Поврзете се со нас

Skopje Global

Трендови + Општество

Доживотен затвор за абортус!

Olena1983/BigStock.com

Доживотен затвор за абортус!

Сенатот на сојузната држава Алабама, на југот од САД, со уверливо мнозинство гласови го усвои контроверзниот закон со кој се забранува абортус на територијата на оваа држава. Сенатот во кој мнозинството го сочинуваат локалните републиканци, со 25 гласови „за“, наспроти само шест „против“, го прифати законот, според чии одредби абортусот, во било која фаза од бременоста исклучително строго се казнува.

За оној што ќе изврши абортус на територијата на оваа сојузна држава, било да е стручно, медицинско лице, или не, следува казна затвор од 99 години, или доживотен затвор!

Исклучок од санкционирањето, законот дозволува само доколку сериозно е загрозено здравјето на жената. Пред гласањето, демократските сенатори предлагаа, како исклучок од санкционирањето да се третираат случаите на бременост, како последица на силување, или инцест, но мнозинството го отфрли овој предлог.

Американските медиуми кои на одлуката на државата Алабама, драконски да се казнува за извршување на абортус, посветуваат голем публицитет, објаснуваат дека донесувањето на законот се третира како против “мерка“ на една дамнешна и меѓу либерална Америка означена како “историска одлука“ на Врховниот суд, од 1973 година, со која абортусот беше легализиран на целата територија на САД.

Оние кои го подржуваат сегашниот закон во Алабама, веруваат дека ќе успеат да изнудат Врховниот Суд во Вашингтон одново да ја разгледа одлуката од пред 46 години. Нивната намера е одлуката за легализирање на абортусот, повеќе да не важи за целата територија на САД. Тие веруваат дека сегашниот состав на овој суд, во кој по доаѓањето на претседателот Доналд Трамп во Белата куќа, мнозинството врховни судии се конзервативци, ќе може да ги задоволи нивните настојувања.

Американските сојузни држави Кентаки, Мисисипи, Охајо и Џорџија, исто така, прифатија забрана за абортус, но кај нив тоа се однесува од моментот кога ќе почне да се слуша чукањето на срцето на фетусот – што може да се случи до шестата недела од бременоста. Законот донесен во Алабама, пак, наложува целосна забрана на абортусот.

Но, во Алабама, за разлика од одлуките донесени во другите 16 сојузни држави, драконските казни се однесуваат само за оние кои ќе извршат абортус, а не и за бремените жени.
Предлагач на контроверзниот и крајно конзервативен закон, кој предизвик револт кај либералниот дел од инаку, традиционално, конзервативната Алабама, е жена, извесна Тери Колинс. А жена е и гувернерот на оваа сојузна држава, Кеј Ајви која без многу да размислува го потпиша контроверзниот закон, со што тој стапи во сила.

Локалните демократи и оние кои гласаа против во Сенатот и претходно во Претставничкиот дом на Конгресот во Алабама, продолжуваат остро да се спротивставуваат на еден ваков закон. “Оние кои гласаа за него и сите кои го подржуваат, би требало да се срамуваат, зашто законот е срамен за Алабама“- изјавил еден од демократските сенатори, за локалните медиуми.

Разни групи и организации за женски и воопшто за човекови права најавија покренување постапка пред судовите, а женски организации изведуваат протести пред Конгресот и пред седиштето на локалниот гувернер.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Трендови + Општество

Горе