Косово останува за догодина?
Некаде од прилика во ова време, минатата година, официјален Белград почна (тогаш) неофицијално да зборува дека најдоброто решение за косовското прашање би било разграничувањето на тамошните Срби и Албанци. Во време на летните одмори, прво шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ, а подоцна и претседателот Александар Вучиќ, при секое свое појавување во јавноста, додаваа по нешто на „идејата“ иако не даваа поширока елаборација. Набргу, меѓутоа, стана јасно дека зад тоа, всушност, се крие цртање нова граница на северот од Косово .
Според таа идеја, четири општини, од тој дел на косовската територија, заедно со северна Митровица, во кои живее српско население, би се приклучиле кон Република Србија. Иако повеќето од преостанатите околу 130 илјади Срби во Косово, живеат надвор од таа зона и главно се населени на југот од оваа поранешна југословенска покраина, „спасоносната“ замисла со разграничувањето не беше ништо друго туку ново етничко чистење во Косово и на Балканот.
Белград црта нови карти
Меѓународната јавност делуваше како затечена од она што го го зборуваа во Белград. Особено откако од косовска страна се огласи претседателот Хашим Тачи кој идејата, генерално, не ја отфрли, туку побара компензација- Прешевската долина. Некои косовски медиуми открија дека еден белградски институт ( наводно) имал изработено посебна студија и за тоа, според принципот за размена на територии- четирите српски општини од северот за Косово, за Бујановац и неговата околина.
Никој не ја отфрли ваквата студија, па додека од Москва немаше реакција, се огласи Вашингтон, низ изјавата на советникот за национална одбрана Џон Болтон кој не ја отфрли белградската идеја, забележувајќи дека САД се на линија дека ќе прифатат се што двете страни ќе договорат. На тоа се „ залепи“ Федерика Могерини, откако стана јасно дека косовските политичари не прифаќаат Заедница на српски општини која би имала и некаква извршна власт. Тоа би значело „автономна“ власт во рамките на косовската власт, или косовска варијанта на Република Српска во БиХ.
Се спротиставија само Лондон и Берлин. Посебно категорична беше канцеларот Ангела Меркел која инсистираше дека не е дозволиво одново да се заговараат етнички чисти територии и цртање граници, по се она што се случуваше на поранешниот југословенски простор. Тоа беше време кога дури и Вучиќ зборуваше дека Резолуцијата на ОН 1244 за Косово „ не е идеална„ , дека има пропусти кои ( за среќа по Белград, Косовците не ги утврдиле) за да притискиаат „ уште посилно врз Србија“ (!) додека Дачиќ обраќајќи се кон српската опозиција јавно прашуваше како тоа Белград ќе ја врати под контрола една Ѓаковица.
Реваншот на Харадинај
Идејата, сепак, не помина, ниту во Европа, а ниту во регионот, каде стравот од цртање нови гранични линии, најмногу ја исплаши БиХ, поради сепаратизмот во Република Српска, како и Македонија, каде со промената на претседателот на државата, се застана на позицијата дека таквата идеја е недопустлива и опасна. Тоа беше и ставот на поголемиот дел од меѓународната јавност, која предупредуваше дека тоа би значело отворање на „пандорината кутија“ и менување на границите и на низа други спорни точки на Стариот континент- пред се, во Украина и во Грузија. Отпор се појави во самата Србија, како и во Косово, каде политичката елита се спротивстави на „ продавањето на косовската територија“ за да се изнуди признавање на независноста.
Оочигледно незадоволни, властите во Белград по ова максимално ја заострија позицијата кон Косово, блокирајќи ги сите обиди на Приштина за меѓународна афирмација и прием во разни меѓународни организации и настојувајќи светот да се увери дека Косово „ не е вистински независна држава“. Следеше реакцијата на косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, со воведување екстра такси за српските производи кои влегуваа на косовската територија, покажувајќи им на Србија и на светот дека Косово, сепак, е независна држава. За укинување на наметнатите такси, тој од Белград веќе не бара ништо друго освен признавање на косовската независност.
Влошување на ситуацијата
Една година подоцна, впечаток е дека околу Косово ништо не се случува. Дури работите се целосно вратени назад, откако двете страни длабоко се вкопаа, секоја во својот ров, инсистирајќи на своите најтврди позиции, меѓусебно обвинувајќи се околу тоа кој е повеќе виновен за целата оваа ситуација. Белград одново зборува за „Космет“ , за Резолуцијата 1244, за тоа дека нема да седне на маса за преговори додека не се тргнат таксите, продолжувајќи во меѓувреме, со руска помош, да врши притисок врз некои помали земји во Африка, Океанија и Централна Америка да го повлечат признанието на косовската независност. Од Приштина, пак, уште порешително порачуваат- таксите ќе ги нема, кога Србија ќе го признае Косово како независна држава.
Властите во Белград инсистираат дека ваквата позиција на Харадинај, уште кога беше премиер и пред неочекувано да поднесе оставка, за да се појави на сослушувањето ( или сведочењето) пред Специјалниот суд за Косово во Хаг, не е само негова , или само косовска и дека зад неа „ стои некој моќник на Западот“. Еднаш е тоа Германија, која уште лани лето кажа што мисли за цртањето нови граници, а друг пат, се посочува на САД, кои според Белград, преку позицијата на сега бившиот премиер, сакаат да се вклучат во процесот околу Косово.
Така или не, како сега стојат работите, сосема се мали шансите да се обнови српско-косовскиот дијалог до крајот на оваа година и дека повеќе е веројатно прашањето за Косово да се префрли за следната година.
Време на избори
„Едноставно, тоа го покажува простата математика на случувањата“- има речено британскиот аналитичар Тим Џуда, за белградските медиуми. Тој важи за добар познавач на состојбите во српско-косовските односи и во регионот. Според него, дури и доколку владата во Приштина ги повлече таксите, не ќе може да се забрзаат работите за да се врати, каква , таквата доверба и одново да се седне на преговарачката маса.
Според Џуда, доколку има избори на Косово, по оставката на Харадинај, а работите одат во таа насока, на Приштина ќе и требааат неколку месеци да се формира влада, што е веќе познат балкански манир на политичко однесување. А, тогаш веќе и Србија ќе навлезе во својот изборен циклус, што исто така ќе потрае, што би значело дека ќе се истроши времето до крајот на годината.
Во време на изборни циклуси, секако, е илузорно да се очекува да се одржува преговарачкиот процес. Тој сега е целосно запрен, а многу е веројатно дека токму косовското прашање ќе биде темата околу која ќе се привлекуваат гласачите и во двете земји. Сето тоа значи дека ќе се продолжи со губење на времето кое во случајот на Косово трае веќе 20 години.
Чекајќи ги Американците
Впечаток е дека двете страни како и самите да не брзаат да стават точка на прашањето. Во Приштина знаат дека нема зашто да забрзуваат додека ЕУ е во прегрупирање по европските парламентарни избори. Тврдата струја во косовската политика и онака смета дека во Брисел како да се повеќе наклонети кон Србија, со самото тоа што и натаму ја наградуваат со отворање нови поглавја во пристапните преговори за влез во Унијата, кои и онака и се подарени за да на еден, или на друг начин ја прифати косовската независност. Во исто време, од ЕУ нема подршка за укинување на визниот режим за Косово.
Во Белград, пак, не брзаат со решение, затоа што во српската политичка јавнност не постои консензус за решението за Косово. Националистичката струја и натаму е доминантна, а тука е и тврдата позиција на Српската црква која не дозволува никаква промена на статусот за Косово, што и натаму го смета како „ света српска земја“. ЕУ продолжува да ја подржува сегашната власт- за да го затвори косовското прашање, додека САД се уште одолговлекуваат околу вклучувањето во процесот.
Американците постојано порачуваат дека нема да дозволат Балканот да го остават на делувањето на Русија и на Кина, што само прави Косово се претвори во меѓународно и регионално прашање. Прво, затоа што е безбедносна закана, а потоа бидејќи е блокада за европските амбиции на другите. Тоа посебно се однесува на Македонија која повеќе нема време да ги чека другите околу себе, заробена во очекувањето Приштина и Белград да се спогодат .
Чизов: Москва не е заинтересирана
Европски експерти, веруваат ситуацијата налага потреба од некаква меѓународна конференција за Косово, доколку зад сцената не се случи „големите“ да се испазарат за решение кое нема да ги задоволи само Србите и Косовците, туку и големите . Во такви услови, префрлањето на Косово за некое време понатаму изгледа како прифатливо решение за сите, па Западот затоа, со голема леснотија , го остави Харадинај одново да се соочи со обвинувања , за кои два пати пред тоа беше ослободен, поради недостиг на докази, а и да се повлече од премиерската функција. Секако, знаејќи го она што го зборува Тим Џуда дека на Балканот, постизборниот процес, трае со месеци.
Во таа шема се вклопува и Србија која наводно е силно определена на европскиот курс, иако во основа, ништо не прави за да го забрза движењето по тој курс. Има отворено тринаесет поглавја, а само две (велат во Белград) се делумно затворени. Актуелната власт останува да седи на две столчиња и понатаму уверувајќи ги Западот (ЕУ) дека сака да биде дел од него, а во исто време одржувајќи стратешко партнерство со Русија, која во основа војува со ЕУ.
Рускиот амбасадор во ЕУ, Чизов, пак, полемизирајќи со црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ , неодамна, во едно интервју за медиумите во Подгорица уверуваше дека Москва не е против влегувањето на Западен Балкан во Унијата, уште и тврдејќи дека Русија не е заинтересирана за овој регион !?
Русија не сака договор
Тешко е да му се верува на Чизов во тоа, од неколку причини. Прво, поради руското дестабилизирње на Црна Гора, со обидот за пуч од пред три години. А, потоа и со мешањето во Македонија. Врзувајќи се за националистичката опозиција која ја има претворена во свое орудие, Москва има поставено и своја разузнавачка инсталација која преку руските медиуми на македонска територија, работи на поткопување на довербата на домашните гласачи кон актуелната, прозападна влада, која ја внесе земјата во НАТО и покрај силното руско противење и обезбеди, конечно, да се најде пред добивање датум за старт на преговарачкот процес за полноправно членство во ЕУ.
Конечно, Карнеги институтот од Москва , во своите анализи уверува дека Русија е цврсто определена да се смести на Западен Балкан и таму да остане, за да ги задоволи своите стратешки цели. Овој институт тврди дека токму Москва е таа која не сака договор за Косово и дека не и дозволува на Србија да направи некаков исчекор, доколку за тоа не добие руска согласност.
Според Карнеги институтот, само Косово е она со што Москва може да го оправда своето присуство на Балканот. Ако Белград и Приштина се спогодат, која тогаш би била причината за руското присуство, сега кога сите ( со Македонија) се дел од НАТО , се вели во еден од извештаите на овој московски институт.
Сервис Скопје/Глобал