Маделин Мекан најверојатно е мртва?
Во мај 2007 година, во португалското одморалиште Праја де Луш, во реонот на Алгарве исчезна тогаш тригодишната Маделин Мекан од Лестер во Англија. Во Португалија девојчето се наоѓало на одмор, со своите родители и со помалите брат и сестра-близнаци.
Сите биле оставени заспани во хотелскиот апартман во кој престојуваше семејството Мекан, додека родителите биле на вечера во еден тапас-ресторан во соседството на хотелскиот комплекс каде се одморало ова британско семејство.
Грабнато на спиење
Само 1,5 час подоцна, кога родителите се вратиле во апартманот, веднаш забележале дека ја нема Маделин, која спиела покрај близнаците. Веднаш ја известиле португалската полиција, а таа почнала потрага, но можела само да констатира дека малечкото русокосо девојче, со крупни сини очи – го нема – исчезнато без трага.
Од тогаш трае потрагата низ Европа и низ светот по малата Меделин која, сега, доколку е грабната и се уште е жива, би требало да има без малку 17 години. Исчезната е на само неколку денови пред да го прослави својот четврти роденден.
Во потрагата, од 2011 година, со своја, независна истрага се вклучи и британскиот Скотланд Јард, а се вклучуваа и приватни детективски агенции кои ги изнајмуваа нејзините родители. Британската полиција се поврза со (без малку) сите европски полиции за да најде било каква трага за Маделин, но ништо во меѓувреме не се откри.
Виновникот е во затвор?
И наеднаш, од Германија, се огласи тамошното државно обвинителство со соопштение дека „девојчето е најверојатно мртво“.
Обвинителството уште тврди дека во еден германски затвор се наоѓа осуденик за кого Германците веруваат дека тој го има грабнато девојчето , па нему му ја припишуваат и одговорноста за нејзината смрт.
Според некои германски медиуми овој сега 43 годишник, за кого велат дека се вика Кристијан, го има извршено убиството. Тој, инаку, е осуден во Германија на долгогодишна казна затвор како сексуален манијак, кој има посебна слабост кон мали девојчиња.
Во Германија тој бил осуден и за грабежи по хотели и за препродавање дрога.
Се знае дека Германецот живеел во Праја де Луш меѓу 1995 и 2007 година и дека бил таму во времето кога било и семејството Мекан. А престојувал и кога е исчезната малечката Маделин.
Германските правосудни органи побараа помош од јавноста и соработка во текот на сегашната истрага, а колку што се знае од британските медиуми кои на објавите од Германија им посветуваат голем публицитет, за кусо време се јавиле над 250 граѓани.
Понудени на препознавање се неколку фотографии поврзани за настанот и за осомничениот, а пред се, тоа се слики од станот каде живеел во Алгарве, потоа едно возило „Фолксваген-караван“ и еден модел на „Јагуар“ од постар датум.
Според полицијата, токму овој автомобил би можел да ја има клучната улога во расветлувањето на случајот.
Полицијата има сознанија за еден долг телефонски разговор на осомничениот Кристијан, со едно лице, чиј идентитет засега не се открива. Разговорот бил на само 1,5 часа пред да исчезне Маделин, од кога го снемало и „Јагуарот“ што Германецот некому го испорачал, но и од кога и него го снемало од тој дел на Португалија.
Дете завиено во ќебе
Германската полиција сега вели дека детално го анализира тој телефонски разговор од кој би можело да се тргне во расветлување на случајот.
Весниците во Лондон, повикувајќи на германски изјави, тврдат дека тамошната истрага го поврзува осуденикот Кристијан со исчезнувањето и на едно германско, петгодишно девојче, слично на Маделин, за кое нема никаква трага неколку години
И уште – описот на тогаш 30 годишниот Германец, одговара на описот на „човек кој забрзано поминал низ Праја де Луш, носејќи во рацете заспано дете, завиено во ќебе“. Така го имаат опишано детаљот од настанот некои ретки сведоци кои се нашле на улица, во близината на хотелскиот комплекс, каде било на одмор семејството Мекан.
Португалските полицајци не им верувале на тие сведоци. Португалците тогаш ги сомничеа родителите дека самите (случајно) го имаат убиено своето дете, давајќи му лек за да спие додека тие биле на вечера!!
(Д.Л.)