Почна судењето на Трамп во Сенатот
Во нервозна и напната атмосфера, полна со меѓупартиски обвинувања, нетипична за американската политичка сцена, но добро позната на Балканот и во Македонија, секако, во САД започна долго очекуваното судење на претседателот Доналд Трамп во Сенатот.
Оваа постапка, доаѓа откако претходно, Долниот дом на Конгресот, со гласовите само на демократските конгресмени, изгласа две обвинувања против актуелниот претседател.
Едното за злоупотреба на власта, затоа што со притисок и уценување, одобрената воена помош од околу 400 милиони долари за Украина, Трамп ја има условено со барањето до Киев, да отвори формална истрага против Џо Бајден. Намерата, според обвинувањето била да му се напакости на Бајден, за кого се верува дека ќе биде кандидатот на Демократската партија на САД кој ќе му се спротивстави на Трамп на претседателските избори во ноември, оваа година.
Пораки од Давос
Второто обвинување се однесува на опструкцијата кон Конгресот, откако Трамп и Белата куќа не дозволија никој од администрацијата да се појави како сведок на сослушувањето во Конгресот, ниту пак да им се достават документите и потенцијалните докази кои ги побара Долниот дом.
Претседателот Трамп кој уште од јули претходната година, кога за прв пат се откри дека во телефонски разговор до украинскиот претседател, вршел притисок врз него за да се покрене истрага против таткото, но и синот Бајден кој во извесен период бил член на Управниот одбор на една украинска компанија за нафта и гас, продолжува да тврди дека нема сторено ништо за она за што конгресмените го обвинуваат.
На почетокот на судењето, тој одлучи да не биде во САД, па замина во Давос, на Светскиот економски форум, што требаше да ја покаже неговата самоувереност дека е невин и дека судењето воопшто не го вознемирува.
Но пред заминувањето за Вашингтон тој не издржа, а да не им порача на Американците дека „на САД никогаш не и било подобро“, обвинувајќи ги демократите и оние кои го обвинуваат дека се „корумпирани„ а дека постапката против него е „чиста измама и штетна за САД“.
Исполитизирана расправа
Сега 100 сенатори, мнозинството од нив се републиканци, треба да ги сослушаат аргументите на обвинителите (Конгресот), како и на одбраната на претседателот, па како своевидна порота, да гласаат за тоа дали Трамп е виновен, или не. Ако повеќето сенатори (потребно е дво-третинско мнозинство) се согласат дека претседателот е виновен, тој ќе биде отповикан од функцијата. Доколку, пак, не се прифатат обвинувањата, постапката за импичмент завршува, а Доналд Трамп го продолжува својот мандат во Белата куќа.
Со судењето во Сенатот раководи претседателот на Врховниот суд на САД, Џон Робертс кој и самиот им приговори на сенаторите за исполитизираната расправа, за острината на изговорените зборови и побара од сите да се насочат на она за што и е покрената целата оваа постапка.
На самиот старт, при определувањето на правилата по кои ќе се одвива расправата, како и околу времетраењето на судењето, демократите и републиканците остро се судрија, цврсто поделени според партиската припадност. Особено откако републиканското мнозинство, сложно гласајќи како партија, без многу да се размислува на аргументите на другата страна, ги надгласа демократските сенатори кои предложија неколку амандмани.
Надгласани демократи
Со нив се бараше од Белата куќа да ги испрати за судењето сите документи во врска со исплатата на воената помош за Украина, како и да се појават, како сведоци, сегашни и поранешни функционери на американската администрација.
Мнозинските републиканци не прифатија ниту едно барања на малцинските демократи, кои мораше да ги прифатат правилата кои ги наметна лидерот на мнозинството во Сенатот, сенаторот Мич Меконел, инаку мошне близок до претседателот.
Според усвоените правила, демократските конгресмени (како обвинители), републиканците во Сенатот, како одбрана и правниот тим на Трамп, имаат на располагање по 24 часови, во три денови, за да ги изнесат своите видувања за целиот случај.
Без шанси за отповикување?
После тоа Сенатот (како порота) ќе гласа, за да одлучи по обвинувањето на Конгресот на САД.
Меѓутоа, како сега стојат работите и како на почетокот се одвиваше дебатата, особено како се гласа, малку е веројатно дека нешто радикално би можело да се измени до финалното гласање во Сенатот.
Прво, двете страни се толку длабоко „вкопани“ во партиските ровови. А, потоа и едните и другите настапуваат со дијаметрално различните позиции околу тоа дали Трамп е виновен и дали ја има злоупотребено својата функција, на тој начин што една странска земја ја вовлекол во американските избори, за да му се напакости на политичкиот противник.
Затоа и се верува дека со мнозинството кое го има Републиканската партија, многу е веројатно дека актуелниот претседател и натаму ќе остане во Белата куќа, за да го дослужи до крај својот мандат.
(В.А.)