Поврзете се со нас

Skopje Global

Трендови + Општество

Повисока свест за почист воздух

alicefoxart/Bigstock.com

Повисока свест за почист воздух

За десетина години во Македонија видливо порасна свеста кај јавноста за ризиците од уништувањето на човековата околина и од високата стапка на загаденост, особено на воздухот. Секој има нешто да каже, да критикува, да обвинува – најчесто на адреса на властите, но и да посочи на примери од поразвиените земји за решавање на проблемот. Ретко кој, во оваа фаза на јавното освестување, се смета и себеси за дел од решението, со сопствен придонес и конкретни заложби.

Единственото што во меѓувреме се промени тоа е  наглиот пораст на  продажбата на прочистувачи на воздухот за домашна употреба и на маските за дишење што “ловат” ПМ честички, за лична употреба. Остана и натаму во Македонија ретко да се видат луѓе  кои и самите преземаат нешто за чистење на хронично загадената природа со расфрлани отпадоци и пластични кеси, или да понудат решенија за таквата состојба, како и за  дивите депонии кои никнуваат  насекаде. Попрво може да се сретнат  возачи кои “во лет” ќе си ги испразнат пепелниците од автомобилот низ прозорец, или ќе фрлат пластично шише, отколку такви кои во интерес на почистиот воздух доброволно ќе се откажат од својот автомобил (често стар дизелаш) и ( барем во Скопје) ќе користат автобус за да одат до работа. Ретки се примерите дека некој ревносно го селектира отпадот и го распределува по кантите за смет, подготвен за рециклирање. И можеби уште поретко – дека некој  бил казнет од локалните власти за несоодветно фрлање на ѓубрето, или за видливото загадување на воздухот. Засега, на индивидуално ниво многу малку се делува, а многу повеќе се критикува, главно на сметка на локалните и централни власти, кои пак возвраќаат дека проблемот го наследија од своите претходници и немаа доволно време ниту за стручна студија, а уште помалку  за некакви видливи мерки за прочистување.

Скопје меѓу најзагадените во Европа

На листите за најзагадени градови во светот, девет од десет градови на врвот, обично се во Индија. Но на листата најзагадени градови во Европа, последниве години редовно 4-5 градови се на Балканот, од кои барем два, Скопје и Тетово, во Македонија. Овие информации, како и бројките за присуството на штетните ПМ-2,5 и ПМ -10 честички на дневно ниво, на дваесетина локации низ Македонија, достапни преку апликациите за смарт телефони и компјутери, се повеќе ги загрижуваат еко-свесните луѓе. Особено кога ќе покажат загадување пет, шест, па и десет пати над дозволените граници според Светската здравствена организација. Во комбинација со информациите за штетноста на загадениот воздух по здравјето на луѓето, за присуството на депонии со отровен или радиоактивен отпад, некои уште од времето на социјализмот, за смртноста на околу 2,500 луѓе годишно како последица на отровниот воздух и испарувањата од отпади полни со токсини, ги тера еко-свесните луѓе уште погласно да ги притискаат властите за што побрзи решенија.

Но колку се реално изводливи брзи и ефикасни решенија? И дали и колку целата врева околу загаденоста на човековата околина дополнително се зачинува со домашна политика, отежнувајќи го патот до решенија?

Скопје, град со повеќе од половина милион жители, е раширен во котлина, со магливи денови и понекогаш без многу ветер во зима (за разлика од оваа зима). Скопјани паметат години со нула-видливост со недели во текот на ноември, декември и јануари. Паметат дека  од смог знаело ни “прст пред око” да не се гледа, а по кусата прошетка надвор, облеката и косата се замирисуваат како во пушилница.

Такви денови имаше и во мината година и во таа претходно и во тие пред нив. Разликата сега е  што во последно време , содржината на  чадот е јасно изразена во бројки за присуството на сулфур, ЦО2, ПМ2,5, ПМ10 итн. Колку се повисоки бројките, толку е поголема и нервозата кај лугето за здравјето на родените и на  неродените, за чувството на измаменост од властите кои со децении ветуваат решенија, но и за молчењето на еко-свесните и разните еко групи и организации кои не ретко се ставаат во функција на политиката и политичките опции, одмолчувајќи ситуации , особено со зеленилото и со вкупната загаденост, иако можеа и порано да се огласат.

Гасификација и чиста енергија

Гасификацијата на  Скопје и во повеќе градови низ Македонија е едно од најефикасните и долгорочни решенија. Процесот е почнат и се очекува да се одвива што е можно побрзо, одговорно и без попречување.  Секако нема да биде можно, барем во блиска иднина, мрежата да допре  до секој дом, како што ниту системот за централно греење не допира насекаде во главниот град. Затоа фокусот, скромно но видливо, се насочува кон подигање на свеста и на можностите за користење други, чисти енергии за индивидуално греење, во замена за фосилните и разните штетни горива во моментов во употреба, како гуми, пластики, иверки , текстил и др.

Се носи регулатива за поголема искористеност и на сончевата енергија, откако од неразбирливи причини овој извор на евтина струја со децении беше игнориран, а огромни површини низ Македонија останаа со трње и грмушки, наместо покриени со фотоволтаици, како во блиското соседство и другите земји со голем број сончеви денови во годината.

Успехот на другите

Примери има доволно во светот, тргнувајќи од Кина, една од земјите со загаденост на воздухот во некои градови и до 50 пати над дозволените граници (според СЗО), во последните години. Или пак Британија, односно главниот град Лондон, каде што проблемот е решаван уште пред 6-7 децении, откако смогот достигнал кулминација во средината на минатиот век, предизвикувајќи прерана смрт на десетици илјади луѓе.

Кинеските власти најавија”железна тупаница” во борбата против загадувањето на воздухот, кое во земјата се опишува со “епидемиски размери” но и со бројка на смрт на 1,1 милиони луѓе, поврзана со дишењето отровни гасови. Планот на владата предвидува амбициозни енергетски реформи според кои индустриските капацитети и околу 4 милиони домови мора да се префрлат од системи греени со јаглен, на природен гас и обновлива енергија. Ова се однесува на 28 најголеми градови во Кина кои за само неколку години, до 2021 г.,треба од употреба да исфрлат околу 150 милиони метрички тони јаглен , и да ги заменат со гас.

Пред повеќе од шест децении сличен план, наречен “Акт за чист воздух” усвои британската влада. Тоа следеше по големата криза, позната во историјата како “Големиот смог во Лондон во 1952” кога во декември главниот град на Велика Британија неколку дена бил зграпчен во густ маглив облак, полн со насобран чад од горењето јаглен, по студено време без ветер. Владините медицински извештаи наброиле дека 4000 лица починале како директна последица на смогот, а околу 100.000 имале здравствени проблеми поради загадениот воздух. Едни од главните мерки во “Актот за чист воздух”  усвоен во 1956 година биле препораките за подигање на свеста кај населението за користење чиста енергија и програмата за гасификација на поголемиот дел од топланите, индустриските капацитети и домовите.

( С. Б.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
1 Коментар

1 Коментар

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Трендови + Општество

Горе