Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Хиларион: Се повторува „украинското сценарио“

zm_photo/BigStock.com

Хиларион: Се повторува „украинското сценарио“

Рускиот митрополит Хиларион кој ја има улогата на своевиден „министер за надворешни работи“ на Руската православна црква (РПЦ) престојуваше во Белград за да и даде силна поддршка на Српската православна црква (СПЦ) во нејзината пресметка со властите во Подгорица, негирајќи ја при тоа и црногорската етничка посебност и црногорското право на своја, посебна, независна црква.

„Руската црква секогаш ќе биде со СПЦ, во нејзината племенита и света борба, што сега ја води во Црна Гора“ – рекол без многу дипломатија, овој митрополит во српскиот главен град.

При тоа, тој уште еднаш ја покажал силната поврзаност на Москва и Белград, не само кога станува збор за политиката, туку кога се во прашање и црковните и христијанските работи, давајќи и на СПЦ секогаш за право, за секоја од нејзините операции надвор од територијата на државата Србија.

„Народ на улица“

Хиларион прво ја обвинил црногорската власт дека (наводно) се свртела против „својот народ“, но дека тогаш „народот излегол на улиците“, мислејќи при тоа на литиите што ги организира СПЦ со помош на свештеници донесени од соседна Србија, како и со луѓе кои себе си се сметаат за етнички Срби, а се против актуелната власт.

Митрополитот, затоа, им порачал на српската и на црногорската јавност дека за него, за РПЦ, а секако и за Москва, сегашните случувања во Црна Гора не се ништо друго, туку само “повторување на украинското сценарио“.

А, тоа значи обид на властите во Подгорица да се изборат за своја црква, онака како што пред крајот на 2018 година, Украина се здоби со своја, независна црква, која Синодот на Вселенската Цариградска Патријаршија ја прогласи за автокефална.

Според тоа, Хиларион и без да сака, ги демаскира и СПЦ и официјален Белград.

Се покажа дека бранувањата во Црна Гора и предизвикувањето сериозна политичка криза, воопшто, не е поради новодонесениот закон за верски слободи и за планираниот попис на имотот на сите религиозни заедници.

Предупредување до Подгорица

Всушност, кризата – и едните и другите – ја произведуваат поради намерата на властите во Подгорица да се обнови Црногорската православна црква (ЦПЦ).

Таа постоела во текот на независноста на црногорското кнежевство, како автокефална, била внесена и во тогашниот Устав на кнежевството и останала таму како единствена православна црква, се до влегувањето на оваа, до тогаш меѓународно призната држава, во ново создаденото кралство – прво наречено СХС, а потоа Југославија.

Во Црна Гора на обновата на „одземената и укината црква“ за сметка на доведувањето на СПЦ, за етничките Црногорци е многу повеќе од црковно прашање. Станува збор за тоа, преку обновата на ЦПЦ да се потврди и државноста, а и посебноста и националната самобитност.

Рускиот митрополит, меѓутоа, во своето споредување на Црна Гора, со она што се случи во Украина, кога земјата се стекна со своја посебна црква, одделена од Руската, ја предупредува Подгорица што ќе и се случи – на политички план!

„СПЦ единствена црква“

„Тогашниот украински претседател (Петро Порошенко) одлучи да создаде нова црква. Независна од Руската црква, надевајќи се дека тоа ќе му помогне во предизборната трка.

А во неа доживеа убедлив пораз, но и нанесе тешка штета на црквата“- рекол митрополитот, додавајќи дека тоа истото, сега се случува во Црна Гора.

Што ќе рече црногорскиот претседател (Мило Ѓукановиќ) сега притиска за своја црква (за пред изборите во октомври оваа година), ама нека знае што може да го очекува на есен судбината на екс украинскиот претседател.

Овој висок функционер на РПЦ смета дека донесениот закон е „дискриминаторски“ затоа што, како што вели, со него требало да и се одземе имотот на единствената законска црква во државата (мисли на СПЦ) за да се даде на „некој друг“, а тоа би требало да биде идната ЦПЦ.

Во една ваква атмосфера, Хиларион, уште испраќал пораки и пошироко, па рекол дека „светските властодршци“ сега сакале да владеат со црквите и „да создаваат нови цркви“ според своето наоѓање!?

Меѓутоа, митрополитот и покрај своите ставови околу тоа СПЦ да ги има како свои сите православни христијани во регионот, сепак, беше омилен кај режимската власт на националистите во Македонија.

Омилен кај режимската власт

Свртувајќи се кон Русија и напуштајќи го Западот, побегнатиот екс премиер- осуденик, преку својот тогашен претседател на државата, правеше дилови со Москва и околу цркавата, па се одлучи РПЦ (божем) да помага околу автокефалноста на МПЦ.

Сето тоа беше крајно непатриотски и немакедонски од режимот кој инаку се прикажуваше како „патриотски“ и христијански, само за да се слика со свештенството и за да ги купува гласови од наивните домашни гласачи.

А, Хиларион многу брзо покажа кој е и чија политика застапува. Остро реагираше на иницијативата на МПЦ, како црква-мајка да се појави бугарската црква, порачувајќи и грубо на Софија дека не смее да се меша во спорот меѓу Скопје и Белград.

„Само СПЦ е надлежна за статусот на црквата во Македонија“ – има речено тогаш за еден белградски медиум овој митрополит, нарекувајќи ја при тоа нашата црква како -„таканаречената МПЦ“!

(Г.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе