Романија претседава со ЕУ
Од почетокот на оваа година, Романија претседава со ЕУ во рамките на одамна воспоставената пракса за ротирачко, шестмесечно управување со Унијата. На оваа позиција, Романија ја замени Австрија која во изминатите шест месеци претседаваше со ЕУ. Но, првото претседателство на Романија и на нејзината влада, како ретко кога досега, беше пречекано со недоверба и сомнежи.
Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер (Jean-Claude Juncker), пред новогодишните празници, изјави дека се сомнева во можностите на Романците да ја предводат Унијата во следните, шест, тешки месеци за ЕУ. Според Јункер, станува збор за ситуацијата предизвикана со целосната неизвесност околу Брегзит и со се пореалната можност Британиците да ја напуштат Унијата без договор за “разводот” со Брисел, што би можело да предизвика вистински хаос на британските острови, како и во односите со ЕУ, во услови на отсуство на регулатива во месеците кога Британија нема повеќе да биде членка.
Освен тоа, во вторите три месеци од романското претседателство, кое истекува на крајот од јуни, во работите работите можат и да се усложнат, затоа што во мај се одржуваат редовните избори за Европскиот Парламент. Јункер само се прашувал дали Романија е технички добро подготвена за да се справи со сите овие предизвици. Во Букурешт, меѓутоа, ваквата дилема на првиот човек на “европската влада” е примена со лутина, оценувајќи ја како знак за “предрасуди”.
Романскиот министер за Европа ги отфрлил сите сомнежи кон романската способност, инсистирајќи дека Романија е “многу добро подготвена” и дека сите такви дилеми и неверувања би требало да престанат. Сепак, првите сомнежи во романската подготвеност не дојдоа од надвор, туку од домашната опозиција и од претседателот на Романија, од редовите на опозицијата, Клаус Јоханис (Klaus Iohannis). Тие уште во текот на летото и есента порачаа дека владата што ја предводат романските социјал-демократи “не може да управува со Европа” обвинувајќи ја за “неспособност и за корупција”.
Владата во Букурешт се огласи со изјава во која на сите им порача дека секоја од земјите членки, имаат внатрешни политички спорови и дека тоа не е само романска ситуација. Романија е членка на ЕУ од 1 јануари 2007 година (заедно со Бугарија).
Гибралтар не се согласува со “поделена сувереност”
Првиот министер на Гибралтар Фабијан Пикардо (Fabian Picardo) е против можната опција за поделба на суверенитетот меѓу Лондон и Мадрид, откако Британија ќе излезе од ЕУ.
“Сите оние во Шпанија кои мислат дека ние (Гибралтарците) ќе прифатиме компромис околу сувереноста, прават тешка грешка. Концептот за поделба на суверенитетот е осуден на неуспех” – рекол Пикардо.
Неговата изјава е реакција на едно поранешно обраќање на шпанскиот премиер Педро Санчез (Pedro Sánchez) во кое тој му порача на Лондон дека сака “преговори за воспоставување заеднички суверенитет” врз таа британска прекуморска територија, по Брегзит. Предлогот на Санчез не е никаква новина и британската влада тоа добро го знае. По преговорите во текот на 2001 и 2002 година, едно такво решение, заеднички, предложија владите во Лондон и во Мадрид, но тоа беше отфрлено, со големо мнозинство, од гласачите во Гибралтар, на референдумот одржан во ноември 2002 година.
Со британското напуштање на ЕУ и територијата на Гибралтар ќе излезе од Унијата. На британскиот референдум од јуни 2016 година за иднината на Британија во ЕУ, околу 95 отсто од Гибралтарците беа против Брегзит.
Рускиот патријарх Кирил против смарт телефоните
Рускиот патријарх Кирил изјавил дека капацитетот за прибирање податоци што го имаат смарт телефоните и другите такви апарати “може да го доближат човештвото до доаѓањето на Антихрист”. Во интервју за државната руска телевизија тој рекол дека Руската православна црква (РПЦ ) не се противи на технолошкиот напредок, туку дека само е исплашена затоа што “некој секогаш може да ја знае вашата точна локација, да знае што ве интересира, од што на пример се плашите, а сите такви информации потоа да бидат искористени за централизирана контрола врз светот”.
Според патријархот на РПЦ, контролата од една точка претставува претскажување за доаѓање на Антихрист, објаснувајќи дека тој е личност што ќе биде на чело на светска мрежа која ја контролира целата човекова раса. Оние кои не се согласуваат со ваквите квалификации за најсовремената технологија од страна на поглаварот на руската црква, прашуваат на кого гледа патријархот како на закана за христијанството, кога зборува за доаѓањето на Антихрист.
Неговите критичари, пак, забележуваат дека токму руската држава е еден од големите корисници на насовремената технологија за да се контролираат информациите и мислењето на лугето, во Русија и надвор од неа.