Шпанскиот крал се откажа од наследството
Шпанското кралско семејство соопшти дека кралот Фелипе Шести одлучил да се откаже од наследството што му припаѓа како на син на поранешниот шпански крал Хуан Карлос. Ваквото решение Фелипе го има донесено откако во домашната јавност се појавија обвинувања дека таткото Хуан Карлос, бил замешан во финансиски неправилности.
Станува збор за постоењето на оф-шор сметка во една швајцарска банка за која се тврди дека (наводно) му припаѓа на поранешниот крал. Мадридските весници откриваат дека обвинителството во Швајцарија има покренато истрага за оваа сметка.
Во 2008 година, на оваа сметка биле внесени 88 милиони евра од, сега починатиот, крал на Саудиска Арабија, Абдула. Швајцарското обвинителство смета дека станува збор за плаќање поткуп.
Во изјавата на шпанското кралско семејство се вели дека освен што се откажал од татковото наследство, Фелипе му ја укинал и апанажата на Хуан Карлос која инаку доживотно му припаѓа, како поранешен суверен на Шпанија.
Во целиот случај, со обвинувања се има вклучено и лондонскиот проториевски весник „Дејли Телеграф“. Весникот тврди дека актуелниот шпански крал користи еден оф-шор фонд, за кој се вели дека, наводно, ја има контролата врз сметката која се смета дека е на неговиот татко. На сметката се тврди дека во моментот има 66 милиони евра. кои му биле дадени на Хуан Карлос додека тој беше шпански крал.
Фелипе во меѓувреме ги отфрли ваквите обвинувања, тврдејќи дека тој нема никаква врска со сметката.