Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Вухан се сели во Европа?

AngelinaBambina/BigStock.com

Вухан се сели во Европа?

Кина можеби израсна во глобална економска и политичка сила, која обичните луѓе ја препознаваат како една од водечките земји во хај-тек технологијата, по нејзините мобилни телефони и лаптоп компјутери, но од оваа 2020 година таа ќе остане запаметена по тоа што на светот му го испорача смртоносниот коронавирус.

Откако предизвика хаос во самата Кина, од градот Вухан, каде е епицентарот на вирусот, тој со голема брзина се рашири. Прво низ целата кинеска територија, предизвикувајќи досегашниот биланс од вирусот во земјата да биде околу 80 илјади заразени и 2700 починати. А,  потоа заразата се префрли и низ Далечниот Исток и Југоисточна Азија, а од таму на сите континенти, правејќи од Европа, заедно со Јужна Кореја и Иран, три големи и опасни жаришта од кои сега може да израсне глобална пандемија, за која никој не сака да прогнозира каков би можел да биде крајот.

Удар врз кинескиот престиж

Така, еден кинески, „локален“ проблем, предизвикан од  нечистотијата на градскиот пазар и лошите санитарни услови во кои функционира- каде се продава храна, жив добиток и домашни птици, но и диви животни (!)  во десет милионскиот Вухан , стана светско прашање. Кина во секој случај веројатно ќе ја плати највисоката цена. Не само низ заразените и починатите луѓе, туку и со сериозниот удар врз нејзиниот престиж како светска сила, која и покрај надворешниот сјај во нејзините големи градови, здравствениот и санитарниот систем во оваа голема земја, очигледно,  се уште далеку заостанува зад нивото на кинеската висока технологија.

Светските експерти сега забрзано трагаат за да утврдат кое од дивите животни кои таму се нуделе за продавање,  го има создадено страшниот вирус, за да потоа најдат начин како да се изборат со него . Кина во меѓувреме, ќе ја пресметува штетата ( економска и финансиска ) од корона вирусот.

Некои велат дека само оваа земја ќе има штета од 70 милијарди долари. Но, пазарот во Вухан, веќе и прави штета на целата светска економија, со пад на берзите, со пад на производството во сектори кои од делови и репроматеријали зависеле од кинеските фабрики ( како автомобилскиот сектор) затоа што токму во Вухан се изработувале многу работи кои ги вградуваат производителите на моторни возила низ светот.

Теорија на„ светски заговор“

Некои затоа побрзаа , на интернет ( каде инаку на друго место)  да пласираат дезинформација и лажна вест дека Кина и не е виновна за хаосот и за големата криза што му пренесе на светот, туку дека  е жртва на „ голем светски заговор“- да се кутне на колена „ новиот економски џин“ , затоа што „ премногу се има затрчано“ па ја загрозува позицијата на старите великани.

Не треба многу да се размислува дека виновникот треба да биде Западот, а пред се, САД и ЦИА кои и онака веќе една година се во некаква трговска „ војна“ со Кина. Во таа приказна дека коронавирусот е дело на „ непријателот“ , за да ( наводно)  се ослабнат кинеските позиции и за да се истисне „ Хуавеи“ од пазараот (!?) брзо се вклучија сите антизападни и антиамерикански пропагандисти. Една ваква теорија за „ голем заговор“ ним им одговара за домашни потреби, а такви има и во Македонија, во редовите на медиумите кои се финансираат од европската ултра десница, а работат за домашните националисти, за да шират антизападна и антиевропска кампања.

Вашингтон на ова, меѓутоа, веднаш реагираше со име и презиме, порачувајќи и на Русија да ја запре кампањата на печатење дезинформации и fake news во кои САД се обвинуваат дека го „ подметнале во Кина страшниот вирус, создаден во лабораторија“ како биолошко оружје.

Руска замешаност?

Москва, нормално, вообичаено ги отфрли обвинувањата, како „ измислување“ но неколкумина американски функционери, меѓу кои и помошникот државен секретар Филип Рикер открија дека „ неколку илјади профили- поврзани со Русија- на Фејсбук, на Твитер и Инстаграм имаат раширено разни теории за заговор против Кина“.

„Заговорот“ брзо згасна затоа што, впечаток е, дека самата Кина не наседна на него. Дури и да имаат помислено дека е тоа така, на властите во Пекинг, во овој момент, најмалку им е потребно да влегуваат во било каков конфликт со било кого, а најмалку со Американците.

Остана впечатокот дека Русија настојува да ја искористи ситуацијата за да профитира нешто за себе- ако веќе не може да им се приклучи на САД и на Кина , таму каде тие се посилни, тогаш не е лошо двете големи да се скараат меѓу себе.

Како и да е, Вухан ја одигра својата улога, преселувајќи се во Европа.

Италија најранлива

Италија се покажа како најранлива, па е најтешко погодена. Бројот на заразените забрзано расте и до правењето на овој текст веќе има 400 случаи на коронавирус. Дури 12 починати, што е далеку најмногу во ЕУ и на европскиот континент.

Погоден е италијанскиот север- Ломбардија, вклучувајќи го и Милано, како и Венето, со Венеција. И двата града се редовно полни со туристи- Венеција има секоја година по десет милиони посетители, а сега е време на карневалите, па градот веќе беше полн со туристи и гости од секаде. А, тие изгледа го прават она што претходно се случуваше од Кина- префрлениот вирус од Вухан, сега од Италија го шират по Европа.

Случаите во Хрватска, во Грција и во Македонија се од луѓе кои претходно биле во некои од северените италијански градови. Такви примери има и во Шпанија, Германија, во Австрија и во Британија. Британските здравствени власти ги затворија училиштата во кои учат ученици кои штотуку се вратиле од екскурзија во Италија, после која десетина од нив се пожалиле на симптоми „ налик на грип“.

На шест континенти

Хотелот на шпанскиот остров Тенерифе во кои има околу илјада гости е ставен целиот во двонеделен карантин, па полека наликува на крузерот „ Дајамонд Принцес“ во Јокохама. Тој се најде во таа ситуација откако прво еден лекар, а потоа уште три други лица беа откриени дека се заразени. Сите четворица се дојдени од северот на Италија, на одмор.

Во Франција е регистриран смртен случај на Французин кој ниту имал контакт со првата жртва на вирусот, еден 80 годишен Кинез од провинцијата Хубеи, ниту пак бил во реоните ( во Европа и низ светот) каде веќе има случаи на заразени со коронавирус. Во Германија, досега се регистрирани 20 заразени пациенти, но здравствените власти  стравува од епидемија, а прв случај е регистриран и во Норвешка, од човек кој се вратил дома од Кина.

Вирусот се префрли и во Јужна Америка, во Бразил. Еден жител на Сао Паоло, се покажа дека е заразен, откако бил префрлен со специјалните летови за „заробените“ странци, од кинескиот град  Вухан. Бил префрлен уште на почетокот од февруари. Такви случаи, да се појави вирусот, по извлекувањето од Кина, има и во САД, а и во Британија, како и во Јапонија и во Јужна Кореја.

Нема забрана за патување

Во „Земјата на изгрејсонцето“ има 178 заболени и тројца мртви, не сметајќи на патниците во крузерот каде бројката на позитивните достигнала до 691 лице.

Во Јужна Кореја ситуацијата е налик на италијанската , па таму секој ден расте бројот на заразените. Само во еден ден  се регистрирани 115 нови случаи, па во оваа земја сега има 1261 заболени, меѓу кои е и еден американски војник, од силите на САД кои се таму стационирани.

ЕУ засега останува на досегашната политика да не се создава нервоза и паника и е против суспензијата на Шенген прописите, како и за забрана на патувањата. Светската здравствена организација (СЗО) пак  оценува дека е загрижена за состојбите во Италија и во Јужна Кореја, како и за онаа во Иран, каде ( официјално) има 140 заболени, меѓу кои и еден тамошен министер, а 20 лица се починати од вирусот.

Пандемијата не е неизбежна

Во секој случај, епидемиолозите на СЗО, но и во секоја од земјите, вклучувајќи ја Италија, инсистираат на потребата да не се создава панична атмосфера, а особено да не им се подлегнува на лажните вести кои и натаму кружат по интернет, што намерно, а што од желбата да се подигне читаноста и нешто да се заработи на коронавирусот.

Експертите уверуваат дека ако се погледне на бројките и случувањата во Европа, има место за загриженост, но заканата од  пандемија, иако постои, таа во овој момент не изгледа дека е неминовна и неизбежна.

Останува да се преземат „ локални мерки“ и посебно, секој самиот да си прави план за свој карантин. Пред се, во овој момент најпаметно е да се одбегнува патување во Италија, на пример, посебно не во нејзиниот север. Претпазливоста е добродојдена  и за патувањата по Европа, каде има многу од оние кои биле – или во Кина и Азија, или престојувале во северна Италија.

Некои лекари, пак, нудат практични совети-  секој дома, самиот да ја мери температурата на своето тело- два пати во текот на денот. И секако да не чека многу доколку мисли дека има настинка. Овој вирус, велат, почнува со треска, како и секој „ обичен“ грип.

Сервис – Скопје/Глобал

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе