„Око за око“ или војна меѓу Иран и САД
Во раните утрински часови на 2 јануари, во еден оддалечен агол на аеродромот во Багдад, група луѓе се подготвуваа да заминат од ирачкиот главен град. Со авион требаше да одлетаат за Техеран. И во тие моменти, додека траеше испраќањето, од еден американски дрон биле лансирани ракети кон аголот во кој беше групата, предизвикувајќи силна експлозија и убивајќи ги сите луѓе.
Подоцна се разбра дека жртвите не се било кои. Станува збор за луѓе, сите од врвот на Иранска револуционерна гарда и на нејзините блиски соработници во Ирак, меѓу локалните милитантни шиити. Меѓу нив и иранскиот генерал Касем Солејмани (62) , командант на најпознатата и најелитна единица на Гардата, специјалната единица Кудс, задолжена за изведување операции ( и терористички напади) во странство, за Исламската република Иран.
„Човекот во сенка“
Генералот беше означен од западни разузнавачките и безбедносните експерти, но и од американската воена команда, како најголема личност од фронтот на шиитската теократија, директно одговорен за својата работа на врховниот верски лидер, ајатолахот Али Хамнеи. „Човекот во сенка“- генералот Касем, беше одговорен и раководеше со шиитските борци во Сирија, кои војуваа на страната на Башар ал Асад, за силите во појасот Газа, за борците на Хезболах во Либан, кои војуваа против Американците и кои во САД се сметаат одговорни за смртта на голем број нивни војници и цивили на територијата на Ирак.
Ликвидирањето на овој ирански генерал, уште на територија на трета земја, со американски дрон кој полетал од Катар, во напад извршен по наредба на претседателот Доналд Трамп, предизвика шок во Техеран, вчудоневиденост во Багдад чија влада не знаела за планот да се убие Солејмани, страв во регионот и загриженост во американската и во светската јавност за тоа- дали после ова претстои трета војна во Заливот.
Трамп кој во време на нападот беше на божикно-новогодишен одмор во Флорида, играјќи голф, меѓутоа, изјави дека Солејмани бил убиен не за дојде до војна со Иран, туку напротив, за да се спречи војната.
Закана од Трамп
„Ние не бараме промена на режимот во Иран, но Техеран мора да престане со користењето на неговите сојузници за да ги дестабилизира своите соседи“- рекол претседателот на САД, мислејќи секако на вклученоста на Иранците во сите сунитско-шиитски судири од Сирија, па се до Јемен. Во таа прва реакција, Трамп уште има речено дека очекува одмазда и дека дури знае каде таа би можеле да бидат изведени, оправдувајќи го убиството на иранскиот генерал со тоа дека тој има подготвувано нови напади врз американски цели, па дека затоа требало да биде тргнат уште многу порано.
Подоцна претседателот на САД уште има речено и дека Американците се подготвени за иранската (воена) реакција , но во исто време го предупреди Техеран на ризикот да му биде возвратено „со сета сила“ врз разни цели, вклучувајќи и цивилни, како и врз културно-религиозни објекти.
Во Иран убиството на Солејмани беше искористено за „сплотување на нацијата“ . Тоа дојде во вистински момент по неодамнешните социјални немири во Техеран и во други ирански градови. Луѓето излегоа на демонстрации, гневни поради наглото поскапување на низа витални артикли, посебно на бензинот и нафтата, како и на недостигот на гориво, што властите го оправдуваа со ( одново) наметнатите санкции од страна на САД.
Контра- закани од Техеран
За прв пат, таквото оправдување не помина кај добар дел од јавноста, па дојде до повеќе дневни протести во кои специјалните единици пукаа во невооружените демонстранти, убивајќи на десетици лица. За прв пат по 40 години од иранската исламска револуција, Иранците реакцијата на власта ја споредуваа со она на шахот Реза Пахлави, што сигурно вознемири делови од власта.
Меѓутоа, ликвидацијата на Касем кого ајатолахот Хамнеи го нарекуваше „ живиот маченик на Револуцијата“ направи пресврт во домашната јавност, посебно во оние конзервативни и ултра-религиозни делови верни на изворните принципи на револуцијата, верувајќи дека Солејмани и Исламската гарда се „чуварите на иранската Револуција“.
„Смрт за Америка“ и „Уништување на Сотоната“ – познати пароли од времето на ајатолахот Хомеини и создавањето на исламската теократска власт, упатени кон САД, одново се појавија на улиците од Техеран, во речникот на верските лидери и во медиумите, додека политичарите и водачите на Гардата најавуваа „жесток одговор“ и одмазда за убиството на, како што се покажа, најпопуларниот воен лидер во Иран.
Милионска маса народ се најде во иранскиот главен град во текот на пренесувањето на мртвото тело на генералот Касем до неговиот роден град, каде требаше да биде погребано. Во хистеријата што при тоа се има случено, животите ги имаат загубено дури педесетина лица.
Кој беше Касем Солејмани
За генералот многупати досега се слушаше дека е мртов- прв пат во 2006 година, во авионска несреќа, па потоа во 2012 во бомбашки напад, во Дамаск, па уште еднаш во 2015 година, во борбите кај Алеп, во северозападна Сирија. Гинеа луѓето околу него, но до пред една недела, тој ја избегнуваше смртта.
Роден е на 11 март 1957 година. Неговиот татко бил селанец кој има добиено земја за обработување од шахот, при една аграрна реформа, но не успеал да ја сочува- бидејќи банкротирал. Во 1979 година, во екот на исламската револуција и се приклучил на тогаш создадената Гарда, на „ чуварите на револуцијата“ , а негова прва воена операција била против – иранските Курди. Потоа брзо напредува во тие единици, а како командант на единицата Кудс (во превод, тоа е иранското име за Ерусалим), раководи со сите операции во странство.
Американците почнале да го прогонуваат уште од 2003 година, по интервенцијата во Ирак, кога стана јасно дека Иран стои зад шиитските напади врз американските војници. Генералот Дејвид Петреус уште додека беше главен командант на американските сили во Ирак, има речено дека генералот Касем „ја контролира политиката на Иран кон Ирак, Либан, појасот Газа и Авганистан“.
Воена „ѕвезда„ за која сега се тврди дека имал и политички амбиции, Солејмани стана во текот на граѓанската војка во Сирија, од пролета 2011 година и во борбите против ширењето на Исламска држава (ИД) и сите други противници на сирискиот претседател Асад.
„Непромислен потег“
Како и да е, станува збор за верски, шиитски, воен командант, задолжен за „извезување“ на иранската револуција во регионот и за претворање на власта во Техеран во регионална сила и предводник на сите шиити. За многумина безбедносни експерти, неговото убиство значи трагање на еден опасен противник и непријател на САД.
Но, за политичките аналитичари, посебно оние кои не им се наклонети на Американците, станува збор за „непромислен потег“ , а САД наеднаш се најдоа на работ од една непотребна војна.
Америка и Иран се непријатели 40 години, од соборувањето на шахот, доаѓањето на мулите и имамите на власт и упадот и окупацијата на американската амбасада во 1979 година во иранскиот главен град. Во 21 век, дополнителни тензии предизвика иранската нуклеарна програма, која изгледаше дека е ставена под контрола, со договорот на Техеран и меѓународната „шесторка“ во 2015 година, во што голема улога одигра тогашниот претседател Барак Обама. Меѓутоа, сето тоа се растури откако Трамп, веднаш по стапувањето на функцијата, го напушти договорот и ги врати санкциите кон Иран, па сега, договорот е практично мртов.
Во секој случај- останува прашањето зашто Касем требаше да биде убиен и тоа токму сега.
Одмазда врз две бази во Ирак
И без него, иранските интереси нема да се изменат. Ирак одново е соочен со заканата да биде опасна цел, а влијанието на Техеран ќе биде уште посилно од досега. Доколку пак, има војна, таа на САД воопшто не им одговара, затоа што Американците останаа заглавени во Авганистан, цели 19 години, без видливи знаци дека талибанците се ставени под контрола, па судир и во Иран не е она што било кој го посакува.
Сега останува да се види каков ќе биде одговорот (одмаздата) од Иран. Иранците по веста за убиството на својот генерал, навестија серија одмазнички операции, уверувајќи дека цел на нападите ќе биде само војската на САД.
И тоа се случи по шест денови од смртта на Касем, кога точно во 02 часот по полноќ, на 8 јануари, дваесетина ракети лансирани од иранска територија, нападнаа
две бази во Ирак во кои се стационирани американски војници, како и нивни сојузнички сили. Едната „Ал Асад“ околу 200 км западно од Багдад и другата „Ирбил“ .
Во двата напади, според изјава на претседателот Трамп, нема американски и ирачки жртви, а медиумите во САД тврдат дека Техеран го известил Багдад за н
ападот, веројатно сакајќи да не биде помалку обвинуван за извршениот напад врз странска држава. Други, пак, веруваат дека станува збор за предупредување, со што некои го објаснуваат отсуството на жртвите, иако биле употребени моќните балистички ракети од типот „Фатех“.
Реакција и контра-реакција
Иранската страна, самозадоволно порачува дека „ ова е првата шлаканица за САД“. За ајатолахот Хамнеи тоа е почеток што ќе заврши кога Американците ќе си заминат од целиот регион. Од Вашингтон, пак, возвратија со изјава дека Америка ја има најмоќната армија во светот и дека САД не се плаши од заканите од Техеран. Американскиот Пентагон повтори дека убиениот генерал планирал нова серија напади врз американските дипломатски мисии, како неодамнешниот напад во Багдад, па дека со убиството на Касем, тоа сега е оневозможено.
Всушност, целото ова непријателство на двете земји се претвора во интервенирање во стилот „ око- за око“ , во кое другата страна возвраќа по ударот од првата. Една проиранска група од Ирак, нападна и уби американски војник и двајца воени контрактори, на што САД возвратија со напад од дрон врз позициите на групата. По тоа, уследи вандалскиот напад врз амбасадата на САД во Багдад, а за тој напад, изведен во присуство на генералот Касем на ирачката територија, уследи американската одмазда и нападот со дрон во кој генералот, конечно, беше ликвидиран.
Иран, претходно, изврши напад врз еден танкер со нафта. Потоа нападна со свој дрон нафтени постројки во Саудиска Арабија, а потоа собори и еден дрон на САД, опремен за шпионирање. На сето тоа САД реагираа со засилување на санкциите што очигледно се покажуваат делотворни, ако се имаат во предвид социјалните немири и настаните што го потресоа Иран, како и со испраќање на дополнителни 15 илјади војници, распоредени низ регионот.
Де-ескалација или ограничен конфликт
По нападот со иранските ракети врз двете бази на САД, како одново да има затишје.
Сега се чека на тоа како овој пат ќе реагираат Американците. Засега, изгледа, само со нови и уште поостри санкции. Воената закана од пред пет-шест дена стои отворена, но од Техеран, иако навестуваа серија воени акции, посредно стигнуваат помалку заканувачки изјави. Уште повеќе, како да се настојува работите да застанат на она што веќе се случи!?
Иранскиот шеф на дипломатијата Џавид Зариф во својата реакција на нападот врз базите на САД има напишано на Твитер дека Иран „не бара ескалација, или војна“ иако и овој пат порачува дека „ако бидеме нападнати, ќе се браниме“. Дури и двајца неидентификувани функционери на Иранската револуционерна гарда рекле дека „ако САД не возвратат воено, тогаш и Иран би можел да де-ескалира“. И тие рекле дека доколку САД се одлучат на казнена операција тогаш Иран е подготвен за еден „ ограничен конфликт“.
Ваквите реакции, само десетина часови по одмаздата врз Американците, создаде терен за ширење на разни теории за тоа дека иранско- американското непријателство, во овој случај е „силно надуено“ затоа што сегашната криза и ѕвецкањето со оружјето, изгледа, им треба и на двете страни. На режимот на Техеран за да се смири нацијата по социјалните немири и за да се поврати угледот на власта, а на Доналд Трамп за да се потисне постапката за импичмент.
Сервис- Скопје/Глобал