Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Лајчак прва “жртва” на Маракеш

Tupungato/BigStock.com

Лајчак прва “жртва” на Маракеш

Словачкиот министер за надворешни работи Мирослав Лајчак, поднесе оставка на својата функција, во знак на протест, затоа што Парламентот во Братислава, одби да ја прифати глобалната спогодбата на Обединетите нации за мигрантите, што формално треба да биде ратифицирана, во мароканскиот град Маракеш.

Лајчак кој беше претседател на Генералното собрание на ОН, кога беше прифатена спогодбата, изјави дека ќе се повлече од министерското место во словачката влада, доколку неговата земја, не го прифати овој документ. Оставката, затоа, не претствува изненадување, но од шефот на дипломатијата на Словачка, прави тој да биде првата “жртва”на закажаниот Самит.

Во јули годинава, изработениот Глобален компакт за сигурни, уредени и регулирани миграции, направен со општа согласност и по извршени консултации со земјите што треба да го потпишат, беше одобрен од сите 193 земји-членки на Светската организација, освен од САД кои од пактот се повлекоа уште минатата година. Станува збор за една значајна иницијатива на ОН, за изработка на заеднички документ кој, меѓутоа, не е обврзувачки, затоа што и остава простор, на секоја земја, самата да ги разработува деталите однесувањето околу миграциските движења, врз основа на сопствените искуства, сознанија и можности.

Изгледаше дека во Маракеш, Самитот за миграција, навистина, ќе има формален карактер, бидејќи сите земји кои останаа во оваа глобална спогодба, го подржаа и го поздравија документот во текот на годинешнава есенска сесија на Генералното собрание во Њујорк. Но веднаш потоа, Глобалниот компакт почна да се квалификува како “контроверзен” за некои западни земји, а за повеќето од поранешните комунистички држави од Средна и Источна Европа, стана дури и “опасен”.

Така се случи, иако првично прифатена, глобалната спогодба за миграциите, покрај Американците, сега, да ја одбијат и Италија и Австрија, Австралија и Израел, како и Словачка, Унгарија, Полска, Чешка, Естонија и Бугарија. Некои членки на ОН соопштија дека ќе дојдат на Самитот во Маракеш, но на пониско ниво, како Хрватска и Словенија, на пример, сакајќи со тој свој гест да покажат дека и тие имаат резерви на документот.

Не изненадува составот на државите што сега се повлекуваат. Американците кои “повлекоа нога” тоа го прават поради политиката кон миграцијата и мигрантите што ја спроведува администрацијата на претседателот Доналд Трамп, која е сосема различна од онаа на претходните влади на САД. Италијанската влада е составена од десничарски и левичарски популисти , а Австрија има влада во која крајните-десничари се коалициски партнер. Австралија, пак, подолго време “војува” со миграциските проблеми од напливот на мигранти од државите во Азија, додека државите од некогашната “Вишеградска четворка” (Чешка, Словачка, Унгарија и Полска) кои во деведестите годинин на 20 век беа предводници на демократските промени и транзицијата на некогашниот комунистички свет, сега се предводени од десничари, со популистички и националистички погледи. Во овие држави, од каде Западот на Европа со децении има примано бегалци и мигранти, сега се градат жичани огради со слаба струја (Унгарија), илегалните мигранти се третираат како криминалци, а на домашната и странската јавност и се порачува дека токму тие ја бранат Европа за да и понатаму остане христијанска .

Не помагаат укажувањата дека она што треба да се потпише и прифати во Маракеш е само декларација која никого, со ништо не обврзува, но која, сепак , претставува силен глас на меѓународната заедница за големото движење на лугето и за преселбите што се случуваат, најчесто поради војни и во потргата за подобар живот, што не треба да се премолчува, ниту да се користи во домашната политика, за распалување националистички, десничарски и расистички страсти.

Поводот за нејзиното изготвување беше најголемата преселба на мигранти во Европа, по Втората светска војна, што се случи во 2015 година, како последица на граѓанската војна во Сирија и несредените состојби на Блискиот и Средниот Исток и во Африка. Европскиот континент, во секој случај, не може да биде “бегалски центар” за бегалците и мигрантите од целиот свет, но најмалку бегалци удомија и помогнаа во кризата, токму државите од Истокот на Европа (Вишеградската четворка и Балтикот) кои сега најгрубо се пресметуваат со миграцијата и се најгласни против документот од Маракеш.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе