Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Обвинета побегна во амбасадата на Србија во Подгорица

joumsk/Bigstock.com

Обвинета побегна во амбасадата на Србија во Подгорица

Бранка Милиќ, обвинета за вмешаност во обидот за пуч во Црна Гора, што требало да се изведе на денот на парламентарните избори во 2016 година, побегна во амбасадата на Србија во Подгорица. За бегството соопштија црногорските судски власти и полицијата кои организирале и потера, врз основа на издадениот налог од судот, откако Милиќ не се појавила на продолжување на судењето,  а инцидентот го потврди и српскиот амбасадор во Црна Гора.

Обвинетата, во петокот излегла од судницата во Подгорица, каде и се суди на целата група , но наместо на локацијата на која досега престојувала, таа заминала во зградата на српската дипломатска мисија, каде сега се крие, известувајќи на Фејсбук за своето бегство. На Милиќ и било овозможено , во текот на судскиот процес, да се брани од слобода и за неа немало притвор, ниту до бегството тоа било побарано. Целото ова време, откако трае судењето, таа била сместена во еден манастир на српската црква во Црна Гора.

Од српската амбасада, преку својот адвокат , таа порачува дека нема намера да излезе од зградата на мисијата, каде е заштитена од можноста да биде уапсена од црногорската полиција, но и дека нема да избега надвор од Црна Гора. Во напишана изјава за медиумите,  Милиќ ги обвинува црногорските власти и посебно судот и судските вештаци дека две години, колку што трае судењето, била постојано изложена на „ тортура“ , како и дека во текот на целото ова време  била „ психички , физички и политички “ прогонувана.

Инцидентот со обвинетата Милиќ предизвика остра реакција на црногорското министерство за надворешни работи. Во министерството бил итно повикан амбасадорот на Србија од кого е побарано да даде објаснување за случајот и да овозможи бегалката, да излезе од амбасадата. Официјална Подгорица побарала од Република Србија објаснување за целата постапка околу Милиќ. Во Белград, засега, се молчи , освен што тамошните медиуми пишуваат дека српското министерство за надворешни работи сега треба да одлучи што ќе прави со обвинетата на „своја територија“ и дали властите во Србија ќе и издадат политички азил.

Според Виенската конвенција, полицијата на Црна Гора не може да интервенира, доколку за тоа нема одобрување од амбасадорот  на Србија, па властите во Подгорица сега само може да се надеваат дека српските власти ќе им ја предадат  назад , Бранка Милиќ . Доколку тоа се случи, таа од амбасадата ќе биде одведена во притвор, што сега судот во Подгорица го наложи. Но, таа најтешките обвинувања за црногорскиот правосуден систем ги има направено токму за институцијата притвор, за која тврди дека „ најмногу се злоупотребува“, па постои сомневање дека српската страна ќе и удоволи на Црна Гора.

Овој инцидент, во секој случај,  ги зголеми црногорско-српските тензии и ќе ги влоши  нивните и онака студени односи во изминатите две години. Властите на Црна Гора, во 2016 година открија дека „ во последен момент бил спречен обид за пуч и за терористички акции„ во земјата, што требало да се случат на денот на одржувањето на тогашните избори. За случувањата, беа обвинети десетина лица, меѓу кои и неколкумина српски , но и руски државјани. Тие успеаја да побегнат од Црна Гора во Србија.

Западни безбедносни стручњаци, подоцна открија дека пучот бил подржан од Русија и дека во неговото изведување, покрај групата домашни лица, биле замешани и странци, а целта на пучот била смена на власта во Црна Гора и замена на нејзната прозападна определеност, со проруска, со помош на Србите во Црна Гора. Стануваше збор за обидот на Москва, со подршка на српските разузнавачки структури на теренот, да се спречи влегувањето на Црна Гора во НАТО и во ЕУ.

Официјален Белград и тогаш и сега, ги отфрла сите обвинувања за вмешаност на српски структури во настаните во Црна Гора, а Москва тврдењата за нејзиното инволвирање , ги отфрли со вообичаеното објаснување дека станува збор за „шекулации за кои нема никакви докази“. Српските власти одбија да ги екстрадираат осомничените кои побегнаа во Србија, но некои белградски медиуми кои не се под контрола на власта, открија дека Русите кои исто така избегаа од Подгорица, биле итно префрлени од Белград во Москва, пред јавноста и да разбере за нивниот идентитет.

Во Подгорица, за сите тие настани се води судење, што трае веќе две години и на кое побегнатата Милиќ се обвинува дека била директно вмешана во подготовките за обид да се направи пуч против свртувањето на Црна Гора кон Запад. Против членството на земјата во НАТО, но и за приклучувањето кон ЕУ, се црногорските Срби и нивните главни партии кои се сега во опозиција. Тие и натаму сметаат дека „местото на Црна Гора и е со Србија и со Русија “.

Засега никој не се обвинува за нејзиното бегство, но се трага по тоа дали некој стои зад одлуката на обвинетата, токму сега ,  да избега пред правдата и да се сокрие во српската амбасада.

Нејзиното бегство во кое одново е вмешана Србија и за што се трага- дали некој  би можел да го нарача, доаѓа само две недели по бегството на поранешниот македонски премиер, Никола Груевски , осуденик за корупција. Неговото бегство, со помош на унгарските разузнавачи – со дипломатски пасоши ,  кои го спровеле се до Будимпешта, беше изведено и низ црногорската територија, во автомобил на тамошната унгарска амбасада. Безбедносни експерти веруваат дека зад целото ова патување низ четири земји, за да не оди да ја отслужи затворската казна, сепак, се крие некој друг, поголем и посилен од Унгарија. Неговите намери се дестабилизација на регионот и дисквалификација на локалните „непријателски“  влади , што го покажуваат случувањата во Црна Гора од пред две години и нескриеното мешање во македонските внатрешни работи, во исстите тие две години,  за да се оневозможи земјата да влезе во НАТО и да почне преговори за влез во ЕУ.

(Д.П.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе