Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Нова кавга меѓу Загреб и Белград

budastock/BigStock.com

Нова кавга меѓу Загреб и Белград

Меѓу Загреб и Белград избувна нова расправија, која само уште повеќе ја продлабочува кризата во хрватско-српските односи. Поводот за оваа кавга е одново историјата, овој пат споменикот во Јасеновац, на територијата на Република Хрватска. Тој е изграден уште во времето на поранешна СФРЈ, во спомен на стотиците илјада жртви- главно хрватски Срби, Евреи и Роми- во времето на квислингшката Независна држава Хрватска, во текот на Втората светска војна.

Расправијата избувна откако хрватските погранични власти не дозволија влез на поголема група српски војници- кадети, питомци на Војната академија во Белград кои требало да го посетат споменикот во Јасеновац. Кадетите, наместо во цивилни облеки, патувале во своите униформи.

Тоа веднаш предизвика гневна реакција во Загреб, каде српската постапка беше означена како провокација. “Таквата постапка е уште еден пример за назадност на српската политика“- изјавила претседателката Колинда Грабар Китаровиќ.

Белград ја искористи постапката на хрватските власти, за нова серија критики и напади врз официјален Загреб. Српскиот министер за одбрана Александар Вулин кој обично се јавува во вакви ситуации, кога треба да се расправа со некого од државите, поранешни ЈУ републики, даде свое (српско) толкување на она што и во Белград се квалификува како провокација.

„Провокација е да им се забрани на Србите да се ПОМОЛАТ во Јасеновац“ – рекол Вулин, според изјавата што ја пренесуваат медиумите во Белград. Не е јасно само, зашто униформирани кадети, без претходно да се побара согласност од соседната држава, се упатуваат на еден ваков пат, за да посетат историски споменик на кој обично, никаде во светот, добронамерните луѓе не одат да се молат.

„Не прифаќам казнување за нелојалност кон Џонсон“

Британскиот министер за труд и пензии Амбер Рад поднесе демонстративна оставка во владата на Борис Џонсон, протестирајќи против одлуката на новиот лидер на Конзервативната партија, да истера од партиските редови дури 22 ториевски пратеници, затоа што гласаа во Парламентот против владата.

„Не можам да останам во оваа влада и да стојам настрана, додека добри, лојални и умерени конзервативци се бркаат од партијата, само затоа што не му се лојални на Џонсон“ – рече во својата оставка гневната министерка.

На референдумот во јуни 2016 Рад гласаше за останување на Британија во ЕУ.

Во писмото до премиерот таа објаснува дека се согласила да влезе во неговата влада, затоа што прифаќа дека Брегзит без договор е една од можните опции. „Но повеќе не верувам дека целта на владата на Џонсон е да се напушти ЕУ со договор“- вели Амбер Рад.

Британскиот премиер – Борис Елцин!

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанијаху има направено “тежок политички гаф“ откако за британски премиер го има прогласено – некогашниот руски политичар Борис Елцин! Отворајќи ја последната владина седница, Нетанијаху на министрите им се обратил со кусо излагање, зборувајќи за својата посета на Лондон и за средбата и разговорите со британскиот премиер.

„Се вративме од една извонредна посета во Лондон, каде се сретнавме со премиерот Борис Елцин„

…рекол Нетанијаху, што е регистрирано и на официјалната тонска снимка на владата која им се дава на медиумите.

Израелските медиуми тераат шеги на сметка на премиерот, прашувајќи се како Нетанијаху се сети на поранешниот руски претседател кој е починат уште од 2007 година. Според нив, не е оправдување што актуелниот премер на Британија Борис Џонсон има словенско, а не некое типично англо-саксонско име.

Нетанијаху се соочува со повторување на парламентарните избори во Израел, откако по изборите во април годинава тој освои мнозинство, но не успеа да формира влада.

„Рано е за укинување на санкциите кон Москва“

Францускиот министер за надворешни работи Жан Ив ле Дриан изјави дека засега е “премногу рано да се укинат санкциите кон Русија“. Според францускиот шеф на дипломатијата, за поздравување се новите, позитивни потези на релацијата меѓу Москва и Киев, што можат само да ја релаксираат кризата меѓу двете соседни земји.

Во тие рамки тој го поздравува и разменувањето на заробениците, извршено изминатиот викенд, како и новата реторика во руско-украинските односи, особено ако тоа се спореди со онаа во изминатите неколку години. “Тоа е многу добро, но рано е за повлекување на меѓународните санкции“ – рекол Ив ле Дриан.

Санкциите кон Русија се воведоа по анексијата на Крим, во март 2014 година и по руската воена интервенција во Источна Украина.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе