Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Каменос бара донации за нови воени бродови

DavidEco/BigStock.com

Каменос бара донации за нови воени бродови

Грчкиот министер за одбрана Панос Каменос побарал од Грците, како од богатите, така и од сите другите, да донираат пари за набавка на нови бродови за веќе застарената грчка воена морнарица. Апелот на министерот доаѓа откако владата во Атина не успеа да се спогоди со Франција за давање на користење два франацуски воени бродови.

Според атинските медиуми, барањето за донации, Каменос го упатил за купување две француски фрегати преку една тамошна фирма за продавање оружје, во вкупна вредност од две милијарди евра. Во апелот, Каменос рекол дека тој ќе биде првиот што ќе донира пари за оваа цел, на тој начин што ќе ја уплати својата јануарска плата.

Во последниве 15 години, Грција нема инвестирано пари за обнова и модернизација на својата воена флота, иако излегува на три мориња. Последен пат тоа го има направено социјалистичката влада на ПАСОК која има набавено шест фрегати. Од 2010 година, откако земјата западна во тешка финансиска и должничка криза, уследи остро скратување на трошоците за воените сили, вклучувајќи ја и морнарицата за над 20 отсто.

Сепак, и покрај кратењето на воениот буџет, Грција и натаму останува меѓу земјите членки на ЕУ кои најмногу издвојваат за вооружување и за потребите на армијата – 2,4 отсто од грчкиот БНП.

Апелот на министерот за одбрана се случува во време кога грчката воена морнарица е во прилично тешка ситуација. Медиумите откриваат дека грчки воени бродови останале надвор од употреба поради немање гориво, па не можеле да учествуваат во ниту една воена вежба, но и да патролираат низ Егејското и Јонското Море и низ Медитеранот.

Воени стратези во Атина сметаат дека тоа ја доведува во опасност безбедноста на земјата, сега кога Грција одново е изложена на заканите од Турција, во нивните повеќе децениски спорови и недоразбирања околу поморската граница и островите во Егејот.

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе