра (засега) да престојува во седиштето на унгарската агенција за миграција и азил, ако за ова воопшто може да им се верува на унгарската влада и на нејзините официјални лица.
Измислени закани
Кој тоа нему му се заканувал и со што, кога во текот на целиот судски процес кој се развлече, со помош на неговите адвокати и оние кои Груевски ги поставуваше на разни позиции, за да му се најдат во невреме, слободно се движеше низ Скопје. Секој ден одеше во седиштето на партијата (изградено и добиено на сомнителен начин) и како (се уште) пратеник, доаѓаше и во Собранието, неоставајќи притоа впечаток дека му е страв од било што. Засега, нема сознанија што, навистина, толку го исплашило за да мора да бега преку четири граници, но се знае дека тој и неговите помагачи, го злоупотребија третманот што му беше даден како на екс премиер и ја искористија тромавоста на судската бирократија, за да се спакува и за да побегне. Сега е познато дека Груевски побегнал уште на 11 ноември, во неделата. Прво, илегално (велат пеш) влегол во Албанија, од каде излегол со помош на македонската лична карта, уште истиот ден, за да подоцна, истиот ден, влезе на територијата на Црна Гора, од каде, после тричасовно патување, со автомобил, низ црногорската територија, преку граничниот премин Дубраково, влезе во Србија. На целото негово кружно патување во бегството, се превезувал исклучиво во возила со дипломатски таблички на Република Унгарија, од моментот кога се нашол на албанска територија, до преминувањето во Србија.
Круг за бегање
Веројатно нема долго да се чека, за да се разбере зашто било одбрано, бегалската траса за до нему пријателската Србија, да не биде директна, кога Македонија и Србија се соседи и имаат долга заедничка граница, туку се одлучило, наместо да се поминат педесетина километри, да се направи толку голем круг за бегање – преку две други земји, (секако не случајно одбрани), за да се најде на безбедно – на српска територија. До овој момент, нема сознанија ниту за тоа како понатаму се превезувал бегалецот – осуденик, низ Србија, се до српско-унгарската граница. Белград, неговите медиуми, надлежните служби и сите кои требаше некако да се огласат, како што тоа го направија другите македонски соседи, засега, се определија да молчат.
Орбан и Унгарците
Но, како и да е, Орбан и Унгарците, кои на почетокот не реагираа за тоа кого имаат на „гости“, подоцна, откако му беше дозволено на бегалецот да објави каде се наоѓа, по покренатата, задоцнета меѓународна потерница, веќе не можеа да се кријат, па во едно кусо соопштение на кабинетот на премиерот, само признаа дека Груевски се сокрил кај нив и побарал азил. Не се знае дали за да остане таму, или пак за да замине од Будимпешта, како Унгарец, со тамошен пасош, на друга локација, во трета држава. Но, портпарол на десничарската партија Фидес, на Виктор Орбан, е многу попрецизен. Во средата, на 14 ноември, за локалните медиуми изјавил дека Груевски „се наоѓал под закана од македонската левичарска влада“ која овој портпарол уште ја обвинил и дека била „под влијание на американско-унгарскиот финансиер Џорџ Сорос“ .
Орбан и Сорос
Ваквата изјава на Фидес за „стравовите“ на Груевски кој инаку ја претвори Македонија во негова сопственост, со сопствена полиција и сопствен правен систем, не е ништо необично кога е во прашање Унгарија. Во едно интервју минатата година, Орбан го обвини Сорос – унгарски Евреин кој побегнал во САД – дека носи „значајна лична одговорност за дестабилизацијата на Македонија “ (мисли на соборувањето на режимот на сега побегнатиот екс премиер). Орбан во таа прилика го обвинил Сорос и дека „работи за дестабилизација на конзервативните, националистички и христијански влади во регионот“ мислејќи притоа на македонската, српската и на неговата влада во Унгарија, затоа што интервјуто е дадено пред тамошните парламентарни избори. Во кампањата за тие избори, главната цел за напади и дисквалификации беа токму Сорос, како и соросовиот Универзитет на Југоисточна Европа, сместен, до неодамна, во Будимпешта. Орбан и Сорос, до пред 30 години, почнаа како големи пријатели и сојузници, затоа што и обајцата беа антикомунисти. Беа блиски и подоцна, но пријателството се растури кога на тапет почна да се наоѓа и власта на Орбан.
Русија и Путин
Дисквалификациите на унгарскиот премиер за сметка на големиот филантроп и заговорник за демократизација на општествата, во посткомунистичката транзиција во Источна Европа, вклучувајќи ја и Русија, се безмалку идентични со ставовите и позициите на рускиот претседател Владимир Путин. Тој прв на Истокот почна да се пресметува со „соросоидите“ во државата, со фондацијата Отворено општество и со целиот невладин сектор, откако низ процесите за демократизација што требаше да се случуваат и во Русија, Кремљ се почувствува загрозен.
Во случајот на Македонија и Груевски, Русија, која на домашен терен веќе се пресмета со „злото“ наречено НВО во општеството, со помош на македонските националисти и екс премиерот – осуденик, полека почна да се сместува во македонските внатрешни состојби. Москва стана неговиот главен, гласен заштитник, потикнувајќи ги национализмот во Македонија и меѓунационалните тензии, уверувајќи го во „заканите од Западот“ и во надворешните сили (мислејќи на САД, пред се) кои наводно се мешаат во внатрешните состојби на земјата. Ваквото делување, полека создаваше една нова оска, во која Москва ги смести Унгарија, иако членка на НАТО и на ЕУ, Србија која и онака ја има за свој сојузник и Македонија, која требаше да ја замени „одбеганата„ Црна Гора. Онаков Груевски, кој смета дека државата – тоа е тој, па беше и главен урбанист и архитект на Скопје, а одлучуваше дури и за тоа какви ќе бидат седиштата на новокупените градски автобуси, наеднаш, стана важната карика на новата руска инсталација на Балканот.
Рускиот човек во Македонија
Неговиот пад што не можеа да го спречат Орбан и Унгарија и покрај силната подршка и парите што ги даваа за кампањата, а потоа и неуспехот да се изведе пуч против домашната опозиција, со помош на странските сили, го оставија рускиот човек во Македонија, конечно, да се соочи со правдата. Особено што како докази се појавија илајдници метри тајно снимени материјали, направени со налог на претходната власт, кои го открија вистинскиот лик на еден недемократски и корумпиран режим. Дури за пет разни кривични дела е обвинет Груевски, а за првото (злоупотреба на позицијата) беше осуден на две години затвор. Сите можни процедури, предвидени со македонското законодавство, за него беа запазени. Оние кои сакаат да го видат зад затворските решетки, дури тврдат дека и се претерало во посебниот третман што му беше даден како на екс премиер, но тој, со неговите внатрешни и надворешни подржувачи, сепак, одлучи да побегне и тоа кај Орбан со кого имаа и очигледно и сега одржуваат „братска врска“.
Позицијата на ВМРО
Македонската јавност остана затечена од овој нов момент. Вмровците се преправаат како никој ништо да не знаел, а всушност го одборуваат неговиот кукавичлок, прикажувајќи го како херојство. Некои од неговите најблиски соработници сега се трудат да се оградат од неговата постапка, настојувајќи да си купат сожалување, а актуелниот врв на партијата продолжува да тоне во својата глупост и неснаоѓање за историскиот момент низ кој минува земјата. Сега тие уште и ја обвинуваат власта за „ова што се случи“, не кажувајќи што е тоа што се случило – дека нивниот почесен претседател, од кого не се откажуваат и за кого правеа митинзи на подршка, побегнал од земјат. Притоа и не кажувааат во што тоа погрешила власта со нивниот водач – дали тоа што не го стрпала со окови во затвор, или дома, во притвор. Другиот дел од јавноста, пак, ја користи приликата да се нафрли врз владата, а посебно на министерот за внатрешни работи (судовите ги прогласија за невини) и врз премиерот Зоран Заев, за да го дисквалификуваат владиниот кабинет, како што тоа го прават изминатите 18 месеци, секој од некоја своја лична причина – но, најчесто гневни, што тие немаат добиено „нешто“ на што се надевале, откако дури во финишот на „груевизмот“ се сетија на сите зулуми на тој режим.
Но, кој го изведе бегството?
Во една така создадена атмосфера, се остана без најважното објаснување – кој тоа го изведе бегството на еден развластен и осуден поранешен премиер – автократ, во стилот на мексиканскиот нарко – бос „Ел Чапо“. Во инсистирањето да „паѓаат глави“, па дури и да се собори целата влада, затоа што, наводно, државата била „осрамотена“ – јавноста во Македонија не најде сили да се запраша – Виктор Орбан, неговите дипломати и неговата Унгарија се очигледните организатори на бегството, од Скопје, па до Будимпешта, но кој даде налог за префрлање преку граница на „македонскиот Орбан“ и кој е нарачателот ?
За одговор ќе треба да се почека, барем додека се види каква ќе биде одлуката на унгарските власти. Тие бегалецот од Скопје го третираат како политичко прашање, а не како мигрантско, па овој азилант не седи во прифатен центар, туку во Будимпешта, во посебни услови, слични на оние што ги имаа Џулијан Асанж, по бегството од британските власти во амбасадата на Еквадор во Лондон. Што ќе рече, се ќе зависи од тоа дали Груевски ќе добие азил како политички бегалец и ќе се чува во Унгарија, или ќе стане натурализиран Унгарец, со тамошен пасош, за да замине надвор од Унгарија и од ЕУ. Во тој случај, треба да се нагаѓа кој би можел да му даде престој – жителство на човек кој избегал како осуденик од земја која важи за безбедна, кога станува збор за демократијата и човековите права и од која сите земји од Унијата, не примаат политички азиланти.
Кругот на државите кои би можеле да примат ваков човек, барем на европското копно и на просторот до Блискиот Исток – е мал. Тоа може да бидат Белорусија, Турција, евентуално, Катар или Дубаи, некои од поранешните советски републики, пред се, Азербејџан или Казахстан и можеби Русија. Во Москва има од порано такви бегалци од разни бои и формати, од семејството на Слободан Милошевиќ, па екс украинскиот претседател Виктор Јанукович, се до шпионот Едвард Сноудон, па Груевски би можел по повеќе основи да се најде таму.
Во финишот на своето владеење тој се афирмира како силен руски човек, на тој начин што правеше се што можеше да направи за да ја одврати Македонија од патот кон Европа, од членството во НАТО и од влегувањето во ЕУ.
Тоа е она што Москва го посакува и за да му се одмазди на Западот што и се „замеша во нејзината Украина“ и посебно што им ја „одзеде“ Црна Гора, на која Русија сметаше како на своја енклава, на Јадранско Море, сместувајќи ја по забрзана постапка во Северноатланската алијанса, се насочи кон македонската територија.
Москва против Македонија
Од тогаш, сите западни безбедносни аналитичари ја посочуваат Македонија, како новата точка на која Русија ќе се „истури“ претворајќи ја во цел, или боиште, со САД и Западот, работејќи на дестабилизација на државата и казнувајќи ја новата, прозападна влада во Скопје. Отворено, Москва се спротивстави на законот за јазиците, прикажан во овдешната јавност како модел за цепење на Македонија, а против создавањето на новата владина коалиција, со ширење на лажната приказна за некаква закана со „тиранска платформа“ . Потоа се продолжи „хранејќи“ ги македонските националисти со противењето на договорот за пријателство со Бугарија, па се до силното противење на преговорите со Грција за името и на историскиот договор од Преспа. Токму тој договор и ја отвора вратата на земјата за НАТО и за ЕУ, по симнувањето на досегашното грчко вето, па затоа Русија продолжи да создава криза во Македонија со набрзина создадената руска партија, агитирајќи против референдумот за НАТО и ЕУ, за да не се прифати преспанскиот договор. Кога се виде дека не може да се запре процесот на ратификацијата на „Преспа“, откако владата на премиерот Заев успеа да обезбеди двотретинско мнозинство, за да се започне последната фаза за менување на делови од Уставот, официјална Москва веднаш се огласи со обвинување дека „потребните гласови од опозициските пратеници, биле купени“. Наводно, едната варијанта за „зделката“ била со пари, а другата, со нивната слобода, бидејќи сите тие се обвинети во неколку други процеси што произлегуваат од прислушуваните разговори. Сега, врз сите нив преку руската партија и нејзините странски советници, се врши притисок, заканувајќи им се дека би можеле физички да бидат нападнати од насилниците што се собираат пред нивните домови, или можеби и одведени, некаде, според методите на сицилијанската мафија, за да не може да гласаат за Уставот.
Во тоа и такво руско однесување, секако, може да се посматра и одењето на Груевски од Македонија, преку три други држави до Унгарија. Практично, тој и неговите унгарски (дипломатски) придружници, низ Албанија само поминале толку колку што им требало да дојдат до Хани-Хотит – Муричан преминот и да влезат во Црна Гора. Албанците запишале дека станувало збор за возило со дипломатски таблички CD 1030 A, и тврдат дека Груевски ја покажал на излегување македонската лична карта, па тие не реагирале, затоа што (велат) во тој момент немало меѓународна потерница. Прашањето сега е – ако е така, дали некој ја известил Тирана, а тие од таму Скопје, дека екс премиерот на соседната земја, осуденик кој треба да оди да ја отслужи казната – е виден со дипломатско возило на унгарската амбасада и со двајца нивни дипломати, како се упатува кон границата со Црна Гора.
Вмешаноста на Србија
Тамошните медиуми откриваат дека на црногорска територија, бегалецот од Македонија влегол со двајца носители на унгарски дипломатски пасоши – Кулсар Антал и Варсалваи Шаба, но дека во Црна Гора „тајниот патник“ бил внесен во друг автомобил, со црногорски дипломатски таблички 55-А-05, во кој биле унгарските дипломати Часар Јозеф Золтан и Фелечази Шаба, по што се упатиле кон Србија. На српска територија поминале преку граничниот премин, низ кој избегаа и руските разузнавачи и српските оперативци по откривањето на обидот за пуч во Црна Гора. Српската јавност, во зависност дали е про или контра власта на Александар Вучиќ, различно реагира дека Србија (одново) е вплеткана во „туѓо масло“ и дека одново (како и во црногорските случувања во 2016 година) врши работа за друга страна, на штета на добрососедството и довербата во регионот.
Оние кои во Белград се против постапките на владеачката партија СНС, не се ниту сомневаат дека Србија одново е на погрешната страна и тоа го објаснуваат со молчењето на власта за влегувањето, патувањето и излегувањето на Груевски низ нивната држава. Не се знае кој во Србија помагал, кој го придружувал и како патувал до далечниот премин Хоргош, за да се стигне во Унгарија. Ако е вмешана српската страна, секако, по нечиј налог, се верува дека тоа морале да бидат припадници на тамошните безбедносни служби, а не унгарски дипломати.
Така се доаѓа до дилемата – кој навистина може да биде наредбодавачот за илегалното „патување“ на екс премиерот на Македонија. По се што досега е познато, излегува дека тоа може да биде само Русија.
Во тој случај – не се знае само дали станува збор за спасување од „заканите за личната безбедност“, или пак екс премиерот се казнува (!?) за неизвршената задача која му била зададена.
Што се однесува, пак, до помагачите – ако се тргнат настрана Албанија и Црна Гора и двете во НАТО и кандидати за влез во ЕУ, без разлика дали на нивните територии имало и домашни помагачи, блиски на нарачателот, остануваат Унгарија, која го има изведено целиот овој план на нарачателот, користејќи ги своите дипломати во Скопје, Тирана и Подгорица, како и Србија. Владите во Будимпешта и во Белград се единствени во регионот кои се мошне се блиски и лојални на Русија и, впечаток е дека само на нив некој би можел да им верува дека ќе помагаат.
Како и да е, на Русија најмногу и одговара едно вакво сценарио – пред се да покаже дека е во регионот и дека може да прави што сака.
Потоа, да ги дезавуира двете мали членки на НАТО од Западен Балкан, а преку нив и Алијансата, да покаже дека Србија е само нивна и дека за „руската кауза“ е подготвена се да направи, како и дека Унгарија, колку што е блиска со Западот, е спремна да и помага и на Москва, кога тоа ќе биде потребно.
Главниот удар, меѓутоа, е насочен за Скопје, за овдешната влада и за македонскиот премиер да бидат понижени пред сопствената јавност, преку што се верува ќе го губат рејтингот, оставајќи ги постојано отворени сомнежите за некаква „сомнителна зделка “ со бегалецот.
Се што досега направи и што се уште прави руската страна, е одмаздувањето за падот на Груевски во моментите кога Русија мислеше дека ја има Македонија под контрола.
(С.С.Г.)