Ердоган против анексијата на Крим
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во текот на својата посета на Украина, во Киев ја осуди руската анексија на Крим и при тоа вети поддршка на Турција на украинскиот територијалниот интегритет.
На заедничка прес конференција со својот домаќин Володомир Зеленски, турскиот претседател рекол дека Турција не ја признава нелегитимната анексија на полуостровот Крим. Зеленски, пак, изјавил дека Киев смета на помошта од Турција околу прашањето за ослободување на кримските Татари кои се држат заточени од руските власти на полуостровот уште од 2014 година кога Русија го запоседна Крим, а потоа го прогласи за дел од руската територија.
Според Москва, станува збор за припадници на милитантна, исламистичка група, но активисти за човекови права тврдат дека станува збор за измислени обвинувања.
Татарите од Крим се туркменска етничка група. Големо мнозинство од нив се противат на руската интервенција и на анексијата, па во Киев се смета дека уапсените се само казнуваат за своето спротивставување на постапката на Русија. Против анексијата се има изјаснето и најголем дел од меѓународната заедница, а Западот поради тоа воведе санкции против Москва кои се уште се во сила.
Ердоган уште ветил дека неговата земја ќе помогне за изградбата нови домови за околу 500 татарски семејства кои веднаш по руската интервенција побегнале во внатрешноста на Украина, останувајќи без своите живеалишта на Крим.
„Нема договор за Косово без Москва“
Рускиот амбасадор во Белград Александар Боцан-Харченко предупредил дека нема теорија да се постигне договор за иднината на Косово, без Русија. Според амбасадорот, Русија ќе се вклучи во преговарачкиот процес, доколку добие покана од Белград, но при тоа им порачал на сите дека без Москва и одобрување на Советот за безбедност на ОН, никако не може да има договор.
Тој рекол дека Русија од секогаш била за продолжување на дијалогот, но дека Москва е загрижена од настојувањето да се постигне брзо решение (!) објаснувајќи дека „доколку има повеќе време (за преговарање) ќе можело да се обезбеди компромис“.
Не верувам во брзо решение, освен ако тоа не биде наметнато, како што е барањето Србија да ја признае независноста на Косово рекол рускиот амбасадор.
Боцан-Харченко не верува ниту во тврдењето дека Белград и Приштина разговараат за размена на територии, како дел од компромисот меѓу двете страни. Овој амбасадор во интервју за белградски весник рекол дека тоа се „приказни на медиумите“ и дека таквата идеја никогаш не била официјално дадена.
Ова интервју само одново покажува дека Москва ги диктира и условите и темпото за постигнување договор за Косово, а дека Белград само се повинува на руските позиции. Објаснувањата на рускиот амбасадор можеби откриваат и зашто Белград не брза со европското интегрирање кое сега веќе на Србија и е најотворено условено со затворање на косовското прашање.
Што се однесува пак до размената на територии, како решение за Косово, „приказната“ како што вели рускиот амбасадор не ја отворија медиумите, туку српскиот претседател и неговиот министер за надворешни работи.
Лесото: „Првата дама“ обвинета за убиство
Полицијата на африканската држава Лесото ја обвини „првата дама“ Месаја Табане (42) – сопруга на актуелниот премиер Томас Табане (80) – за убиство на неговата претходна сопруга.
Покрај неа, полицијата обвини уште осум други лица дека биле дел од заговорот за убиство на 58 годишната жена. Претставник на полицијата рекол дека истрагата располага со цврсти докази за вмешаноста на сегашната сопруга на премиерот.
Убиството се случило во јуни 2017 година, кога бившата сопруга била убиена со еден истрел во главата. Инцидентот се случил на само два дена пред инаугурацијата на Томас Табане за нов премиер на Лесото. Во тоа време тој и неговата, сега мртва поранешна сопруга, биле во постапка за развод на бракот.
Два месеци по тоа, Томас Табане се оженил со Месаја и таа од тогаш е „првата дама“ на оваа земја.
Обвинувањето за неговата сегашна сопруга предизвика владина криза, а премиерот Табане најави оставка. Лесото е мала држава на југот од африканскиот континент, од сите страни опкружена со Јужна Африка.
Лесото е позната како политички нестабилна држава, која во минатото често се соочуваше со воени удари. Важи за една од најсиромашните во светот. Дури 23 отсто од два милионското население е зафатено со СИДА.