Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Макрон во Србија…и на Балканот

Bigstock.com

Макрон во Србија…и на Балканот

Емануел Макрон беше триесетина часови во посета на Србија, како првиот француски претседател кој допатувал во Белград после 20 години. Во ова меѓувреме, односите меѓу двете земји беа, главно, студени, откако официјален Париз одби да го екстрадира Рамуш Харадинај, сега косовски премиер, а белградските државни медиуми тогаш се нафрлија врз Франција и врз нејзините политичари, барајќи од српските власти да се бојкотира оваа земја и да им се забрани на српските политичари и други истакнати јавни личности да патуваат во Франција!

Во еден момент изгледаше дека нема да има ништо и од оваа посета, која  на два пати беше одлагана. Но, некако се најде формула за надминување  на дведеценискиот застој, организирајќи посета која доби карактер на билатерална-деловно- политичка визита, која треба да ги одбележи 180-те години откако двете земји имаат дипломатски односи.

Посетата беше важна за Белград, за подигнување рејтингот на земјата, чиј пат кон Европа оди премногу бавно и посебно на тамошниот претседател Александар Вучиќ кој повеќе од шест месеци се соочуваше со граѓански протести ширум Србија, со барање за негово повлекување од функцијата. Преку престојот на Макрон требаше и да се залечи српската фрустрација од „ гафот“ на францускиот протокол за време на одбележувањето на одбележувањето на крајот на Првата светска војна, во ноември минатата годна, кога српскиот претседател доби полош третман на официјалната трибина од косовскиот преседател Хашим Тачи.

Подоцна се разбра дека сето тоа и не било гаф, туку само можност косовскиот политичар да добие шанса за средби со високите странски гости, присутни на одбележувањето на јубилејт, вклучувајќи го и рускиот претседател Владимир Путин. Конечно, доаѓањето на еден француски претседател во регионот, што Париз го имаше целосно забатален, требаше да му донесе политички поени , дома и во Европа и на самиот Макрон, чиј политички рејтинг не може да се врати на нивото од 2017 година, кога победи на изборите.

Косовското прашање

Во една таква атмосфера, кога има многу очекувања, на крајот остана малку што може да се открие дека е постигнато, посебно во политичкиот сектор, па белградските медиуми повеќе зборуваат за економскиот блок прашања, најмногу за тоа француската фирма „Алстом“ да биде носител на проектот за белградското метро, што, претходно им беше нудено и на Кинезите. Останува затоа и дилемата- дали Макрон беше (само) во Србија , или и на Балканот. За тоа се појавија малку детали, но и во Белград и во Париз велат дека на регионот на Западен Балкан му е дадено важно место во разговорите, посебно кога станува збор за конечното затворање на прашањето околу Косово. А, тоа значи дека францускиот преѕседател беше и на Балканот, иако не се придвижи подалеку од главниот град на Србија.

Разговорите за и околу Косово не се повеќе само српско прашање, туку и регионално и европско, откако пред 11,5 години беше прогласена косовската независност. Тоа е прашањето кое за Србија е важно, затоа што само неговото затворање со директно, или посредно признавање на новата реалност во регионот, конечно ја отвора вратата за ЕУ, без разлика што Белград уште од 2012 година, преку ред  е награден да тргне во процесот на преговорите со Брисел, со отворање на поглавја.

Според тоа, косовското прашање е прашање што го погодува и поширокот регион. Тоа посебно почна да се истакнува откако во игра, како српски предлог за решение, се појави планот за разграничување на Србите и косовските Албанци, на северот од Косово. За еден таков план најмногу се загрижени БиХ, поради заканата од отцепување на Република Српска и Македонја, па Сараево и Скопје ( претседателот Стево Пендаровски) остро се спротивставуваат на идејата за етничко разграничување и за цртање нова граница.

Француски план „Плус“?

Во самото Косово, има длабока поделеност меѓу тамошната политичка елита за нова граница за државата. Премиерот Харадинај е категорично против и како контра на претседателот Тачи за кого се вели дека  „има разбирање“ за едно вакво решение ( во стилот на Ирска од пред еден век- вие нам признавање на независноста, а ние вам давање дел од северно Косово, во кое живее само српско население) , ако биде дополнето со приклучување на делови од Прешевска долина кон косовската територија.

По повод престојот на Макрон, во Приштина прво, беше  изразено стравување дека Франција, ако се приклучи во процесот, би била поблиску до Србија. Но, таму не знаат дали Макрон е поблиску до САД околу една ваква разврска, отколку до Меркел и Германија, за да се истисне Русија од решавањето, или пак станува збор за план кој ( всушност)  и одговара на Москва, за да има алиби за Украина ( Крим, Донецк и Луганск), како и за расцепканата Грузија.

Оние кои се пооптимистични во косовскиот главен град, пак, сметаат дека Макрон понудил во Белград некаков „ пакет плус“ зад кој заедно би настапиле Париз и Берлин. Со него ( наводно) се предвидува организирање референдум во северно Косово, за период од десет години, околу тоа дали лугето таму сакаат да останат во Косово, или да се припојат кон Република Србија.

Србија и Македонија

Во Белград малку се зборува за детали од ваков обем, освен што се пофалува Макрон и се велича неговата посета, како значајна за Србија. Француски аналитичари, исто така, не откриваат што во Белград е зборувано за косовското прашање, освен што се остава дилемата- колку Макрон и Франција имаат капацитет да ја убедат Германија ( која е против нови граници на Балканот), како и другите во ЕУ, дека она што Париз го има смислено ( ако го има) е најдоброто и најприфатливото решение, и за Приштина и за Белград.

Дури и аналитичарите кои го подржуваат францускиот преседател, се прашуваат дали тој има сили да ги увери сите во Европа, да биде носител ( сам, или заедно со Меркел) за конечното решение за Косово, особено што Брисел  и самиот Макрон сакаат решението да се постигне без Москва и Вашингтон, во услови кога Париз не сака да биде „ пожарникар“ на Балканот и згора од се да решава еден тежок проблем меѓу две земји.

Од друга страна, аналитичарите признаваат дека нивниот претседател има големи амбиции- да буде лидерот на ЕУ, откако германскиот канцелар Меркел ќе се повлече од политиката, користејќи ги Косово и Западен Балкан за обезбедување на една ваква своја позиција. Тој останува во Елисејската Палата до 2022 година, а доколку успее да освои и уште еден мандат, тогаш тој ќе ја предводи Франција ( и ЕУ ?) се до 2027 година, па затоа се верува дека  Франција сега развива нова стратегија за целиот регион на Западен Балкан.

Според таа стратегија, фокусот на Париз ( на Елисејската палата)  е ставен на Србија, како на главниот играч во регионот кој последен остана надвор од ЕУ и како што проценуваат аналитичарите- и на Северна Македонија, иако во помал обем. Другите земји од регионот му се оставени на Министерството за надворешни работи. Што тоа значи, не се знае, но Париз сака да ги продлабочува односите со Србија која би требало да стане дипломатска, политичка и економска алатка на Франција во француските настојувања да ги решава балканските проблеми.

„Опседнат со функцијата“

Во самата француска јавност, сепак, има резерви околу амбициите на нивниот претседател. За него се вели дека Макрон е „опседнат со своето претседателствување“, далеку повеќе од било кој пред него, а посебно од еден Митеран, или од Саркози и Оланд. Французите, главно, не сакаат силни претседатели уште од падот на Шарл де Гол, пред 50 години. Други го исмеваат дека сака да биде „ нов Бонапарта“ , а трети му забележуваат дека поради таквата своја опседнатост тој „ лесно троши државни пари“. Конечно, сите кои го критикуваат не се задоволни од тоа како се справуваше со ултрашите во домашната политика, а посебно во неколкумесечното дивеење на „ жолтите елеци“.

За него се вели дека се уште не е омилен на француската политичка сцена, а уште помалку на европската , во ЕУ. Тој отвори фронт против источноеврпејците од некогаш напредната „Вишеградска четворка“ кои сега се опфатени со национализам, со популизам и со евроскептицизам. Колку и да беше во право со забелешката дека не може ЕУ да е добра кога на бившите комунистички земји, сега членки во ЕУ, треба да им префрла милијарди евра за побрз развој, а тие да возвраќаат со евроскептицизам и со неприменување на европските стандарди и норми, искреноста на Макрон, се смета, дека ги има влошено француските позиции во Унијата.

Сето тоа го прави францускиот претседател полошо позициониран од Ангела Меркел, особено што економијата на Франција се уште не е доволно силна колку германската.

Заложник и казненик

Како и да е, има мислење дека последните случувања на Самитот на ЕУ, околу номинирањето  кандидати за главните европски функции, кога земјите од „ Вишеградската четворка“ на неколкупати ги имаат блокирано настојувањата да се дојде до компромис, ги има влошено односите на Париз со овој блок од држави. Впечаток на некои аналитичари е дека само поради тоа Макрон налутено има изјавено дека „ повеќе никој не ќе може да го натера да се зборува за проширување на Унијата, пред да се сределе работоте внатре во ЕУ. „ Па, ние сега, како 28 членки не можеме да се спогодиме, а камо ли кога бројот би бил поголем“- има речено Макрон на последниот Самит на ЕУ.

Тоа е дел од новата верзија на неговата приказна за иднината на Европа- прво реформа на ЕУ, па проширување- која ги погодува само Македонија и Албанија, и тоа не за влез во Унијата, туку за добивање датум за почеток на преговарачкиот процес. Барем засега, изгледа како Париз и Макрон да им тераат инает на сите, иако еврокомесарите од се уште актуелната Европска комисија уверуваат дека не е проблем да се отвори процес за реформите во ЕУ, а паралелно со нив да почне и преговарачкиот процес со овие две западнобалкански држави. Пред се, со Македонија , која сега изгледа како заложник, или  казненик за погрешното и неевропско однесување на некои од источноевропските земји-членки, што некои сакаат да ги изедначат со сите од другата страна на континентот.

Таквата ( нова) позиција на Париз само им оди на рака на Русија и Кина кои веќе се засилено се присутни во регионот на Западен Балкан. Тоа посебно се однесува на Москва која во регионот е влезена преку Србија и прави се што може да не се дојде до решение за Косово, каде Франција ( велат) сака да се вклучи за изнаоѓање такво решение , без мешање на Русија! Уште повеќе што во Македонија и Црна Гора, поради нивното врзување за НАТО, Москва засилено работи на дестабилизација на нивната внатрешно-политичка ситуација.

Сервис Скопје/Глобал

 

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе