Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Еколошки стрип-тиз во Вестминстер

Ben Gingell/BigStock.com

Еколошки стрип-тиз во Вестминстер

Петнаесетина припадници на еколошката група Екстинкшн Рибелион (Extinction Rebellion) предизвикаа инцидент во Долниот дом на британскиот Парламент кој и понатаму останува “заглавен” со Брегзит, изведувајќи протестен, еколошки “стрип-тиз“ во зградата во Вестминстер.

Останувајќи само во долната облека, момчињата и девојките се искачиле на оградата од галеријата во салата каде се одржуваат парламентарните седници, свртени со грбовите кон пратениците, членовите на владата, премиерот Тереза Меј и лидерите на опозициските партии, на кои била испишана паролата – Донесете закон за климатска праведност – порачувајќи гласно дека во спротивност, на Британија и на светот, им претстои еколошки крах.

Дебатата околу излегувањето на Британија од ЕУ, за момент била прекината, откако пратениците и политичарите, долу во салата, виделе што се случува на галеријата. Инцидентот предизвикал голем интерес кај фоторепортерите и посебно станал главна тема на социјалните мрежи, но расправата веднаш потоа продолжила, откако Спикерот на Парламентот, Џон Беркоу, не покажувајќи ни малку вознемиреност, побарал дебатата да не се прекинува.

Целта на демонстративното соблекување во салата каде се донесуваат сите британски закони и во време на распалената и хаотична ситуација околу Брегзит, била да се натераат владата и британските политичари да се зафатат и со ситуацијата со еколошката криза во Британија, а не единственото внимание и целата енергија, веќе неколку години да се трошат само за напуштањето на ЕУ.

Моравме да реагираме на ваков начин, затоа што владата, но и сите медиуми, се обземени со Брегзит и целосно заборавија на другите работи, не осврнувајќи се на најважната работа на денешницата, а тоа се климатските промени

…изјавил за лондонските медиуми еден од учесниците во протесното соблекување во Парламентот во Лондон.

Полицијата, сепак, интервенирала уште додека траела дебатата во Долниот дом за Брегзит, па разголените екологисти биле одведени од галеријата, сите биле притворени и обвинети за непристојно однесување.

Ова не е прв ваков инцидент, што го предизвикале граѓаните-посетители кои може да присуствуваат на парламентарните седници, како гледачи, на галеријата.

Пред дванаесетина години, за време на една парламентарна седница, додека тогашниот премиер Тони Блер одговараше на пратенички прашања, неколкумина еко – демонстранти фрлија врз него “бомбички“ наполнети со прав во боја.

Настрада само костумот на премиерот, но тој продолжи да одговара на пратеничките прашања, а тогашниот Спикер не ја прекина седницата.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе