Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Трамп “го предлага“ Џонсон за премиер

Stoathphoto/BigStock.com; katatonia82/BigStock.com; andykatz/BigStock.com

Трамп “го предлага“ Џонсон за премиер

Американскиот претседател Доналд Трамп својата прва државна посета на Велика Британија (3-5 јуни) ја одбележи со предизвикување бранување на британската политичка сцена, уште пред воопшто да стапне на британска почва.

Ако првата работна посета на Британија се карактеризираше со протестите против доаѓањето на Трамп, сега бранувањето го направи самиот тој, со своите коментари на актуелната политичка ситуација во земјата во која е дојден како гости, давајќи свое видување на Брегзит, на преговорите на Лондон со Брисел. Од коментарите произлегува заклучокот дека при правењето договор со ЕУ, се уште актуелниот британски премиер, излегла наивна, а дека оние од Унијата, безмалку, се мангупите кои лесно ја насамариле Тереза Меј. Згора на тоа, американскиот претседател сугерира “свој човек“ за нов премиер, заговара нови преговори со Брисел и предлага кој да биде дел од британскиот преговарачки тим.

Незгодно време

Трамп, секако, доаѓа во крајно незгодно време за државата длабоко поделената околу Брегзит. Домашната јавност – и онаа која е определена за Брегзит и таа која е против напуштањето на ЕУ – во овој момент очекува да види кого, за свој партиски лидер, ќе изберат поделените и раскарани конзервативци, затоа што тој, по автоматизам, ќе стане и новиот британски премиер.
Освен тоа, иако американскиот претседател, формално, е гостин на кралицата Елизабета, негов домаќин, како што е тоа ред секогаш при ваквите посети, е премиерот, во случајов тоа е се уште Меј, која, пак, длабоко повредена и разочарана од партискиот пуч што и го приредија нејзините ториевци кои грубо ја истуркаа од функцијата, не и е до гости и до гоштевање, па нека тоа биде и претседателот на САД.

Уште повеќе, што веднаш по неговото заминување, таа ќе се повлече од водството на ториевците и до изборот на нов лидер ќе биде само в.д претседател на владата.
Во таквата политичка атмосфера која претседателот Трамп добро ја познава, во интервјуата пред посетата, за таблоидот „Сан“ и за неделникот “Сандеј Тајмс“, тој (непотребно) има предизвикано нервоза во и онака наелектризираната ситуација во земјата – домаќин, што пак натера некои од медиумите во Лондон да забележат дека гостинот уште пред да допатува ги “повредил сите дипломатски норми и конвенции на однесување“.

Трамп е за „No Deal”

Прво, Трамп го предложи поранешниот шеф на Форин Офисот Борис Џонсон, претходно градоначалник на Лондон, за наследник на Меј. “Мислам дека Борис би бил многу добар премиер и многу добро би ја завршил работата (околу Брегзит). Мислам дека би бил извонреден“- рекол Трамп за „Сан“.

Џонсон е фаворит меѓу деветмината кандидати за нов лидер, но е крајно непримерно, странски лидера да се определува за еден од нив, особено што погледите на двајцата околу Брегзит и преговорите изгледаат идентично. Џонсон веќе од порано се има декларирано како приврзаник за излегување од ЕУ без договор, но во британската јавност е познат и како предводник на пучот против Меј која го угостува гостинот од Америка.

Борис Џонсон (wfpa/BigStock.com)

Ставајќи се во улогата на некој кој ја определува иднината на Британија по Брегзит, Трамп уште заговара и Лондон да ги напушти (новите) преговори, доколку британскиот преговарачки тим не го добие она што го посакуваат, што во основа значи дисквалификација на самата ЕУ, која пак од порано, а преку Жан Клод Јункер и од пред некој ден, порача- нема да има никакви нови преговори. Освен тоа, претседателот на САД смета и дека договореното – Британија да плати 50 милијарди долари- во “парницата за развод“ со ЕУ како непотребно и претерано и дека Лондон, едноставно, тоа не треба да го направи.

„Преговорите биле лошо водени“

Во разговорот за „Сандеј Тајмс“ Трамп отворено е против Унијата, а на страната на најтврдото, конзервативно крило на Конзервативната партија, кое и ја собори Меј и кое беше предводник на трите неуспешни гласања за ратификација на договорот што Меј го постигна со ЕУ, во ноември минатата година. Тој уште тогаш (практично) ја дезавуираше Меј, јавно тврдејќи, на Твитер, дека Европејците си добиле се што сакале, а дека Британија останала поразена.

Трамп и сега, во интервјуто вели дека преговорите биле “погрешно водени“, затоа што на ЕУ и биле оставени сите карти. А, тоа е она што, во нешто поблага форма, од крајот на минатата година го зборува Џонсон, откако се раздели сосема со Меј, неприфаќајќи го постигнатиот договор.

Бранување покрена и изјавата на Трамп за најнова кралска снаа, Американката Меган Маркл, сопругата на принцот Хари, сега војводка од Сасекс и од скоро мајка на малиот Арчи, седмиот во редот на претендентите на британскиот престол. Во еден момент тој ја нарекол “непријатна“ личност.

„Непријатната“ Меган

Пред да стане сопруга на Хари, таа во 2016 година има давано изјави во кои остро ги критикува ставовите и позициите на тогаш претседателскиот кандидат Трамп, отворено агитирајќи за Хилари Клинтон. Но кога весниците во Лондон го објавија ставот на претседателот на САД за снаата на престолонаследникот Чарлс, со кого Трамп и неговата сопруга имаат посебна средба, тој на Твитер демантираше дека ја навредил Меган Маркл.

Сега вели дека не ја ниту познава за да може да рече дека е “непријатна“, иако весниците тврдат дека имаат доказ за тоа- аудио снимка од разговорот.

На сите овие коментари од гостинот, што за некои аналитичари претставуваат “мешање во внатрешните работи“ на Британија, одговори Садик Кан, сегашниот градоначалник на Лондон. Тој во неделникот “Обсервер“ не крие дека не се согласува со посетата и гостинот го означува како “пример за растечката глобална закана“, врзувајќи тоа со растежот на крајната десница.

Фараж – преговарач?

Лидерот на британската опозиција, левичарот Џереми Корбин тврди дека ќе го бојкотира свечениот банкет во негова чест, што ќе го приреди британската кралица во Бакингамската палата, за да не биде на иста маса со претседателот на САД.

Трамп, од своја страна, рекол дека за Корбин нема никакво мислење, затоа што никогаш не се сретнал со него, но затоа за Најџел Фараж, човекот што го покрена прашањето за Британија и ЕУ, кого неговите противници го означуваат како краен десничар меѓу брегзитерите, англиски националист и тврд антиевропеец, вели дека е “извонреден човек“. Според американскиот претседател, Фараж би требало да биде дел од “преговарачкиот тим на Британија“ во Брисел.

Овој, пак, охрабрен од развојот на најновите настани, порачал преку антиевропскиот лондонски таблоид “Експрес“ дека “ќе го здроби досегашниот систем, како што тоа го направил Трамп“, не споменувајќи притоа дали мисли на Британија, или на ЕУ.

(Д.Л.)

Извештај од Лондон

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе