Влошена состојбата околу Полска и Унгарија
Европскиот Парламент изгласа резолуција во која се констатира дека во Полска и во Унгарија е влошена состојбата во врска со прашањата поврзани за делувањето на правната држава.
Европратениците сметаат дека нема напредок во овие две земји, членки на ЕУ, кога станува збор за потребата да ги поправат законите кои ги имаат донесено, или се подготвуваат да ги донесат, а се однесува на очигледниот ризик од тешко прекршување на вредностите на правната држава.
Посебно кога станува збор за независното судство, за слободата на изразувањето, за борбата со корупцијата која и натаму е присутна, како и за правата на малцинските групи. А, тоа се сите оние неодминливи обврски за исполнување за земјите кандидати за ЕУ и за оние кои почнуваат да преговараат за влез во Унијата.
Закана од казна
Европскиот Парламент уште во октомври 2018 година ја активира т.н. казнена процедура обвинувајќи ја Унгарија и владата во Будимпешта за кршење на демократските вредности на ЕУ, што инаку оваа бивша комунистичка држава од Источна Европа ги има прифатено, во текот на преговарачкиот процес и при влегувањето во Унијата.
Според член 7 од основниот договор на ЕУ, Унгарија би можела да биде осудена и казнета, на тој начин што би останала без право на глас. Казна која досега не е применета.
Во 2017 година слична таква постапка е отворена и кон Полска. И најновиот заклучок на правните експерти околу најновиот контроверзен полски предлог- закон за судиите, ги нарушува принципите врз кои се темели Унијата- за постоењето и одбраната на правната држава- и ја загрозува независноста на полското судство.
Но, последното сослушување и со двете држави од Истокот на ЕУ, инаку одржани зад затворени врати, поминале во веќе препознатливата атмосфера, кога станува збор за овие две држави. Европските медиуми откриваат дека унгарската страна, на пример, се спротивставила на ЕУ и со груби квалификации, целиот овој процес го означила како „фарса и лов на вештерки“ што е веќе слушната формулација од овие две источноевропски земји, поранешни сојузнички на некогашниот СССР.
Непочитување на стандардите на ЕУ
Минатата недела, судии од Полска на кои им се придружија и нивни колеги од повеќе земји од ЕУ учествуваа во протестен марш низ улиците на Варшава, против донесувањето на законот за судии.
Законот е оценет како целосно спротивен на европските стандарди, затоа што со него, политичарите и владата, ќе имаат право да ги менуваат и да ги казнуваат судиите! Таков закон нема, ниту би можело да има во земјите од западната демократија, кои се од поодамна членки на ЕУ, но владата во Варшава, носењето на еден ваков закон го оправдува со „спречување на анархијата меѓу полските судии“.
Овој пропис што го има предложено за усвојување владата на десничарската, националистичка партија на Законот и редот, не беше усвоен од полскиот Сенат, каде опозицијата има тесно мнозинство. Но, неусвојувањето во Горниот дом на Парламентот (Сејмот) може само да го забави неговото донесување, но не и да го блокира и да го попречи тој да стапи во сила.
Полското министерство за правда веќе најави дека „ќе направи се што е потребно“ за да законот помине во Долниот дом, каде владеачката партија на Полска има мнозинство.
(С.Ф.)