Снаата на кралицата „верува дека Хари и Меган се среќни“
Софи, контесата од Васекс, која е снаа на британската кралица Елизабета, омажена за нејзиниот најмлад син, принцот Едвард, во разговор за лондонски „Сандеј тајмс“ има речено дека „верува оти Хари и Меган се среќни“ во нивниот нов дом во Калифорнија.
Ова е прв пат некој од кралското семејство да зборува за принцот Хари и за неговата сопруга Меган Маркл, војвотката од Сасекс, со разбирање за нивната (неочекувана за британската јавност) одлука да се повлечат од сите службени ројалистички обврски и (практично) да ја напуштат Британија – живеејќи на почетокот кусо време во Канада, а сега во Калифорнија, во САД, во близината на Лос Анџелес.
Единствена стабилна врска
А, контесата од Васекс е единствената во најтесното кралско семејство која успеа да го одржи бракот со Едвард, четвртото дете на кралицата и да остана нејзина снаа без никакви потреси. Во тоа не успеа сега покојната принцеза Дијана, како сопруга на престолонаследникот Чарлс, од кого се разведе бурно и со голем публицитет во лондонските таблоиди.
Не успеа ниту војвотката од Јорк, Сара Фергусон која се разведе од вториот син на кралицата, принцот Ендрју, сега срамно замешан во „секси“ аферата со американскиот милијардер Епстајн околу одржувањето тајни врски со постари малолетнички, обвинување што принцот го отфрла. Разведена е и единствената ќерка на кралицата, принцезата Ана.
Во интервјуто за весникот Софи зборува за своето искуство при нејзиното влегување во британското кралско семејство и при тоа контесата ја брани Меган, дека таа ни приближно ги немала можностите што ги имала сопругата на принцот Едвард.
Контесата од Васекс објаснува дека таа имала „многу повеќе време за да се адаптира“ за приклучување кон семејството „отколку што тоа го имаше Меган“. Софи открива дека таа пет години му била официјалната девојка на принцот Едвард, а откако била објавена свршувачката, шест месеци живеела во Бакингамската палата.
Во одбрана Меган
„Војвотката од Сасекс воопшто немаше таква можност и време за подготовка за својата нова улога” има речено контесата.
Во интервјуто таа зборува и за воспитувањето на нејзините две деца – ќерката и синот – за тоа дека треба да имаат свој живот, надвор од кралското семејство, што е истоветно со одлуката на Хари и Меган, за тоа како ќе го одгледуваат својот син Арчи.
„Со сопругот (Едвард) настојуваме да ги убедиме нашите деца дека многу е веројатно оти ќе мора да работат за да може да живеат. Уште обајцата одлучивме и да не ги користат ројалистичките титули кои им следуваат кога ќе наполнат 18 години. Малку е веројатно дека ќе ни се спротивстават“ – рекла за весникот нивната мајка.
Во разговорот за весникот Софи зборувала дека нејзините деца сега живеат „сосема нормален живот“ иако, како што рекла „не сите баба и дедо на нивните врсници живеат во замок“, додавајќи дека „во секој случај – кога се со кралицата, таа е нивната баба“.
Поправање на имиџот
Интервјуто на снаата на кралицата, за која се вели дека Елизабета има мошне високо мислење, во Лондон се смета дека има за цел да го поправи имиџот за кралското семејство и да прикаже едно поинакво мислење за него од она што го градат таблоидите.
Интервјуто, исто така, би требало полека да го рехабилитира Хари, а посебно да ја поправи сликата за Меган, така што нивната постапка, а посебно неројлистичкото гледање на принцот, не треба да се гледаат како некаков преседан.
Децата на принцот Едвард и на Софи се внуци на кралицата, како што се и Вилијам и Хари, но овие двајца се деца на престолонаследникот Чарлс, идниот британски крал.
Тоа, децата на Едвард, најмладиот брат на Чарлс, никогаш нема да бидат. Вилијам, пак, уште е и идниот британски крал, што Хари нема да биде.