Лични податоци на Меркел на Твитер
Германските безбедносни власти соопштија дека лични податоци, контакти, приватни разговори и финансиски податоци на стотина германски личности од политиката, медиумите, од јавниот живот и светот на музиката и забавата, се “провалени” и се појавиле на Твитер, преку профил за кој, засега, не се знае кому припаѓа.
Меѓу погодените е и канцеларот Ангела Меркел, но и лидерот на партијата на “Зелените” Роберт Хабек, како и високи функционери на сите други германски партии, освен на крајнодесничарската Атернатива за Германија (АфГ), но и познати сатиричари и угледни телевизиски новинари и водители.
Претставник на Министерството за внатрешни работи изјавил дека станува збор за “сериозен и масовен напад”, но пратеници од партиите на левицата во Бундестагот во дебатата околу “провалата” побарале одговорност од Агенцијата за кибер-безбедност на Германија, тврдејќи дека знаела за нападот, но дека се до после Нова година, за тоа не ја известила полицијата. Од Агенцијата сега се бранат дека тие до скоро не знаеле за колкав обем на систематско истекување на лични податоци станува збор.
Безбедносните власти признаваат дека се уште не се знае кој стои зад истекувањето на ваквите информации, како и дека не е утврдено дали станува збор за хакерски напад, или во прашање е истекување на информации, преку некој кој имал достап до нив.
Израелските “Фантоми” сепак не доаѓаат во Хрватска
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во разговор за домашните медиуми изразил песимизам околу зделката со купување израелски борбени авиони од типот “Ф-16 Барак” признавајќи дека работата е пропадната и дека Хрватска и самата ќе се откаже. Во текот на летото, во Загреб беше објавено дека владата одлучила да набави неколку авиони од овој тип, од Израел, во рамките на модернизацијата на хрватското воено воздухопловство.
Три од овие авиони долетаа во Хрватска, за обука на домашните пилоти, па дури се вклучија и во одбележувањето на годишнината од воената операција “Олуја” во текот на август. Проблемите настанаа кога САД, каде е произведен основниот модел на леталата, ја блокираа зделката, барајќи од Израел да ја тргне од авионите опремата што Израелците ја имаат вградено во нив.
Загрепските медиуми откриваат дека шест месеци траеле преговорите меѓу Стејт Департментиот на САД и израелските владини функционери, но дека спогодба за тоа не била постигната, иако во барањето – Американците да ја повлечат блокадата на продажбата на авионите – се вклучил и израелскиот премиер Бенјамин Нетанијаху.
Стејт департментот во Вашингтон одбива да ја коментира настанатата ситуација, освен дека не бил постигнат напредок во преговорите со Израел. Во Загреб, домашната опозиција, поради пропаѓањето на зделката, побарала оставка од хрватскиот министер за одбрана, но владата го отфрлила тоа барање, означувајќи го како “неосновано”.
“Рајан Ер” најлоша авио-компанија во Британија
Ниско-буџетската авионска компанија “Рајан Ер” чие седиште е во Даблин, во Британија е избрана за најлоша, веќе шеста година по ред. Во анкетата на интернет страницата “Вич Травел” (Which Travel) која се занимава со истражување на мислењето на потрошувачите, патниците и дале најниски оценки на компанијата кога станува збор за приемот и влегувањето на патниците во авионите, удобноста на седиштата, уреденоста на авионската кабина и квалитетот на храната и на пијалаците.
“Рајан Ер” има добиено само 40 отсто од можните 100 отсто подршка, па компанијата далеку заостанува зад компании какви се “Томас Кук” (со 50 отсто) и “Виз Ер” (со 54 отсто) кои, како и ирската компанија, најмногу летаат на средни дестинации, до Централна и Источна Европа.
За најдобри пет во анкетата биле прогласени “Орињи Ер Сервис”, па “Свис Ерлајнс”, “Џет 2”, потоа “Норвиџиан” и холандската КЛМ. Патниците на “Рајан Ер” се гневни на компанијата поради, како што било наведено, честото откажување на летовите, честите промени на правилата околу багажот и непридржувањето на редот на летовите.
Најголем број од анкетираните рекле дека нема повеќе да летаат со оваа компанија, колку и да се евтини билетите. Но, претставник на “Рајан Ер” кусо изјавил дека анкетата на “Вич Травел” не го одразува успехот на компанијата.