Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Судење на Кристина Кирхнер

saiko3p/Bigstock.com

Судење на Кристина Кирхнер

Во Буенос Ајрес почна судењето на поранешниот претседател на Аргентина, Кристина Фернандез де Кирхнер (66), обвинета за корупција. Обвинителството тврди дека таа примила поткуп од една голема градежна фирма, за да ја добие зделката за големиот и скап проект на аргентинската влада за изградба на централа.

Почетокот на судскиот процес доаѓа само неколку дена откако Кирхнер објави дека ќе се кандидира за потпретседател на државата, на изборите закажани за октомври оваа година. Таа помина два мандати како претседател на Аргентина , но сепак најавува дека нема намера да се повлече од политиката, па медиумите во главнот аргентински град објавија дека таа одново ќе се кандидира за уште еден претседателски мандат. Но, излезе дека овојпат ја нема добиено подршката од својата партија за нов мандат како шеф на државата, па  објави  дека ќе учествува во изборната трка за потпретседателската функција.

Изборни трикови

Како претседателски кандидат на аргентинскиот левичарски блок е предложен Алберто Фернандез, кој додека Кирхнер беше претседател тој ја имаше функцијата на нејзин шеф на кабинетот. Нејзините политички противници, меѓутоа,  на тоа гледаат како на обичен трик и маневар, за да може, доколку тандемот Фернандез-Кирхнер победи на есен, таа од втората позиција, практично, да управува со владата и со државата.

Судењето од порано беше  закажано и таа добро го знаела тоа, но сепак, се одлучи да ја објави кандидатурата пред почнувањето на процесот, настојувајќи на тој начин да го дисквалификува  како „ политичко судење“,  а не како процес за криминално дело.

Во првата изјава на судењето, таа настојуваше да се прикаже како „ маченик“, тврдејќи  дека обвинителите немаат никакви докази за нејзината вина. Слично како и многумина политичари пред неа, изведени на судење за корупција, и таа  се бранала на ист начин-  тврдејќи дека „ властите  настојуваат да ги прикријат своите неуспеси, покренувајќи судски процес протв неа, само за да го одвратат вниманието на јавноста “.

Оваа левичарка и силен приврзеник на популистичката политика, ја користи истата тактика што ја употребуваше и поранешниот бразилски претседател, исто така левичар и популист, Лула да Силва. Во времето кога беше покрената истражна постапка против него, за корупција, тој прво се вклучи во работата на кабинетот на тогашната претседателката на Бразил Далма Русеф, а потоа објави дека ќе се кандидира и за трет мандат, откако таа ќе го истера до крај својот  втор мандат. Русеф мораше порано да се повлече од функцијата , по покренатиот импичмент против неа, а Лула  дури започна и изборна кампања , која беше прекината откако судот му забрани да се занимава со политика. На крајот беше осуден на 13 години затвор и сега ја издржува казната.

Наследничка на сопругот-претседател

Кристина Кирхнер беше претседателка на Аргентина на два пати, едно по друго, од 2007 до 2015 година. На таа функција таа го наследи својот споруг, сега починатиот Нестор Кирхнер кој ( велат) неможејќи од здравствени причини да се кандидира за втор мандат како шеф на државата, ја предложил дотогашната „ прва дама“ како претседателски кандидат. Во своите два мандата, таа ја одведе аргентинската политика полево од позицијата на која ја остави нејзиниот сопруг.

Кога тамошната економија навлезе во криза, Кристина Кирхнер се сврте кон „ националните прашања“ и покрена вербална и дипломатска војна против Велика Британија, околу Фокландските Острови. Дури воведе и економска блокада за Островите кои сега се британска прекуморска територија, со локална самоуправа и се закануваше дека ќе употреби сила за да го спрече истражувањето на морското дно, во потрага по нафта и гас. Британците организираа референдум на кој 99 отсто од локалното население се определи за тоа да останат под капата на Британија.

Случајот Кирхнер не е првиот кога сопругот- претседател ја дели власта, или ја остава во наследство на својата сопруга . Тоа на два пати го има направено Хуан Перон. Прво со Ева Перон која иако без никаква формална функција во државата, ја имаше улогата на „ икона“ на режимот со чија помош тој владееше, а потоа и со втората сопруга Изабела, која по неговата смрт стана претседател на Аргентина.

(Б.А.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе