“Случајот Груевски” е повеќе од бегство
Извлекувањето на поранешниот премиер Никола Груевски од Македонија, осуден на две години затвор за корупција и неговото префрлање во Унгарија, што се случи кога осуденикот требаше да почне да ја издржува казната, предизвика бурни реакции во домашната јавност – од тоа дека постоел заговор, преку наводен „ таен договор“ на власта со бегалецот , до обвинувања и дисквалификации за актуелната влада, дека ја „ посрамиле државата“. Ваквите распредени приказни ги обработуваа, главно, оние кругови во Скопје кои останаа незадоволни ( од разни причини, многу често и лични) по промената на власта, но така зборуваа дури и поранешните властодршци и блиски сопартијци на побегнатиот осуденик, кои бараа оставки на министри , иако со него продолжија да одржуваат комуникација. Случајот на некогашниот семоќен лидер кој Македонија ја направи заробена држава и приватна компанија на неговата партија и на нејзината елита, меѓутоа, стана интересен и за меѓународната јавност и за светските медиуми. Прво, затоа што еден бивш премиер, како осуденик се сокри во странство, за да не седи во затвор. Второ , поради државата што ја одбра како свое засолниште и трето, поради отвореното мешање на една земја- членка на ЕУ во внатрешните работи на друга држава, во еден ваков случај.
Исклучително важно време
Угледниот американски весник „Њујорк Тајмс“ деновиве се наврати на „ случајот Груевски“ и посебно , на улогата и однесувањето на неговите помагачи и соучесници- засега- се знае дека тоа се Унгарија, нејзините специјални служби со дипломатски пасоши и унгарскиот премиер Виктор Орбан. За весникот, случајот е посебен, особено што се случува во исклучително важно време за Македонија , кога таа засилено се подготвува за влез во НАТО и ЕУ, кога Русија упорно се обидува да го блокира целиот тој процес и кога владата во Скопје целосно е ангажирана на комплетирањето на историскиот дипломатски договор со Грција кој , конечно, по повеќе од 25 години, треба да ја отстрани досега најголемата пречка за исполнување на македонските евроатлански амбиции.
„ Токму поради сето ова, случајот со Груевски е многу повеќе од бегство„ – изјавила за овој американски весник Весела Чернева, заменик директор на Европскиот совет за надворешни односи.
Тој ( барем јавно) беше против менувањето на името на државата, за да се разреши спорот со Грција и за да може да се остварат стратешките цели на државата , а во последните две години од своето десетгодишно владеење, Груевски почна да се прикажува како сојузник на Русија и на рускиот претседател Владимир Путин. По заминувањето од функцијата, остана и понатаму да биде централна фигура во македонската политика, потоа замина во Унгарија, но со тоа ги зголеми пречките околу гласањето во Парламентот во Скопје за договорот од Преспа, во обезбедувањето на потребното мнозинство, предизвикувајќи на тој начин, силен дестабилизирачки елемент во целата дебата. Чернева вели дека затоа одлуката на Орбан да му даде азил на бегалецот , можеби изгледа дека е дадена од лојалност и блискост ( кон Груевски) , но впечаток е дека унгарскиот премиер нема ништо против и предизвикувањето колатерална штета ( за Македонија, со пропаѓање на дилот со Атина). Според неа, Орбан не ги крие своите симпатии кон Путин и деструкцијата на визијата на Западот каква што сите другите ја познаваат.
Сеопфатно мешање на Унгарија
Весникот го опишува актуелниот унгарски премиер како некогашен маргиналец во европската политика кој станал „ водечки националистистички глас“ , остар противник на мигрантите и силен застапник против либералните вредности и институции на кои се потпира ЕУ. Блискоста со Груевски се поврзува со мигрантскиот бран во 2015 година, кога Македонија се најде на нивната „ балканска траса„ кон Средна и Западна Европа, за која се вели дека брзо се проширила кога се покажало дека двајцата имаат истоветни погледи за многу други прашања, пред се, околу уредувањето на нивните држави , блискоста со Путин и пресметката со Џорџ Сорос.
„Њујорк Тајмс“ потсетува дека Орбан продолжил да ја помага партијата на Груевски и кога тој не беше нејзин лидер, па во летото 2018 година Унгарецот има зборувано за подршка на македонската националистичка партија и за нејзиното настојување да се собори договорот од Преспа, со Грција, иако официјална Будимпешта продолжува да ја подржува Македонија на нејзиниот пат кон НАТО и ЕУ. Откако Унгарците го префрлија осудениот екс премиер во нивната земја, на безбедно, Орбан не сакаше да биде вмешан директно во правосудниот систем на една суверена држава, па почна да се оправдува на тој начин што тврдеше дека „ Унгарија помагала откако Груевски тргнал да бега“. Меѓутоа, американскиот весник, повикувајќи се на извори во македонската влада, чиј идентитет не го открива од разбирливи причини, вели дека унгарското мешање во целиот случај е многу поголемо и многу посеопфатно.
Координација во бегството
Прво, Груевски , пред своето бегство ја посетувал унгарската амбасада во Скопје. Потоа, македонските власти имаат регистрирано „ невообичаено многу и чести“ посети на унгарски дипломати на Македонија, во времето пред бегството на осуденикот. Трето властите знаат за бројни тајни средби одржани по скопските хотели, меѓу кои е регистрирана и средба во хотелот на братучедот на Груевски, инаку поранешен шеф на тајната служба, а се регистрирани и дискретните интересирања на Унгарците за тоа – колку е веројатно дека Груевски ќе заврши во затвор. Владата во Скопје не објавува ништо за сите свои досегашни сознанија, за да не се наруши текот на истрагата, како и за да не им се наштети на односите со Унгарија. Но , властите не кријат дека имаат примено потврда од балкански разузнавачки агенции , за влегувањето на Груевски кај Дебар, на територијата на Албанија , како и за патувањето, со унгарска дипломатска придружба и унгарски дипломатски возила, преку Црна Гора до Србија. Властите во Белград ја потврдиле информацијата, откако Груевски веќе бил на унгарска територија, но немаат соопштено кој го придружувал на патот низ Србија и во чие возило патувал.
Унгарците до крајот останаа на тврдењето дека македонскиот екс премиер побарал азил во нивната амбасада во Тирана, а властите во Скопје настојуваат да разберат дали бегалецот до границата кај Дебар , патувал во возило со унгарски дипломатски таблички. Македонските владини извори уште и категорично ги отфрлаат обвинувањата во дел од домашната јавност за некаков „ таен дил “ со одбегнатиот осуденик, објаснувајќи дека префрлањето на Груевски на унгарска територија „ само ги има искомпликувано работите, а не ги има олеснето“. Сепак, врз основа на сознанијата од македонските владини извори, „ Њујорк Тајмс“ заклучува дека станува збор за „ висока координираност при патувањето на бегалецот од Скопје до Будимпешта“ , што сугерира дека , во најмала рака, Унгарија знаела за бегството.
Медиумска империја
Во Скопје велат дека ова не е прв пат, унгарскиот премиер да се меша во македонските внатрешни работи и во нејзината политика. Во почетокот од 2017 година ( кога беше јасно дека Груевски и неговите националисти ќе ја загубат власта) , двајца Унгарци, инаку мошне блиски на Орбан, имаат купено неколку македонски интернет весници и страници, сите до еден , силни подржувачи на Груевски и сега кога е азилант во Унгарија, како и остри противници на било каков договор со Грција, а посебно на договорот од Преспа.
Чернева вели дека во Скопје е создадена вистинска медиумска империја, што само потврдува дека унгарскиот премиер не само што му беше модел- политичар на побегнатиот екс македонски премиер, туку дека Орбан силно и мошне активно му има помагано и за да ја задржи власта во Македонија.
Специјалистот за Балканот и состојбите во регионот, Димитар Бечев, професор на Универзитетот во Северна Каролина , во САД, смета дека после сето ова- критиките и нападите на кои е изложен Виктор Орбан, малку влијаат врз него и врз неговото однесување. „Станува збор за пример за демонстрација против се и кон секого во ЕУ, за тоа дека тој може се и секого да покрие и да направи и за тоа да не плати“ – рекол професорот Бечев за „ Њујорк Тајмс“.
(С. Б.)