Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Палмер не исклучува размена на територии

budastock/BigStock.com

Палмер не исклучува размена на територии

Специјалниот пратеник на американскиот државен секретар за Западен Балкан, Метју Палмер во разговор за порталот „EU Observer“ од Брисел, не ја исклучил можноста од размена на територии меѓу Србија и Косово, како едно од можните решенија.

Американскиот дипломат рекол дека останува двете страни „да ги определат параметрите на дијалогот“, откако бил прашан што мисли тој (а и САД) за идејата, решението да се бара низ размена на територии.

„Идеално решение – меѓусебно признавање“

„Она што ние (САД) подржуваме е двете страни да изнајдат начин за да се вратат на преговарачката маса, за сите важни прашања, изнаоѓајќи пат кон нормализација на нивните меѓусебни односи.

Идеално би било кога како решение од дијалогот би произлегло меѓусебното признавање на Косово и на Србија.

Палмер, исто така, одбил да одговори и на прашањето за тоа дали позицијата на САД, околу решението за Косово, сега се разликува од она на Германија.

Официјален Берлин од почетокот е против и ја брани позицијата дека „договор со размена на територии може да предизвика и дестабилизација на регионот“.

Како и да е, од пред 1,5 година, во српските медиуми, блиски до власта во Белград, а потоа и низ изјавите, прво на шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, а подоцна и низ изјавите на претседателот Александар Вучиќ, почна да се отвора ова прашање.

Излезе дека и двајцата немаат ништо против, косовскиот конфликт да се затвори со договор за размена на територии. Напротив, бранеа една таква идеја.

Цртање нови карти

Почнаа да се цртаат и карти, според кои Србија би ја добила (северната) половина од Митровица и целиот север на Косово, каде главно живеат локалните Срби, додека косовските Албанци, за возврат, би ја добиле Прешевска долина која би се присоединила кон новата држава.

Работите отидоа до таму што двоецот Вучиќ-Дачиќ почне да зборува јавно дека „не може постојано да се бара од Србија (да даде нешто), а при тоа, ништо да не добие“.

Во подоцнежната фаза официјален Белград зборуваше за разграничување на (косовските) Срби и Албанци и таа идеја се одржуваше во јавноста, особено што се покажа дека не им е страна и на дел од косовската политичка елита. Посебно на косовскиот претседател Хашим Тачи.

ЕУ првично реагираше смушено. Освен Германија и тогаш и Британија кои веднаш беа против цртање нови карти и етничко чистење.

Франција и претседателот Емануел Макрон, меѓутоа, одмолчија на реакциите на Берлин. Подоцна се покажа дека Париз нема ништо против, ако тоа донесе траен мир. Некако слично реагираа и Вашингтон и тогашниот советник за национална безбедност Џон Болтон.

Русија не брза за Косово

На крајот, победи позицијата на Берлин, па политичкиот врв во Белград, не само што тоа го прими налутено, туку забележливо почна да се лади кон германските позиции кои и сега остануваат важечки околу размената на териториите.

Безбедносни експерти од почетокот имаат големи резерви. Сметаат дека таквото решение би можело да предизвика големи проблеми во Западен Балкан, а дека посебно на удар би се нашла БиХ, но дека и Македонија би се чувствувала загрозена.

Конечно, тоа би значело легализација на анексијата на Крим и на окупираната Источна Украина, како и на отцепените Абхазија и Јужна Осетија во Грузија.

Се веруваше дека зад идејата на Белград, всушност, стои Москва. Руската страна, меѓутоа, се огласи (јавно) „против решение кое е спротивно од резолуцијата на ОН 1244“, според која Косово е дел од Република Србија.

Тоа практично значеше – Белград да не форсира со идејата за територијално разграничување, но и да не форсира со брзо решение за косовското прашање.

Тоа, впрочем, неодамна го потврди и рускиот амбасадор во Белград кога се спротивстави на, како што рекол, набрзина донесено решение за Косово.

За размената на територии, пак, има речено дека тоа „никогаш не било официјализирано“, туку дека станува збор за „приказни на медиумите“!

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе