Тајни средби на Манафорт со Асанж
Пол Манафорт, поранешен директор на изборната кампања на претседателот на САД, Доналд Трамп, во време на изборната трка за Белата куќа во 2016 година, тајно се среќавал и водел разговори со основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, откриваат лондонски медиуми, повикувајќи се на „доверливи извори“. Средбите се одржувале во просториите на амбасадата на Еквадор во Лондон, каде од јуни 2012 година, во самоизбеглиштво престојува Асанж. Тој побегна од локацијата што судски му беше определена и се сокри во дипломатската мисија, каде побара и доби политички азил, за да ја избегне екстрадицијата во Шведска, што ја наложи британскиот Врховен суд.
Медиумите тврдат дека колку што се знае, имало три вакви средби. Првата во 2013 година, па потоа и во 2015 , додека последната средба за која се знае, се одржала во пролета 2016 година, а таа е и најконтроверзната. Во тоа време, Манафорт веќе беше клучна фигура во тимот за изборната кампања на Трамп. Не е , меѓутоа, јасно зашто на Американецот му биле потребни средбите со веќе дискредитираниот Асанж, осомничен за силување и сексуален напад врз две млади жени во Стокхолм, инаку негови соработнички од канцеларијата на Викиликс во шведскиот главен град и бегалец пред правдата.
Не се знае ниту за што тие двајцата разговарале, но последната средба од пред 2,5 години одново ќе ги покрене сомнежите околу делувањето на Манафорт и неговата вистинска улога во трамповата екипа, а посебно ќе го покрене прашањето- зашто тогаш, во екот на предизборната кампања, пред номинацијата во Републиканската партија, на директорот на кампањата на еден од кандидатите ( тогаш се уште само аутсајдер ), му било толку потребно да се сретне и да разговара со заточениот основач на Викиликс.
Според лондонските медиуми, ова откритие ја става целата кампања на Трамп во вкупната истрага што ја води специјалниот иследник Малер, за руското мешетарење во американските избори и за врските на луѓето од тогашната изборна екипа на актуелниот претседател на САД, со руски личности, за да се обезбедат „компромитирачки податоци“ за демократскиот кандидат Хилари Клинтон , која тогаш беше фаворит во изборите.
Само еден месец по последната средба Манафорт – Асанж, во март 2016 година, Викиликс обелодени детали за состаноците и разговорите во седиштето на Демократската партија, врз основа на хакирани мејлови и друга електронска комуникација, обезбедена од руски разузнавачи.
Манафорт (69) ги отфрли откритијата во медиумите, демантирајќи дека бил вмешан во хакирањето и во обелоденувањето на доверливите мејлови. Тој тврди дека сите работи што се споменуваат, се „ 100 отсто се лажни, како што се лажни и изнесените тврдења“ во медиумското пишување. Викиликс , кој се огласи по реакцијата на Манафорт, исто така ги отфрла наодите за средбите и разговорите во еквадорската амбасада во Лондон, квалификувајќи ги како „измислена работа“.
Во меѓувреме, американските весници и тв станици извршија силен притисок врз Белата куќа и врз претседателот Доналд Трамп , околу сите овие настани и случувања од времето на изборната кампања и за истрагата што е во тек, предвидувајќи како понатаму би се развивале работите. Се почесто се споменува дека администрацијата бара начин како да се заврши целата истрага на специјалниот иследник, а дека Пол Манафорт би можел да се спаси да не оди во затвор. Според Си-Ен-Ен, Белата куќа не ја отфрла можноста поранешниот директор на изборната кампања на Трамп, да биде помилуван од претседателот.
(Д.Л.)