Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Трамп го проширува Самитот Г-7

Трамп го проширува Самитот Г-7

Самитот Г-7, што требаше овој месец да се одржи во САД, се одлага за неколку месеци, најверојатно за во септември, но наместо седум земји-учеснички, американскиот претседател Доналд Трамп кој годинава е домаќин, ќе организира Самит во проширен состав, со уште четири други држави.

Одлуката за поместување на датумот за одржување на Г-7, како и за зголемување на бројот на учесничките ја има соопштено самиот Трамп.

Според американските медиуми, поместувањето го објаснил со сегашната криза со пандемијата со коронавирусот, која во САД е далеку најмногу раширена и со уверливо најголем број човечки жртви во светот.

За проширувањето на учесниците, што во основа е одлука на домаќинот, но досега тоа се правеше со претходен договор со другите редовни учесници на Самитот, има дадено поширока елаборација.

Таа, пак, само ја покажува сликата за актуелната администрација во Вашингтон и посебно за начинот на кој претседателствува Трамп, но и за тоа како се однесува кон она што светот го познава како меѓународна заедница.

„Старомодна група“

Групата Г-7 ја сочинуваат седум држави на западниот свет – САД, Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Јапонија и Канада.

На самитите последнава деценија како гостин, редовно, учествуваше и Европската унија, претставена, обично, преку претседателот на Европската комисија.

Трамп, кој откако е во Белата куќа на неколкупати досега се има соочено со несогласувањето на европските земји (кои се мнозинството на Г-7), како и на ЕУ, за низа надворешно-политички прашања, како климатските промени и нуклеарниот договор со Иран, на пример, а сега и со американското „казнување“ на Светската здравствена организација (СЗО), смета дека на Самитот треба да има и други учесници.

„Имам чувство дека (групата на седумината) не е соодветно составена. Светот не е соодветно претставен. Групата на држави е многу старомодна“

…има речено Трамп при објаснувањето зашто одлучил да повика неколку дополнителни учесници. А, тие се Русија, пред се, потоа Австралија, Јужна Кореја и Индија.

Седумината со гости?

И според оваа застапеност, може да се рече дека светот одново не е застапен на соодветен начин. Во тоа друштво ја нема една Кина, без разлика на сите нејзини гревови, а нема никого ниту од Латинска Америка, или од Африка.

Но, тогаш Г-7 би се претворил во обична копија на групата Г-20, што оваа година треба да го одржи својот 12-ти Самит. А, тоа, се претпоставува, не била целта на Белата куќа, кога се определиле за проширување на седумината во група од единаесетмина.

Засега не е познато дали ваквата одлука на Трамп значи создавање на некаква група Г-11, како замена за Г-7, или пак тоа ќе се врзе само за годинешново американско претседателство.

Допрва треба да се разбере како натаму ќе се развиваат работите, затоа што Русија, во еден период, беше постојан гостин на Г-7, но нејзиното присуство беше суспендирано со воведените санкции кон Москва, поради нејзината агресивна политика.

Седумината досега редовно ја продолжуваа суспензијата, иако откако е Трамп во Белата куќа, Вашингтон на неколкупати имаше предлагано да се повика Русија, назад на Самитите кои во тоа време се нарекуваа, Г-7, плус Русија.

Четири ново поканети

Но, за враќањето на Москва, претходно би требало да има согласност од сите во групата, што засега од никого не е соопштено.

ЕУ останува и натаму на санкциите, а односите со Москва се студени, особено поради руските настојувања за ослабување на единството на ЕУ, па дури и за поткопувањето на темелите на Унијата.

Британија, пак, иако веќе не е во ЕУ, продолжува да има целосно замрзнати врски со властите во Москва. Канада се судира со Москва околу Арктикот, а Јапонија за стариот „замрзнат“ проблем околу Курилските острови.

Трамп, меѓутоа, не крие дека сака да има врски со Русија и посебно поблиски врски со нејзиниот претседател, иако во меѓувреме успеа да растури неколку стари американско-руски договори за вооружувањето, предизвикувајќи гнев во Москва, но и помагајќи му на Владимир Путин да продолжи да го зајакнува руското вооружување.

Австралија е поканета како резултат на големата блискост на Трамп со австралискиот премиер Морисон, а на таа линија треба да се гледа и одлуката да се поканат индискиот премиер и јужнокорејскиот претседател.

Неформално летно дружење

Самитот Г-7 првично се најавуваше дека ќе се одржи во елегантниот голф клуб во Флорида, сопственост на американскиот претседател.

После избувнувањето на пандемијата беше договорено во јуни да има Самит како видео-конференција. Последното од Вашингтон, беше, сепак, да биде конференција „во живо“ во Белата куќа, или во Кемп Дејвид.

Но, Германија најави дека во тој случај Ангела Меркел нема да патува во САД, а изгледа дека таква била и сугестијата од Лондон, од Борис Џонсон. Сега се е префрлено за во септември, а тоа значи на помалку од два месеци пред изборите во САД.

Затоа и многу е веројатно дека одлуката за Самит „во живо“ на почетокот од есента, е замислена да се вклопи во изборната кампања на актуелниот претседател.

А, Самитот на земјите од групата Г-7, уште од својот почеток е определен како неформален. Како дружење на политичарите од седумте најразвиени економии во светот, во текот на летните месеци, секоја година во друга држава.

Идејата на поранешниот француски претседател Валери Жискар Дестен била со политичките лидери да бидат и нивните сопруги. Меѓутоа, сите учесници во групата мора да ги поврзуваат универзалните принципи – освен економската развиеност и слободата и демократијата, почитувањето на човековите права и владеењето на правото.

Фото: Г-7 Самитот во 2015 во Баварија, Германија. White House Photo by Pete Souza.

Фото: Г-7 Самитот во 2018 во Канада. This work is licensed under the Government of Japan Standard Terms of Use (Ver.2.0).

Фото: Г-7 Самитот во 2019 во Франција. Official White House Photo by Andrea Hanks.

(Д.В.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе