Бремена жена убиена од кучиња во Франција
Бремена жена е убиена, недалеку од својата куќа, откако била нападната од глутница кучиња.
Елиза Пиларски (29), бремена во шестиот месец, била пронајдена мртва во една малечка шума низ која се шетала, со тешки повреди по главата, лицето, рацете и нозете.
Тешкиот инцидент се случил во едно малечко место во североисточна Франција, седумдесетина километри одалечно од Париз. Нејзиниот сопруг и изјавил на полицијата дека Пиларска му се јавила од нејзиниот мобилен телефон и го викала да и помогне, затоа што околу неа почнале да се собираат десетина кучиња.
Кога после еден час стигнал, ја пронашол сопругата во без животна состојба и како што рекол – „буквално изедена“ од кучињата. Напорите на лекарите барем да го спасат бебето во нејзината утроба, не успеале.
Полицијата покрена истрага за трагичниот настан, настојувајќи да утврди дали некои од локалните кучиња биле вклучени во нападот врз несреќната жена. Весниците пишуваат дека биле собрани 93 кучиња и врз нив се прават испитувања за да се утврди дали кај некое ќе се најдат траги од човечка крв.
Убиството на жената предизвика шок во француската јавност. Французите се познати како љубители на кучиња. Брачната двојка Пиларски и самите имале свое куче дома. Според еден париски весник, тие се запознале и се засакале на една локална изложба на расни кучиња.
Елиза Пиларски била откриена по завивањето на нивното куче кое сопругот и локалните жители го нашле склупчено покрај мртвото тело на жената.
Медиумите откриваат дека во шумата низ која таа се шетала , претходно имало лов со помош на кучиња. Претставник на организацијата која го организирала ловот ги демантирал обвинувањата дека „убијците“ треба да се бараат меѓу ловџиските кучиња, но потврдил дека сите тие ќе бидат детално проверени.