Поврзете се со нас

Skopje Global

Трендови + Општество

Европски суд бара од Словенија решение за дивите депонии

CreativeBestPhoto/BigStock.com

Европски суд бара од Словенија решение за дивите депонии

Судот на ЕУ ја предупреди Словенија, во што е можно покус рок, да изнајде решение за дивите депонии на нејзината територија и да ги затвори. Доколку тоа не биде сторено, оваа земја се соочува со санкции.

Постапката против Словенија е покрената во минатата година, откако Европската комисија во Брисел ја тужеше владата во Љубљана. Во тужбата, од словенечките власти се бараше итно расчистување со дивите депонии, инсистирајќи дека тоа е неопходно за да се елиминираат здравствените и еколошките закани со кои се соочуваат лугето и човековата околина во земјата.

Ова не е прв случај, од ЕУ да се покренуваат вакви процеси против Словенија. Пред три години, Европската комисија се има закането со високи парични казни и санкции, затоа што словенечките власти ги немале навреме затворени дивите депонии за индустриски отпад на подрачјето на индустриската зона во градот Цеље. Постапката беше завршена годинава и Словенија беше казнета со предупредување.

Медиумите во Љубљана оценуваат дека, засега, на земјата не и се заканува голема парична казна, каква што е предвидена во вакви случаи, но владата ќе мора итно да најде решение за депониите, затоа што се смета дека Брисел повеќе нема да ја толерира Словенија.

Министерот за екологија Јуре Лебен, во изјава за медиумите, признал дека земјата „се гуши во отпадоци“ како и дека комуналците и локалните општински власти, не ги решаваат ваквите состојби. Владата оценила дека системот за разнесување и складирање на отпадот, целосно крахирал, па земјата била „преплавена со насобрани отпадоци“. Во владината анализа уште се забележува дека станува збор за постоење на „санитарна и еколошка катастрофа“ за која се вели дека може да прерасне и во безбедносен проблем поради можните пожари на депониите и складиштата за отпадоци. До пролет, 2019 година, треба да се разнесе целиот отпад, во привремени депонии, во еколошки деградирани зони.

Сега во Словенија има десетици илјади тони најразличен отпад, за кој се знае дека не е сместен на соодветен начин. Само Љубљана, неделно, создава по 300 тони отпадоци. Од тоа количество, само една четвртина се носи на локации за трајно оставање или за рециклирање. Владата има најавено донесување нов закон за разнесување на отпадна амбалажа. Распишан е и тендер за носење и сместување на комуналниот отпад, за што ќе се користат средства во европските фондови за оваа намена.

Оваа земја важи за поуспешниот случај, кога станува збир за екологијата, во рамките на ЕУ, но минатата година Словенија се најде на работ од мала еколошка катастрофа, кога во складиштата на една локална фирма што собира отпад, избувнал пожар. Гореле над 1500 тони опасни материјали и отпадоци, масла, бои, лакови, како и отпадоци од фармацевтска индустрија. Инцидентот се случил во близината на словенечкиот главен град, во реонот на Врхника.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Трендови + Општество

Горе