Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Италија европско жариште на Covid-19

Mehaniq/BigStock.com

Италија европско жариште на Covid-19

Во многу кусо време, Италија се претвори во опасно жариште на смртоносниот коронавирус (Covid-19). Околу 250 лица се заразени, до правењето на овој текст, се регистрирани седум смртни случаи.

Сите седуммина се вели дека биле возрасни и стари луѓе, за кои засега не се знаат сите детали како се заразиле. Но, како и да е, овие бројки ја прават Италија уверливо прва во ЕУ и во Европа, според бројот на заразените со вирусот и после Кина, меѓу трите земји во светот според раширеноста на коронавирусот.

Ломбардија и Венето на удар

Сите жртви се регистрирани на италијанскиот север, во реонот на Ломбардија (пошироката зона околу Милано), како и на Венето (реонот околу Венеција). Владата во Рим веднаш презеде ригорозни мерки, па неколку помали градови и села се ставени под карантин, зоната под силна контрола е проширена на десетина северни региони, во кои вкупно живеат околу 30 милиони луѓе.

Најголем број од училиштата во овој дел од Италија се затворени, на неопределено време. Затворени се и универзитетите, библиотеките и музеите, откажани се низа јавни настани и фудбалски натпревари. Во Милано, најголемиот град во овој дел од земјата, затворен е и плоштадот пред најголемата и најпозната катедрала Дуомо.

Властите во Венеција, пак, одлучија само после два дена, да го прекинат годинешниот карневал, на големо разочарување на гостите и на локалните трговци. Секоја година во деновите на карневалот во овој град, доаѓаат и до три милиони туристи, што оваа година нема да се случи. Неодамнешните големи поплави кои ги набркаа туристите, а сега и мерките за карантин, предизвикаа драстичен пад на прометот на локалната трговија која главно живее од посетите на странските и домашните гости, чиј број секоја година изнесува околу 12 милиони.

Луѓето прават залихи

Засега, луѓето исплашени од заразата, се придржуваат на строгите карантински мерки, но италијанските медиуми јавуваат дека во Милано, како да се забележува паника кај неговите жители. Луѓето складираат храна, за секој случај, а посебно се прават резерви од минерална и обична вода. Пред големите супер маркети има големи редови од купувачи, но локалните ТВ станици објавуваат снимки од кои се гледаат празни полици и витрини.

Соседните земји различно реагираат на отворањето на ова најголемо жариште на коронавирусот во Европа.

Австрија, во неделата, го запре на границата патничкиот воз од Венеција, за Минхен, затоа што имало сознание дека во возот има неколку патници, заразени со вирусот.

Владата во Виена, така и ќе реагира објави дека ја следи ситуацијата и дека во зависност од тоа како ќе се развива кризата. Словенечката влада објави дека ако биде потребно, ќе ги затвори своите граници, претворајќи ја целата држава во своевидна зона по карантин.

Засега нема суспензија на Шенген

Европската комисија, меѓутоа, нема да воведе ограничувања во патувањата и во трговијата, на ниво на ЕУ, затоа што ниту Светската здравствена организација СЗО) нема предложено такви ограничувања. Брисел во овој момент не разгледува ниту план за привремено суспендирање на Шенген правилата, но дека по создаденото жариште во Италија Комисијата подготвува определени мерки.

Освен Италија, своевидна експлозија на коронавирусот е регистрирана и во Јужна Кореја, каде над 700 лица се заразени, дека седум пациенти се починати.

Според тамошните здравствени власти, половината од сите заразени се припадници на сектата Шин Чеон Џи, но дека немаат објаснување за оваа појава.

Иран е третата земја, каде вирусот наеднаш избувна, а таму проблем е што податоците за заразените и заболените, како и за починатите се различни. Владата во Техеран тврди дека во земјата имало 12 починати од вирусот, а дека нешто над 60 лица се третираат како заразени.

СЗО не прогласува пандемија

Локалните власти во верскиот град Ком, 120 километри јужно од Техеран, меѓутоа, тврдат дека ситуацијата во градот е многу посериозна. Според нив, во последните две недели имало над 50 починати. Еден локален функционер обвинувал дека владата ги крие вистинските податоци.

Во секој случај, СЗО смета дека е „премногу рано за да се прогласи глобална пандемија“, иако се признава дека заканата постои и дека Covid-19 има таков потенцијал. Генералниот директор на СЗО, Тедрос Адхан Гебрејсус изјавил дека прогласувањето на пандемија може да предизвика паника, а дека сега се работи на тоа да се заузда ширењето на вирусот. А, тој и покрај трите нови жаришта – Италија, Јужна Кореја и Иран – не се шири неконтролирано.

Во Кина, каде е епицентарот на вирусот, бројот на заболените и натаму расте, иако со далеку помало темпо од претходно. Во оваа земја, 98 илјади лица се под надзор, а 2600 досега се починати. Тамошните епидемиолози истакнуваат дека, сепак, 25 илјади пациенти, како оздравени, се отпуштени од болниците.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе