Франција и Италија “во војна”
Неколкумесечната нервоза во француско-италијанските односи и јавните прекорувања кои повремено се појавуваа во медиумите, се претворија во “војна” меѓу Париз и Рим, откако Франција револтирано, одлучи привремено да го повлече од Италија својот амбасадор. Станува збор за случај без преседан во односите меѓу овие две соседни и сојузнички земји, каков не е забележан од крајот на Втората светска војна.
Како причина за ваквата атмосфера меѓу Париз и Рим се наведуваат серијата “неосновани, чудни и назадни” напади и обвинувања кон Франција и нејзиниот претседател Емануел Макрон, од страна на двајцата италијански популисти, сега вицепремиери во владата, ултралевичарот Луиџи ди Мајо, од движењето “Пет ѕвезди” и крајниот десничар Матео Салвини од партијата Лига (поранешната сепаратистичка Лига Норд).
Нападите во изминатите месеци беа насочени кон економската и посебно кон мигрантската политика на францускиот претседател. Но овој несекојдневен спор и честопати навредливите и непристојни (за политичари на така високи функции) коментари на Ди Мајо и на Салвини, кон Париз и Макрон, се случуваат во време кога расте тензијата меѓу националистичките и проевропските сили во ЕУ.
Гневна реакција на Париз
Формално, францускиот амбасадор е “повикан на консултации” во Париз, но портпаролот на владата не се труди да го сокрие гневот, па во својата изјава – без ни малку дипломатска префинетост – порачува дека со повлекувањето на амбасадорот, на Рим му е испратен важен сигнал “да не се меша во (француските) внатрешни работи и состојби“.
Според овој портпарол- гестот на официјален Париз е порака дека…
“навистина постојат работи за кои не може да се согласуваме, но друга работа е да ги злоупотребуваш билатералните односи за изборни потреби”.
Тој уште рекол дека постојат работи кои не се прават меѓу две соседни, пријателски и партнерски земји.
На ваквата реакција на Французите, со смирувачка изјава се огласи италијанскиот премиер Конте кој е во посета на Либан, а со изјава која треба да ги смири страстите и да помогне за да случајот не се претвори во јавна кавга, реагираше и италијанското министерство за надворешни работи.
Со писма до претседателите на двете земји, се огласија и највисоките претставници на бизнис заедниците во Франција и Италија, барајќи “конструктивен дијалог” во сегашнава ситуација и порачувајќи дека натамошната расправија може да предизвика штета на бизнисот и да ја загрози позицијата на ЕУ во светот.
Ваквата нивна брза реакција е сосема разбирлива, затоа што двете соседни земји се меѓу најголемите трговски партнери, а Франција и Италија се втората и третата по моќ економија во Унијата.
Ди Мајо илегално со “жолтите елеци”
Поводот за ескалацијата во наелектризираната атмосфера на двата соседа е “илегалната” посета на Ди Мајо на Франција
Поводот за ескалацијата во наелектризираната атмосфера на двата соседа е “илегалната” посета на Ди Мајо на Франција, каде тајно, на неоткриена локација во околината на францускиот главен град, се сретнал со водачите на “жолтите елеци” кои од средината на ноември демонстрираат во Париз и уште низ некои француски градови, за да им даде подршка да истрајат во нивните протести и барања.
“Жолтите” кои започнаа како незадоволни граѓани поради поскапувањето на дизел горивото, а потоа, наеднаш се префрлија на политички терен, барајќи оставка од Макрон, нови избори и одржување референдуми “за да се слушнал гласот на народот” за да сега излезе дека нивните водачи сакаат да бидат партија која ќе се појави на мајските избори за Европскиот Парламент.
Во стилот на политичар од улицата, Ди Мајо јавно им има дадено подршка на “елеците” што предизвика остра и невообичаена реакција на официјален Париз.
Франција и Италија се основачи на ЕЕЗ/ЕУ и тие со Германија (па делумно и со Британија) на некој начин, го сочинуваа она што се нарекува срцето и душата на нова и обединета Европа. Популистите, националистите и крајната десница, не можејќи да се вклопат во системот на уредени и стабилни, граѓански општества, се свртеа кон улицата, продавајќи популизам и свртувајќи се одново кон национализмот, во заведувањето на гласачите, само за да дојдат до власт и до највисоките позиции во државите.
Такви има во Унгарија и делумно во Полска. Има обиди преку инсистирање на националното да се привлекуваат гласачите и во другите земји од некогаш проевропската Вишеградска четворка и делумно во Скандинавија, но во Италија каде преку уличната “демократија” е создаден фашизмот во раните триесети години на 20 век, двете популистички групации од крајната десница и левица, формираа влада и почнаа да дејствуваат по антиевропски терк.
Дезориентирани дипломати
Од јуни 2018 година, од кога е формирана оваа “шарена” влада во Рим, во која премиерот како непартиска личност е во длабока сенка на тандемот Ди Мајо-Салвини, кои се постојано во јавноста и единствени даваат изјави, започна да се гради нервозна атмосфера во италијанско-француските односи. Мигрантите и различните позиции на двете земји околу нив, се основата од каде потекнуваат расправиите, па во една прилика Ди Мајо ја обвини Франција дека ја продлжува својата колонијална политика во Африка, дека и натаму ги “експлоатира” Африканците, што според него е една од главните причини за миграцијата на лугето од “Црниот континент“.
Салвини, пак, давајќи им подршка на протестите во Франција, во јануари изјави дека се надева оти Французите, наскоро, “ќе се ослободат од еден ужасен претседател”!
Со месеци на ред, од страната на овие двајца популисти трааат провокациите кон Франција, што ги збунува италијанските дипломати (низ Европа и светот) и ги прави дезориентирани – има напишано во својот коментар италијанскиот весник “Кориере дела Сера”.
Париските медиуми веруват дека ваквото однесување на двајца италијански политичари кон соседна Франција е во функција на агитацијата на крајната левица и десница на Италија, за мајските избори за Европскиот Парламент.
На удар е директно Макрон, затоа што тој важи за силен застапник на евроинтеграциите, на духот на европеизмот и е силен противник на десничарењето, на национализмот и популизмот, сметајќи ги како закана за иднината на ЕУ и опасност за враќање на времето во кое беа создадени фашизмот и нацизмот.
Обајцата и не кријат дека Ди Мајо е сосема близок до крајната левица во критиките кон Макрон, а Салвини е со Марин Ле Пен од францускиот Национален фронт, која беше поразена од актуелниот претседател на Франција, на последните избори во 2017 година. Италијанецот од Лига партијата, важи и за симпатизер на рускиот претседател Владимир Путин и знае да облече маица со неговиот лик.
Во ЕУ од подамна се откриваат докази за подршката на Москва на анти ЕУ- десницата во Унијата и на европските популисти, во настојувањето да се ослабне Унијата и да се разниша нејзиното единство. Актуелниот американски претседател Доналд Трамп, исто така, не е меѓу оние кои навиваат за ЕУ, а ни Кина никогаш не била среќна со силна и единствена Европска Унија, колку и да настојува да се прикаже како нејзин партнер.
Салвини сака средба со Макрон
Ди Мајо својот таен пат и престој во Париз го оправдува со тврдењето дека се сретнал со “жолтите елеци” (тие, формално, во Франција и натаму се илегална група) за да им даде подршка како на пријатели и сојузници. Салвини, од своја страна, веке има речено дека е спремен да се сретне со Макрон, но бара предуслови за тоа. Бара од Франција да ги предаде италијанските “левичарски милитанти”, вкупно 14, кои се на француска територија, откако биле протерани од Боливија, како и да престане да ги враќа мигрантите од својата територија, назад во Италија.
Двете страни од минатата година почнаа да си префрлаат за мигрантите- Франција и замера на Италија што не ги прима бродовите со бегалци, додека од Рим му возвраќаат со Париз, што не зема бегалци на своја територија. Француската страна се лути што е во застој брзата пруга меѓу Лион и Торино, со тунел под Алпите, проект во вредност од 8,6 милијарди евра, а од Италија се објаснува дека проблемот е во непостоењето согласност меѓу тамошните коалициски партнери- движењето Пет ѕвезди има резерви кон целиот план.
Никој не знае како ке заврши “војната” меѓу овие два соседа, а особено кога тоа би се случило. Прв знак за намалување на тензиите може да биде враќањето на францускиот амбасадор во Рим, а тој можеби ке поседи во Париз и до после европските избори. Но, тензиите, веројатно, ќе останат се додека не се види дали проевропејците ке ги совладаат националистите и популистите.
Во досегашната историја на ЕУ, има сосема малку вакви примери во односите меѓу земјите членки, кога една држава во знак на револт го повлекува својот амбасадор од земјата со која е во расправија. Фрацускиот потег се третира како случај без преседан, најмногу поради двете земји за кои станува збор.
Но околу мигрантите, што некој успеа во еден момент да и ги испрати на Европа, на ваков начин се имаат скарано Грција и Австрија, во 2016 година (грчкиот амбасадор беше повлечен од Виена) и Унгарија и Холандија, во 2017 година (унгарскиот амбасадор беше повлечен од Хаг), откако холандски дипломат ја спореди унгарската влада со Исламска држава.
(С.С.Г.)