Мажите се почесто жртви на корона
Корона вирусот кој предизвика глобална пандемија каква не се памети со генерации наназад, продолжува да предизвикува бројни контроверзи, кои засега, прецизно, не може да ги објаснат ниту епидемиолозите, а ниту вирусолозите. Една од нив е – зашто вирусот не ги напаѓа сите инфицирани подеднакво, гледано според полот на пациентите.
Во изминатите месеци анализите добиени според заболените во болниците ширум светот, покажува дека мажите се почесто и повеќе подложни на заразувањето, отколку на жените. Тоа први го забележаа уште лекарите во Кина, во епицентарот на вирусот, во градот Вухан, каде меѓу пациентите многу повеќе имало мажи. Таков бил односот и кога станува збор за починатите.
„Виновник“ – тестостеронот
Подоцна тоа го открија и италијанските лекари кои први во Европа и надвор од Кина се соочија со пандемијата во размери кои ја шокираа италијанската и европската јавност. Трагајќи по лек за Ковид-19 и по вакцина против вирусот, експертите се свртеа и кон истражувањето за да откријат зашто мажите би требало да се повеќе подложни на инфекцијата, од жените.
Според едно вакво истражување – „виновникот“ би требало да биде машкиот, полов хормон-тестостерон.
Објаснувањето е дека овој хормон негативно влијае врз имунолошкиот систем кај мажите, што ги прави поранливи на коронавируот.
Истото истражување открива докази дека главниот женски хормон – естроген – пак, може да го подобри имунолошкиот систем, за разлика од хормонот кај мажите.
Само со ова сознание, некои експерти објаснуваат зашто жените поретко имаат тешки инфекции, а и имунолошки тие се посилни од мажите. Односно, мажите со зголемено ниво на тестостерон имаат ослабат имунитет и произведуваат многу малку антитела.
Влијание на годините
Секако, влијание врз тоа кој е колку подложен на инфекции, не зависи само од хормоните, во случајов со машкиот полов хормон, туку и од други причини и состојби, како на пример, дали едно лице боледува и од некоја друга болест, а тука треба да се земат во превид и годините и возраста.
Ковид-19 до сега покажа дека тој е ризичен и за мажите и за жените, ако се во поодминати години и ако се во длабока старост. Но, кога станува збор за мажите и за нивната зголемена подложност да бидат заразени со овој вирус, научниците објаснуваат дека, како и да е, возраста кај мажите треба да се врзува за тестостеронот, затоа што како тие стареат неговото ниво постојано се намалува.
Европското искуство, сепак, е различно од кинеското, најмногу затоа што на континентално ниво нема точна бројка за цела Европа. Во секој случај, лекарите уверуваат дека мажите остануваат да бидат почесто жртва на корона. Известувачот на Скопје/Глобал од Австралија, на пример, јавува дека на федерално ниво, таков е случајот и во оваа голема земја-континент.