Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Затвор за “непочитување на владата” на Русија

De Visu/BigStock.com

Затвор за “непочитување на владата” на Русија

Пратениците на руската Дума (Парламентот) го изгласаа законот со кој се казнува со затвор до 15 денови – “непочитување на владата“. Заедно со овој закон, во истиот пакет, е усвоен и законот против, како што е речено, ширењето “лажни вести” за работата на руската влада.

Според предлагачите на контроверзните закони – пратениците на партијата Обединета Русија, на претседателот Владимир Путин“непочитувањето на владата значи и непочитување на функционерите, на државата и на руското општество“.

За двете новосоздадени кривични дела, покрај затворот се предвидени и високи парични казни до 100 илјади рубљи (1500 американски долари).

Ваквите закони кои се очекува да бидат потпишани од рускиот претседател, доаѓаат непосредно по одлуката Русија да се оддели од глобалната мрежа на интернет и да создаде свој, внатрешен систем, што критичарите веќе го означија како поставување “внатрешна железна завеса“.

Дел од руските новинари, активистите за човекови права, па (велат) и некои министри (!?) сметаат дека законите се “варварски“.

Странски аналитичари во сето оваа гледаат знак за натамошна “советизација и брежњевизација“ на денешна Русија, идентична со “сивото време” на Советскиот Сојуз, кога лидер на земјата беше Леонид Брежњев, семоќниот генерален секретар на КП на СССР.

Јапонски ферибот се судри со кит

Повеќе од 80 лица се повредени, меѓу кои 13 потешко, во необичниот инцидент во Јапонија, кога еден брз ферибот се судрил на отворено море со кит. Инцидентот се случил во водите на Јапонско Море, додека фериботот патувал на својата редовна линија меѓу пристаништето Нигата и островот Садо.

Во моментот на сударот, бродот се движел со голема брзина, бидејќи овие пловила се оспособени за брзина до 80 километри на час. Од ударот бродот бил оштетен, но останал на морската површина за да ги пречека спасувачките екипи и за да може потешко повредените да се пренесат во болница. За ниту еден од нив не се вели дека се наоѓа во животна опасност.

Во првиот момент, не било јасно во што удрил фериботот, но подоцна поморските власти соопштиле дека станува збор за бел кит. Во моментот на сударот, на бродот имало 121 патници и четворица членови на екипажот.

Челси Манинг уапсена за одбивање да сведочи

Поранешниот аналитичар на американската воена безбедносна служба, Челси Манинг е приведена од полицијата и задржана во затвор, затоа што одбива да сведочи во отворената истрага за “случајот Викиликс“.

Според американските медиуми Челси ќе остане во затвор се до донесувањето на одлуката на Големата порота, или додека не одлучи да го смени своето мислење. Таа, меѓутоа, тврди дека тоа нема да го направи, бранејќи се дека се што знаела за целиот случај веќе го има соопштено во текот на истрагата за нејзиното судење во 2013 година.

Челси Манинг беше уапсена во 2010 година, во Ирак, каде беше дел од американските вооружени сили. Таа беше обвинета, а подоцна и судена за издавање државни тајни, за шпионажа и за помагање на непријателот на САД, откако на интернет страницата на “Викиликс“ тајно му има префрлено околу 700 илјади доверливи и тајни документи, писма, телеграми и материјали од американскиот Стејт Департмент и од Пентагон.

Тогаш Манинг беше машко и се нарекуваше Бредли Манинг кој иако имаше униформа, не учествуваше во никаква воена операција. Во текот на истражната постапка тој има изјавено дека се чувствува како жена и дека сака да го смени полот, што му беше и дозволено.

На судењето, Манинг доби затворска казна од 35 години, за вкупно 20 најразлични дела, но во затворската ќелија остана само седум години. Пред своето заминување од функцијата, претседателот Барак Обама одлучи да ја помилува.

Републиканците и тогаш и сега остро ја осудуваат ваквата одлука.

Британското кралско семејство против троловите

Канцеларијата на британското кралско семејство соопшти дека ќе бидат блокирани корисниците кои на официјалниот сајт на кралската куќа оставаат навредливи коментари, пораки со омраза и расизам.

Со ваквата мерка ќе бидат опфатени Бакингамската Палата (службена резиденција на кралицата Елизабета), Кларенс Хауз, резиденција на престолонаследникот, принцот Чарлс, како и палатата Кенсингтон, резиденција на принцовите Вилијам и Хари и нивните сопруги. Во соопштението се вели дека сите пораки и текстови со ваква содржина ќе бидат избришани и сокриени, а најтешките случаи пријавени на полицијата.

Невообичаената мерка доаѓа по напливот од навреди за Кетрин (Кејт) Мидлтон, сега војводка од Кембриџ, како и навредливи и расистички пораки и коментари за Меган Маркл, која по мажачката за принцот Хари ја доби титулата војводка од Сасекс. Тие двете, немаат свој личен налог на социјалните мрежи. Маркл, која е Американка и поранешна актерка, еднаш разведена, имала свој налог, но тој бил веднаш затворен откако таа стана снаа во кралското семејство.

Напливот од навредии се поврзува со бројните “скандалозни“ текстови во некои од лондонските таблоиди и на интернет страниците во кои на удар, пред се, е сопругата на Хари која е во осми месец бременост.

Во ваквите текстови најчесто се прават стории за детали од нејзиното потекло (таа е дете од расно мешан брак), за односите меѓу нејзините разведени родители, како и за тоа дека таа е (наводно) во судир со Кејт Мидлтон и дека внесува “конфликти“ во семејството.

Теодоракис префрлен во болница

Прославениот грчки композитор Микис Теодоракис кој оваа година ќе наполни 94 години, е префрлен во болница во Атина поради проблеми со срцето. Не се дадени детали за неговата здравствена состојба.

Во светот тој е најмногу познат по својата музика за филмот “Гркот Зорба“, но има компонирано и бројни симфонии и ораториуми, а има создавано и популарна музика врз основите на грчкиот мелос.

Во Грција тој е познат и по својата политичка работа, на која и е посветен целиот живот.

Од раната младост тој е со левичарите и грчките комунисти, прво како партизан против нацистичката окупација, подоцна како учесник во Граѓанската војна (на страна на комунистите) од 1946 до 1949 година и во шеесеттите години на 20 век, како противник на грчката воена диктатура, кога мораше да избега во Франција, претворајќи се во своевиден симбол на отпорот против полковниците.

По падот на диктатурата и претворањето на Грција во република, Теодоракис стана пратеник, во осумдесеттите години, а потоа и министер во една грчка конзервативна влада, во деведесеттите години на 20 век. Беше остар противник на мерките за штедење по избувнувањето на финансиската криза и крахот на грчката економија.

Последен пат се вклучи во политиката кога комунистите го убедија да се појави на еден митинг против грчко-македонскиот договор од Преспа, не давајќи го името “Македонија“.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе