Пилоти со лажни летачки дозволи
Пакистанската државна авионска компанија (ПИА) чии авиони летаат на меѓународни линии, суспендира 150 свои пилоти, сите осомничени дека (најверојатно) имаат лиценци за летање што се неважечки.
Според пакистанскиот министер за транспорт, голем број од пакистанските пилоти во комерцијалната и цивилната авијација, имаат лажни лиценци за летање, или пак биле откриени дека мамеле при полагањето на тестовите за добивање дозвола!
Истрагата била покрената, после паѓањето на патничкиот авион на ПИА, минатиот месец, при што загинаа сите 97 патници и членови на екипажот. Истрагата на пакистанските власти открила дека причина за авионската несреќа е грешка на човечкиот фактор- во комуникацијата на пилотот на авионот со контролата на летањето.
Пакистан важи за земја со чести авионски несреќи и со слаба безбедност во авионскиот сообраќај.
Истрагата на министерството за транспорт има откриено дека од 860 цивилни и комерцијални пилоти, дури 260 добиле дозвола на нечесен начин, со мамење на испитите, без да се знае дали тие навистина се оквалификувани за оваа одговорна професија.
Почина синот на Никита Хрушчов
Сергеј Хрушчов, син на поранешниот лидер на Советскиот Сојуз Никита Хрушчов, почина во САД, во својот дом во Род Ајленд, јавуваат американските медиуми. Имаше 88 години.
Тој се пресели во Америка и уште од 1999 година е американски државјанин.
Според полициските власти, Сергеј починал од повреди на главата, здобиени од огнено оружје.
Засега не се открива како синот на Хрушчов ги има здобиено повредите, но во првите наоди се вели дека нема знаци за напад од надвор.
Полицијата реагирала откако била повикана од неговата сопруга. Инцидентот се случил на 17 јуни и според полициски извори – случајот е затворен, без да се покренува обвинување против било кого.
По професија тој беше научник за ракетна технологија. Во САД е од 1991 година, по падот на комунизмот и распадот на СССР. Во САД работел како предавач за Студената војна, на Универзитетот Браун. По добивањето на американското државјанство има изјавено дека се чувствува како „повторно да се родил“.
Во друга прилика рекол дека неговиот татко Никита, кој почина во 1971 година, би го подржал во одлуката да се насели во САД. Сергеј Хрушчов ќе биде погребан во Москва.
Осуден Британец кој фрли дете од 10 кат
Осумнаесетгодишниот Британец Џинти Бревери е осуден од кривичниот суд „Олд Бејли“ во Лондон на – најмалку 18 години затвор – затоа што од балконот на лондонската галерија Тејт Модерн, што е на 10 кат, фрлил едно тогаш пет годишно дете!
Според обвинителот во случајот, осудениот е опасен млад човек кој е виновен затоа што намерно го фрлил детето во амбисот. Истрагата покажала дека Бревери планирал да изврши напади врз деца.
Инцидентот се случил во август минатата 2019 година, среде бел ден, додека детето со своите родители, инаку туристи од Франција, било во посета на галеријата.
После нападот, детето се наоѓаше во мошне тешка состојба, со внатрешни крварења во мозокот и по телото и со низа разни други повреди опасни по животот. Лекарите имаат изјавено дека е вистинско чудо како воопшто останало живо.
Долго беше на лекување во една лондонска болница, а од есеноска е префрлено во Франција.
Сега закрепнува, иако животот и натаму му е во опасност, па во Франција е на 24 часовна здравствена поддршка. Лекарите сметаат дека ако остане жив, малечкиот ќе има последици во текот на целиот свој живот.