Кому треба пакт на Балканот
Една неспретна изјава на косовскиот заменик премиер Енвер Хоџај и еден “бомбастично” извлечен наслов во весник, беа доволни силни за да се распалат и онака веќе распалените национални страсти на Балканот и да се покажат вистинските лица на политичките актери во регионот. Во интервју за загребски “Вечерњи лист” Хоџај зборувал за настојувањата на Србија да ја поткопа косовската државност, но и за тоа дека Белград се меша во внатрешните работи на Црна Гора и на Македонија, наспроти потребата за регионална соработка, за да се стабилизира Балканот. Во интервјуто тој ја обвинил Србија дека води “агресивна политика” кон своите соседи, како продолжена рака на Русија во регионот, па затоа ја навестил потребата земјите во регионот, заеднички, да се спротивстават на агресивната српска политика, за која рекол дека освен Косово, го дестабилизира и целиот регион.
Од она што се појавило во весникот излегува дека Хоџај, во текот на своите посети што ги имал годинава низ регионот, во Хрватска, Црна Гора и во Македонија, сугерирал создавање “пакт против Србија” и нејзината политика. Во услови на силно распалената антиалбанска реторика на Белград, која започна есеноска, па се засили пред конференцијата на Интерпол, на која Косово побара да биде примено во полноправно членство, а доживеа вистинска експлозија откако косовската влада воведе 100 отсто царински тарифи за внесување српска стока на косовска територија, “анти-српскиот пакт”, уште промовиран во хрватски весник, беше веднаш искористен за пресметка со косовските Албанци, но и за прозивки и дисквалификации на трите соседни држави на Србија.
Без да се чека на објаснување и без да се побара коментар на зборовите на Хоџај и да се испита нивната вистинитост, по дипломатски канали, како што налага редот на искреното регионално пријателство и добрососедство, од Белград распалија по сите кои се споменати во весникот. Црна Гора преку соопштението на тамошното министерство за надворешни работи веднаш демантираше дека некогаш се зборувало за правење пакт против Србија. Од Македонија, премиерот Зоран Заев изјави дека никој и никогаш, со никого не зборувал за таков пакт, или за било каков пакт, против било кого, инсистирајќи дека тоа што е речено во весникот- не е точно. Хрватска не почувствува потреба да се оправдува, особено што насловот во весникот, околу “анти-српскиот” пакт се покажа дека е изнасилен, затоа што тоа го демантираше и самиот Хоџај. Во интервју за една телевизија во Подгорица тој категорично демантираше дека одел по регионот и барал да се создаде таков пакт, иако тој не ги отфрла своите тврдења дека Србија “продолжува со својата агресивна кампања против Косово, како и дека сака да го дестабилизира регионот”.
Не е прв пат досега, да зборувам за српската политика и за однесувањето на Белград, затоа што навистина така мислам и за тоа никој во Белград нема реагирано. Но, никаде и никогаш не сум заговарал создавање регионален пакт за заштита од Србија
…има речено косовскиот заменик премиер во повеќе изјави за различни медиуми, во Косово и во соседството.
Тоа изгледа не беше доволно, или пак целата работа околу интервјуто и неговата слободна интерпретација, му дојде на Белград, а пред се на тамошните јастреби во политиката, како нарачано за општа пресметка. Шефот на канцеларијата за Косово, во српската влада, Марко Ѓуриќ побрза “пактот” да го означи како” повик за создавање големоалбански калифат, од Охридското Езеро, па се до Бока Которска, па и понатаму. Тој ги обвини Хоџај (и Албанците) дека, всушност, сакаат “враќање на регионот во времето од 1941 година, кога целата оваа територија (која Ѓуриќ ја споменува) била обединета од албанската власт и од хрватската НДХ”. Освен што станува збор за обично редење зборови за дисквалификација на косовската државност, овој млад српски политичар уште и ја толкува историјата онака како тоа нему и на неговите истомисленици им одговара, но српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, отиде чекор понатаму, па ги повика трите соседни држави, да се изјаснат околу изјавата на Хоџај.
Ова е повик за дополнителна нестабилност во регионот, но сега ќе треба да се види како Хрватска, Црна Гора и Македонија ќе се определат према таа идеја
…рекол Стефановиќ, еден од најблиските соработници на српскиот претседател.
На оваа изјава на министерот во Белград, веднаш се надоврза едно писание на српскиот политичар од Македонија, Иван Стоиљковиќ, што би требало да биде негово, но по грубата реторика тоа е идентично со нивото на српските јастреби и на тамошното политичко подземје и служи за пресметката на определени белградски кругови, со актуелната влада во Скопје и посебно со македонскиот премиер Зоран Заев. Во писанието, авторите бараат премиерот на Македонија да одговори на прозивката од српскиот министер Стефановиќ, за тоа на чија страна е, за да не чекајќи одговор, самите констатираат дека” секој друг одговор (освен на страната на Косово), ќе му ја загрозело владата”, обвинувајќи го Заев дека бил на страната на “албанските шовинисти”, наместо на страната на сопствениот народ. Во текстот што е лиферуван на Фејсбук, а што српската државна агенција побрза да го размножи понатаму, уште се повикува македонскиот премиер да биде “со Србија, не само солидарно, туку во координација со српската политика”. Во пресметката со него, уште се обвинува дека со “промовирањето на неговата политика, ја ставил Србија во незавидна ситуација, на тој начин што сега таа се соочува со уште една Хрватска, овој пат на јужната српска граница”!?
Така велат потпишаниот Стоиљковиќ и неговите ментори, отворајќи се до крај во нивната антимакедонска политика, продолжувајќи да дејствуваат на таа основа наспроти декларативните изјави на Белград за добрососедство, за мирна и мирољубива соработка и за трајна стабилизација на целиот регион. Грубата реакција на официјален Белград на интервјуто на Хоџај и покрај неговите деманти, покажува едно друго негово лице, различно од она што јавно се промовира пред српската и меѓународната јавност, но сето ова, всушност, открива постоење на своевиден пакт против Македонија, против нејзината влада и нејзиниот премиер.
Во тој пакт се македонските националисти на развластениот екс премиер Груевски кој наместо да оди во затвор за корупција, со помош на истото тоа соседско подземје, побегна (или можеби беше извлечен) од Македонија и префрлен со помош на странска агентура, до Будимпешта. Во тој пакт се и припадници на српското политичко подземје (еден нивни разузнавач со дипломатска заштита, се верува, бил директно вклучен во обидот за пуч, на 27 април 2017 година), потоа странските тајни служби кои помагале за бегството на осуденикот, па на набрзина создадената руска партија во Македонија, потребна за создавање хаос во земјата, заедно со вмровската националистичка десница и конечно, самата Москва, која отворено работи против актуелниот македонски премиер. Сите тие се противници на македонската ориентација за влез во НАТО и во ЕУ, против прозападната и проевропската политика на актуелната влада во Скопје, вклучени во московските планови земјата (одново) да се стави под руска контрола, заедно со Србија.
Во целата таа подигната врева околу наводниот анти-српски пакт, во кој ја сместија и Македонија, белградските јастреби само покажаа дека токму Белград е “trouble maker” на Балканот, па затоа е во судир, или во постојани и повремени кавги, со сите свои соседи на просторот на некогашна Југославија. Српскиот претседател Александар Вучиќ, после целата испалена канонада од навреди и дисквалификации кон соседите, се огласи со изјава што требаше да биде помирлива и да стави точка на грубата реторика. Во неа тој вели дека Србија “не сака да биде дел од пактови, ниту да урива пактови”, како и дека “Србија сака да соработува со Подгорица, Скопје и Загреб, ако и тие тоа го сакаат”. На ваквата изјава, сама по себе, не може ништо да и се додаде, а колку што се знае, барем кога станува збор за Скопје, желбата за соработка постојано се искажува, а таа беше истакната и при демантирањето за наводниот пакт против Србија. Но, за соработка, меѓу соседи, се потребни двајца, а таа тешко може да биде искрена ако од македонскиот северен сосед, знаат да дојдат некои, најблаго речено, недобронамерни постапки и однесувања.
(С.С.Г.)