Во Чикаго постудено од Антарктик
Незапаметен студен бран со исклучително ниски температура, снег и мраз погоди некои од северните сојузни држави на САД, предизвикувајќи блокади и застој во патниот и воздушниот сообраќај. Најтешко е погоден реонот на Чикаго, во сојузната држава Илиноис, каде температурите се толку ниски што според метеоролозите, се очекува да достигнат ниво што за лугето ќе постои чувството како да надвор е минус 53 степени Целзиусови.
Градот полека се оковува во мраз, а замрзнува и реката што тече низ овој повеќемилионски град, како и бројните речни канали. Со вакви ниски температури во Чикаго е постудено отколку на Антарктик.
Медицинските служби и локалната полиција соопштиле дека засега се регистрирани пет смртни случаи, како директна последица на големиот студ. Лекарите ги советуваат лугето да не излегуваат на улиците, а доколку веќе мораат да бидат надвор од затоплените места, сугестијата е да не се дише длабоко, а разговорите на улица да бидат максимално редуцирани за да ледениот воздух не навлегува во органите за дишење.
Дури 55 милиони Американци живеат во зоната зафатена со големите студови. Во три сојузни држави е прогласена вонредна состојба- Илиноис, Мичиген и Висконсин, а невообичаено ниски темератури има и во неколку јужни сојузни држави, а пред се, во Алабама и Мисисипи.
Во Техеран забрането шетање кучиња
Властите во главниот град на Иран, донеле одлука да им се забрани на жителите на Техеран да ги шетаат своите кучиња низ градските улици и паркови. Забраната се однесува и на внесување на кучињата во автомобилите на нивните сопственици. Доколку не се почитува забраната, сопствениците ризикуваат казна и одземање на домашните галеничиња. Контроли ќе се прават и по сообраќајниците, па ако се забележи куче во автомобил , возилото ќе биде запрено, кучето одземено , а возачот казнет.
Во образложението се вели дека специјална религиозна комисија наложила ваква забрана, објаснувајќи дека во иранската традиција кучето е симбол за валканост, дека е спротивно на религизните норми на исламот , а дека нивното шетање по улиците претставува симбол на „ западниот декадентизам“ што бил својствен за времето на последниот ирански шах и неговата ориентација за внесување на западните норми во Иран.
Пред забраната, можело да се забележат млади Иранци и Иранки како се шетаат низ улиците и низ парковите на Техеран, водејќи ги со себе, своите кучиња. Одлуката на локалните власти , сепак, изгледа нема предизвикано поголеми реакции на социјалните мрежи. Медиумите на Западот имаат издвоено една критична забелешка во која некој само прашува дали властите „ наскоро нема да се досетат за да наложат лугето на работа и дома да патуваат на камили“.
Пакистанската христијанка останува на слобода
Пакистанската христијанка Асиа Биби, сепак, останува на слобода откако Врховниот суд на Пакистан ја потврди ослободителната пресуда што беше донесена во октомври 2018 година, откако оваа млада жена, мајка на пет деца, помина осум години во ќелијата на смрта, чекајки да биде егзекутирана.
Во 2010 година, Биби беше осудена на смрт за „ богохулство“ и за навредување на пророкот Мухамед. Поништувањето на смртната казна и нејзиното пуштање на слобода, пред четири месеци предизвика гневна реакции на фундаменталистите и ортодоксните исламисти кои организираа насилни протести низ пакистанските градови, заканувајќи им се со смрт на судиите кои ја ослободија и на несреќната жена. Таа од тогаш била одведена и чувана на тајна локација, во исчекување на изходот од жалбата на обвинителите кои се спротивставиле на ослободителната пресуда.
Жената која е припадник на малата заедница на христијани во исламскиот Пакистан, била обвинета за богохулство по една улична расправија, откако била нападната што се напила вода, од истата чаша од која пред неа пиеле други луге кои инаку биле муслиманите, кога таа не од нивната религија. Според обвинувањето, Биби тогаш „ зборувала негативно“ за исламот, на што подоцна и било припишано и навредување на Мухамед.
Богохулството е тешко кривично дело во Пакистан, за што често се изрекува најтешката казна. Случајот на Асиа Биби предизвика бурна реакција на меѓународната заедница и барања од Пакистан да се измени пресудата , а жената да се ослободи, означувајќи ја нејзината казна како тешка повреда на човековите права. Сега се настојува таа да биде тајно изведена од Пакистан, за да не биде убиена од некој од фундаменталистите.