СПЦ на судење во Лондон за педофилија
Српската православна црква (СПЦ) се соочува со судење, откако Вишиот суд во Лондон прифати шест тужби против црквата за педофилија, јавуваат белградските медиуми. Сега се очекува да се види како на ова ќе регира црквата, но според изјава на застапник на тужителите, покрај овие шест тужби на оштетени лица, постојат уште луге кои се подготвени да ја тужат црквата за сексуално насилство на нејзини свештеници.
Случајот прв пат бил покренат во март 2018 година, кога била поднесена првата тужба пред лондонскиот суд. Меѓу тужителите е и еден некогашен ѓакон кој пред неколку години јавно го обвини сега сменетиот, па пензиониран владика на СПЦ за регионот на Зворник и Тузла- Василие Качавенда, дека сексуално го нападнал и дека барал од ѓаконот да му подведува млади момчиња.
Во Србија никој досега го нема покренато прашањето за педофилија во црквата, ниту било што (барем јавно) било утврдено, освен што во 2006 година бил обвинет владиката од врањанската епархија на СПЦ, но судот во Ниш кој се занимавал со овој случај го ослободил. Владиката бил обвинет за сексуално насилство врз четири момчиња. Судот го затворил случајот, но поради недостиг на докази и застареност на целиот предмет, а не затоа што владиката бил невин.
Според британското законодавство, секој кој има имот, или поседува регистрирана фирма или организација во Британија, во случајот- Српската православна црква – која таму има своја епархија, подлегнува на одредбите од британските закони. Тие се посебно строги и не застаруваат кога станува збор за педофилијата.
Виктор Јанукович осуден за предавство
Поранешниот украински претседател Виктор Јанукович е осуден на 13 години затвор за предавство на својата земја. Судот во Киев, на Јанукович му судел во отсуство, затоа што тој сега живее во Русија.
Освен за предавство тој е обвинет и за соучесништво во војната во Украина (со проруските бунтовници) во источните делови на државата, како и за планирање промена на границите. Тоа може да се однесува на полуостровот Крим што во март 2014 година го анектираше Русија, како и за источните области Луганск и Донецк, каде бунтовниците веќе имаат прогласено “независна” Донецка република. За другите две обвинувања е најавено ново судење, а изречената казна се однесува само за обвинувањето за предавство.
Јанукович како претседател на Украина важеше за силно проруски определен политичар кој не дозволуваше земјата да се сврти кон ЕУ и Западот, кога тоа се бараше на масовните улични протести во Киев. Кога дојде до судири меѓу силите лојални на тогашната власт и прозападните демонстранти и опозицијата, Јанукович беше принуден да се повлече од функцијата, а потоа со руска интервенција да биде тајно префрлен во Москва. Од таму се огласи само еднаш-двапати, но престана јавно да зборува откако рускиот претседател Владимир Путин , во една прилика, го критикуваше за неснаоѓање и за тоа што дозволил ситуацијата во државата “да излезе од контрола”.
Поранешниот шкотски прв минисер Салмонд во притвор
Поранешниот прв министер на Шкотска и лидер на Шкотската национална партија (СНП) Алекс Салмонд, е уапсен и изведен на сослушување, откако е обвинет за силување и за сексуално насилство. Според медиумите во Единбург, тој се товари за дури 14 дела, од кои девет се за сексуално насилство, а две за силување. Тој ги отфрла сите обвинувања.
Во август 2018 година, Салмонд се повлече од СНП кога две жени го обвинија за сексуален напад.
Во меѓувреме, влезе во остар судир со шкотската влада, обвнувајќи ја за “нечесност кон него”, кога станува збор за сите овие обвинувања. Дури и ја тужеше на суд владата, што ја предводи Никола Старџен, порано најблиската соработничка и сојузник на Салмонд. Судот пресуди во негова полза, но тоа не ја запре работата на полицијата, да продолжи со истрагата и на крајот да подигне и обвинувања.
Салмонд 20 години беше лидер на СНП и тој е најзаслужен за подемот на оваа некогаш мала, националистичка и сепаратистичка партија, за да стане првата политичка сили во Шкотска. По првата изборна победа во 2007 година, откако таму половина век победуваа британските лабуристи, Салмонд стана прв министер. На таа функција остана до 2014 година, кога се повлече откако на референдумот за отцепување од Британија, за што максимално се залагаше, доживеа пораз.
Старџен ја продолжи, главно, неговата политика и остана верна на идејата за независна Шкотска, како членка на ЕУ, но обидот да се покрене втор референдум, посебно по одлуката на Британците (на Англичаните, пред се) за Брегзит, се изјалови. Сите сегашни истражувања покажуваат дека Шкотланѓаните се оладија за идејата за независност, а се измени и политичката ситуација во Шкотска. Сега СНП нема уверливо мнозинство во Холируд (шкотскиот Парламент), а не е сама ниту во осудата за Брегзит – против напуштањето на ЕУ се и шкотските конзервативци кои агитираат дека британското излегување од Унијата е штетно за Шкотска.