Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Српската влада против телевизија N1

BalkansCat/BigStock.com

Српската влада против телевизија N1

Српската влада, преку неколку изјави на премиерот Ана Брнабиќ, влезе во остра пресметка со белградската независна телевизија N1, сериозно доведувајќи ја во прашање слободата на медиумите во земјата.

Работите почнаа како деловен спор меѓу компанијата „Јунајтед Медиа“ под чија „капа“ се наоѓа и оваа информативна телевизија и српскиот државен оператор „Телеком Србија“ околу продолжување на нивниот договор за емитување. Но, деловниот спор прерасна во политичко прашање, за односот на владата, а тоа значи на власта, кон (велат) единствената вистински независна телевизиска станица, откако во спорот на двете компании – едната државна, а другата приватна – се замеша премиерот Брнабиќ – застанувајќи силно на страната на „Телеком-Србија“.

„Телевизија – политичка партија“

По малку неочекувано, за странските посматрачи, но во, инаку, добро познатиот стил на комуникација на власта со неистомислениците, таа прво ја обвини телевизијата N1 дека се претворила во политичка партија (опозициска), а веднаш потоа, Брнабиќ ја обвини телевизијата дека „лаже„ и дека произведува „лажни вести“.

Ова, второ обвинување уследи откако телевизијата објави дека српскиот Телеком го прекинал емитувањето на нејзината програма, оставајќи еден милион гледачи без нивната програма. За уредништвото на телевизијата тоа беше пример за ограничување на медиумските слободи, по што во јавноста почна преку интернет кампањата за поддршка, заглавена како – „Да се гледа N1“, што очигледно многу ја има налутено власта.

Затоа Брнабиќ тоа ќе го означи како „потврда дека оваа телевизија станала политичка партија која води политичка кампања подобро од било која опозициска партија во Србија“! Гневната реакција на српскиот премиер за тоа дека N1 произведува „fake news“ уследила како реакција на тврдењето на телевизијата, но и на демократската јавност во Србија дека исклучувањето на милионскиот ТВ аудиториум од српскиот Телеком кој, инаку, ги покрива кабелските телевизии, не е ништо друго туку задушувањето на медиумските слободи.

Гневна реакција на јавноста

За неа, слободите на медиумите не се задушени, дури ниту со овој потег на „Телеком Србија“, бидејќи како што вели, власта (владата) во тоа немала никаква улога, туку дека исклучувањето е последица на деловните недоразбирања на две фирми.

Така, меѓутоа, не мисли оној дел од српската јавност која е незадоволна од се посилната, авторитарна власт на актуелната владејачка гарнитура во Белград, како и независното новинарство и сите оние милион граѓани кои останаа без една од телевизиите која ја гледаат. За сите нив квалификацијата на Брнабиќ за една телевизија дека е „политички противник“ на владата е „срамна за една политичарка“ и претставува „скандал без преседан“.

Дел од опозицијата веќе застана на страната на нападната телевизија, јавно повикувајќи ја власта да објасни дали квалификацијата „политичка партија“ за еден медиум се однесува и за оние телевизии кои инаку целосно се врзани за власта и посебно за претседателот на државата – какви што се, на пример, Пинк и Хепи – на кои тој единствено дава интервју и прифаќа да разговара во стилот да го каже она што тој сака да го каже, но да не биде прашан.

Загрозени медиумски слободи

Независното здружение на новинарите на Србија (НУНС) – реакцијата на Брнабиќ ја има оценето како „грубо прекршување на сите цивилизирани, културни и демократски правила за однесување, посебно на политичар на висока функција, кон еден медиум“. Според домашни аналитичари, пак, овој случај е потврда за, како што се вели, континуираната и отворена политичка кампања на актуелната власт кон објективното, критичко и непоткупливо новинарство.

Се смета дека ваквиот груб напад на премиер на држава во која, во еден ден, еден милион луѓе се исклучени од програмата што сакаат да ја гледаат и се затвора весник („Крагујевачке новине“) после 85 години излегување, никако не е знак за постоењето добра клима за медиумите во Србија.

Посебно, што станува збор за земја која води преговори за да влезе во ЕУ и (барем формално) има отворено 18 поглавја. Ниту едно не е затворено. Токму Брнабиќ минатиот месец има изјавено дека земјата нема да брза кон влезот во Унијата, а во исто време продолжува да ја убедува јавноста дека таа и владата се „цврсто на европскиот курс“!

Ваквата медиумска ситуација во Србија многу потсетува на онаа во Македонија, во време на деспотскиот и криминален режим на побегнатиот екс премиер-осуденик. Во тие 11 години вмровска власт тој ги стави под контрола сите домашни медиуми- откупувајќи ги телевизиите насила, или со политички дил со нивните газди. На тој начин, создаде пет свои телевизии на кои единствено даваше интервју, во истиот стил во кој тоа во Србија го прави тамошниот претседател.

Дисквалификувана телевизија

А, судирот на официјален Белград со N1 трае во сите изминати пет години, колку што постои телевизијата. На самиот почеток, кога таа се поврза со Си-Ен-Ен, беше дисквалификувана како „американска“ и како „шпионска“. Потоа остана да биде означувана како „непријателска“ само затоа што објавуваше вести кои провладините медиуми, или не ги објавуваа, или ги уредуваа онака како тоа и одговараше на власта.

Сите водечки српски политичари од власта и од владејачката партија, ја бојкотираат оваа телевизија. Тоа го прават без некое вредно објаснување. Посебно N1 ги налути откако на нејзината програма се појавија деталите за некои од главните афери во земјата.

Такви се, на пример, фалсификуваниот докторат на министерот за финансии, аферата „Крушик“, за продавање оружје преку фирма на таткото на министерот за внатрешни работи, а не преку државната и единствено овластена фирма за тоа, или скандалот со белградскиот приватен Универзитет кој изгледа „печател“ дипломи на политичари од власта.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе