Поврзете се со нас

Skopje Global

Трендови + Општество

Политиката ја елиминира Украина од Евровизија

bildlove/BigStock.com

Политиката ја елиминира Украина од Евровизија

Натпреварите за песна на Евровизија се започнати уште во средината на педесеттите години на 20 век, како своевиден музички израз за една нова Европа која тогаш почна да се изградува, иако источниот дел од континентот остана отсечен од другата страна на политичко-идеолошката “Железна завеса“ што беше подигната набргу по завршувањето на Втората светска војна.

Источниот, советски комунистички блок во кои беа сите источноевропски земји, предводени од тогашниот Советски Сојуз, без Југославија кој беше членка на Евровизија, како и без Албанија која се определи за самоизолација, создадоа своја заедница на бродкастери – Интервизија, која подоцна и самата почна да организира свој музички фестивал, по углед на евровизискиот.

Кога падна Берлинскиот ѕид и се распаднаа комунизмот и СССР, поранешните комунистички земји од Истокот го започнаа процесот на декомунизација и демократска транзиција, па пропадната Интервизија, ја заменија со Евровизија во која се вклучија сите, па дури и Русија. Евровизискиот музички фестивал, на тој начин, вистински стана натпревар за најдобра песна на Европа. Но уште од времето на своите почетоци, а и подоцна, по европското обединување, Европската бродкастерска унија (ЕБУ) инсистираше на своите основни принципи – овој музички фестивал – натпревар за најдобра песна – да биде ослободен од политиката, за да не се предизвикаат нови делби, наместо да се промовира и зацврстува започнатото обединување.

Марув ги подели Украинците

Тоа не значи дека никогаш немало, или дека нема политика во целата оваа приредба, без разлика што многу често, вмешувањето на политиката се објаснувала со потребата да не се дозволи таа да биде пресудна. Годинава, меѓутоа, токму политиката “зачинета“ со непријателските односи со првиот сосед и внатрешните состојби, како последици на целата таа ситуација, предизвикаа една земја, да биде елиминирана уште пред да започне евровизискиот натпревар. Станува збор за Украина, која се пријави за натпреварот, избра и песна што требаше да ја претставува во Тел Авив, во Израел, а потоа самата се откажа.

На локалниот украински натпревар – кој да ја претставува украинската популарна музика, победи пејачката Марув врз основа на изборот на телевизиските гледачи. Музички експерти велат дека песната можеше да биде и еден од фаворитите за годинешен победник, но организаторот на изборот – украинската национална тв компанија УА-ПБЦ, прво ја отповика Марув и соопшти дека таа нема да патува за Израел, иако освои најмногу гласови, а подоцна ја извести домашната јавност, како и Евровизија – дека Украина целосно се повлекува од годинешново натпреварување.

Пејачката чие вистинско име е Ана Корсун (27) го објасни целиот случај со политички причини, односно дека таа одбила да се појави во Тел Авив врз основата на договор кој морала да го направи со тв компанијата, што таа го има оквалификувано како “цензура“. На својот профил на Фејсбук таа има запишано дека го прифатила барањето да ги откаже сите свои веќе договорени настапи во Русија, барем до завршувањето на евровизискиот натпревар, но одбила да се согласи и со другите одредби од договорот.

“Јас сум државјанин на Украина, плаќам данок и искрено ја сакам земјата, но јас сум музичар и не сум подготвена да се вклучам во промоција на нашите политичари“ – рекла пејачката Марув.

Музика во сенка на агресијата

Домашниот бродкастер на целиот случај, меѓутоа, гледа сосема поинаку и објаснува дека Евровизија бара од сите државни тв компании, да обезбедат “неполитички карактер“ на изборот на песната, тврдејќи дека со изборот на Марув и со сето тоа што се случуваше потоа, би можело да дојде до “опасна ескалација на поделбата во украинското општество“. Украинскиот организатор се обидел да најде замена – нудејќи им го местото на Марув, на второпласираната пејачка група, а потоа и на третопласираните на локалниот избор, но и двете групи одбиле.

Зад сето ова, сепак, се наоѓа украинско-рускиот судир, анексијата на Крим и сепаратистичкиот бунт во Источна Украина што Москва отворено и со сите можни средства го помага и го подржува. Украина стана независна во 1991 година, по распадот на Советскиот Сојуз. Од почетокот, Русија е против свртувањето на оваа поранешна советска република кон Западот, опишувајќи го тоа како закана за нејзините интереси. Во 2014 година, по масовните протести, тогашниот проруски претседател Виктор Јанукович мораше да се повлече, по што руската страна да го префрли во Москва, за да избегне апсење и судење. Протестите избуваа откако тој, прво го прифати веќе постигнатиот договор на Киев со ЕУ, а потоа се откажа од него, под руски притисок. На свртувањето на Украина, Русија реагираше со анексијата на полуостровот Крим и со интервенцијата на истокот од државата.

Во ноќта на украинскиот избор за тоа кој ќе ја претставува земјата во Тел Авив, од Марув се барало да каже дали ја осудува анексијата на Крим. Таа одбила да одговори, но и покрај тоа, при гласањето, добила најмногу гласови од гледачите. Тоа го отвара прашањето кои биле мнозинските гласачи и од кои делови на земјата најмногу се гласало. Според локалните аналитичари, ваквата ситуација укажува дека украинската музичка индустрија веќе има сериозен системски проблем. Тоа се врските на пејачите и музичарите со „територијата на државата – агресор“, мислејќи притоа на Русија. “За дел од украинското општество, тоа е сосема прифатливо, додека другиот дел тоа го осудува со индигнација и никако не може да го прифати“ – забележуваат овие аналитичари.

(Д.У.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Трендови + Општество

Горе